ДРАГАН МИШЕВ
Петтата инаугурација на Владимир Путин за претседател на Русија која се одржа во вторникот, 7 мај 2024 година, ја одбележа бојкотот од повеќето западни земји кои одбија да учествуваат на церемонијата на инаугурација поради неговата војна во Украина и извештаите за изборна измама поради што тие ја отфрлија изборната победа како оркестрирана за да му обезбеди убедлив резултат.
Седумдесет и едногодишниот Путин ја положи претседателската заклетва на раскошна церемонија во големата палата Кремљ во Москва, на која присуствуваа високи руски политичари други достоинственици. Иако забележително отсутни беа претставници од САД, Велика Британија, Канада и повеќето членки на Европската унија. На церемонијата во Москва не присуствуваше ниту амбасадорот на Северна Македонија во Руската Федерација, Ненад Колев, додека Украина, што беше за очекување, изјави дека нема да го признае Путин за претседател на Русија. Нивното отсуство се обидоа да го надополнат неколку познати контроверзни ликови, меѓу кои и поранешната холивудска ѕвезда, Стивен Сигал.
Путин доби можност да се натпреварува на изборите во март, каде што освои над 87 отсто од гласовите, користејќи ја предноста од сплавот уставни реформи во 2020 година, кои, според пишувањето на РФЕ/РЛ, му дадоа право да бара уште два шестгодишни мандати, што значи дека може да остане на функцијата до 2036 година.
Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувство на легитимност. Тие се нарушени со исклучувањето на опозициските кандидати, заплашувањето на гласачите, полнењето гласачки ливчиња и други средства за манипулација.
„Ние секако не ги сметавме тие избори за слободни и фер, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи во тоа својство“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер пред инаугурацијата.
Овие избори беа првите откако Путин ја започна својата војна против соседна Украина во февруари 2022 година, а на двајца антивоени кандидати им беше забрането да се кандидираат против него поради технички прашања, додека во меѓувреме, неговиот најголем политички непријател, Алексеј Навални, почина додека беше во сибирски затвор еден месец пред Русите да излезат на гласање.
„Војна, политички убиства, осиромашување на Русите. Нема просперитет за Русија, нема мир и слобода за нашите граѓани“, рече вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, во објава на социјалните мрежи на 7 мај.
„Нашата земја ја води лажго, крадец и убиец. Но, на ова дефинитивно ќе му дојде крајот, напиша Навалнаја.
Откако започна целосна инвазија на Русија врз Украина, односите меѓу Москва и Западот се влошија на најниско ниво од крајот на Студената војна, при што западните сојузници на Кијив ја дадоа својата поддршка на борбата на Украина за одбивање на убедливо посупериорните руски сили.
„Ние веруваме дека изолацијата на Русија, а особено на нејзиниот криминален лидер, мора да продолжи“, рече министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, објаснувајќи ја одлуката на неговата земја да ја бојкотира церемонијата.
„Учеството во инаугурацијата на Путин не е прифатливо за Литванија. Наш приоритет останува поддршката за Украина и нејзиниот народ кој се бори против руската агресија.
Владимир Путин, кој би можел да го надмине Јосиф Сталин како лидер со најдолг стаж во Русија по Катерина Велика, доколку го заврши овој последен претседателски мандат, го започна петтиот мандат како руски претседател во палатата во Москва пред толпа лица, како што објави Скај њуз, вклучувајќи го и контроверзниот американски актер, Стивен Сигал и водачот на бандата моторџии.
Списокот на странски достоинственици, наводно, вклучувал претставници од неколку европски земји – Франција, Унгарија, Словачка, Малта, Кипар и Грција – кои навестуваат поделеност меѓу западните земји за тоа како да се однесуваат со Путин поради повиците на руската опозиција да го прогласи за нелегитимен, но, омилен гостин на про-Кремљ коментаторите по се изгледа дека беше поранешниот холивудски актер Стивен Сигал, кој стана голем навивач на режимот на Путин. Сигал, кој сега е руски државјанин, како поддржувач и сојузник од Путин доби доби медал – Орден за пријателство, а во 2018 година самиот руски претседател го назначи за специјален пратеник на Русија во САД. Запрашан зошто го поддржува Владимир Путин, Сигал прашањето го нарекува „глупаво“
Иако кружат гласини дека е со нарушено здравје, церемонијата не ја пропушти ниту шефот на Чеченската Република и сојузник на Путин, Рамзан Кадиров, злогласниот владетел со Чеченија, федерална република на Русија, кој од 2007 година добива значителна слобода од Путин во замена за обезбедување на стабилноста на регионот и поддршка на руската воена агресија со испратќањето на илјадници свои борци во Украина.
На церемонијата присуствуваше и водачот на моторџиската банда „Ноќни волци“( каде како водач на македонскиот огранок на мото клубот се јавува директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски кој беше организатор на протестот на превозниците кои во декември 2022 година го парализираа главниот град Скопје), Александар Залдостанов познат како „хирургот“, кој е обвинет од САД за вмешаност во анексијата на Крим.
И секако, неизбежниотг рускиот патријарх Кирил – кој му даде „божествениот благослов“ на Путин нарекувајќи го „Ваше височество“ и изрази надеж дека Путин „ќе владее до крајот на својот живот“.
Владимир Путин во вторникот ја положи заклетвата за петтиот мандат како претседател на Русија, давајќи му „Потемкинова“фасада на легитимитет на процесот во кој тој го промени уставот и спроведе лажни избори за продолжување на неговото четвртвековно владеење за уште шест години.
„Оттука па натаму тоа е повторување и деградација“, напиша политичкиот аналитичар од Лондон Владимир Пастухов.
Честитки на Путин по повод инаугурацијата за претседател на Русија упатија традиционалните руски сојузници: кинеското Министерство за надворешни работи, од каде додадоа дека претседателот Си Џинпинг веќе испратил честитка до Путин за неговиот реизбор истакнувајќи дека кинеско-руските односи останале здрави под стратешкото водство на двајцата водачи; севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун кој испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин честитајќи му за почетокот на неговиот петти мандат на функцијата му посака големи успеси во работата за Русија и нејзиниот народ; сирискиот диктатот Башар ал Асад кој честитајќи му ја инаугурацијата на Путин, му посакува добро здравје и изрази уверување дека Русија ќе види поголем напредок, просперитет и раст под водство на Владимир Путин.
Сепак, честитката на која петкратниот руски претседател најмногу и се израдувал била од Родина Македонија, која во своите честитки до Владимир Путин за неговата инаугурација за Претседател на Русиј истакнува дека Родина Македонија посебно ја цени улогата на Русија во создавање на поправеден меѓународен поредок, каде народите ќе живеат слободно.
Токму вашето лидерство во изминатите децении поттикна многу народи да се отргнат од канџите на колонијалното ропство и да тргнат по патот на независноста. Ви посакуваме уште еден успешен мандат и уште посилна Русија, се вели во честитката од Родина Македонија која го трогна старо-новиот руски претседател. (ЦивилМедиа)