Во уметничката галерија Куманово, вечерва ќе биде отворена изложбата и ќе биде промовиран каталогот „Икони од 19 век т.н. руски од кумановскиот регион“. Пред кумановската публика ќе бидат презентирани петнаесет икони познати како „руски“ од 19-тиот век.
Презентацијата на каталогот и изложба се завршница на осумгодишниот конзерваторски проект во кој во повеќе фази се конзервирани околу 80-тина икони, кои при првата селекција не влегле во постојаната поставка на галеријата на икони на катот од црквата Св. Никола во Куманово.
– Иконите се од повеќе цркви од кумановскиот регион, Забелски манастир, од Свети Јован од село Режановце, Свети Никола од Павлешенце, Света Троица од Куманово. На почетокот од деведесеттите години од минатиот век, колегите имале собирна акција на икони од различни цркви од кумановскиот регион. Тие се дел од галеријата на икони во Соборниот храм Свети Никола. Дополнително, очекуваме и овие икони да бидат од галеријата, изјави авторката Неда Митковска, инаку виши кустос, историчар на уметност од НУ Музеј Куманово.
Настанот е посветен на Богдан Таневски (1958 – 2022), историчар на уметност, советник – конзерватор – раководител на проектот.