Францускиот институт во Скопје годинава слави пет децении од своето основање и мисија за промоција и презентација на француската култура, мисла и јазик во земјава, и влог во културната размена меѓу Северна Македонија и Франција.
Иго Бештел, директорот на Францускиот институт, во разговор за МИА говори за значењето на овој голем јубилеј, што ќе го одбележат вели со најдоброто од Франција – мошне атрактивна и разновидна програма која ќе се реализира под мотото “извонредност и иновација“.
-За нас овој јубилеј навистина претставува голем момент поради тоа што Францускиот институт е најстарата странска институција која што е присутна тука во Скопје и во Северна Македонија. Тоа е на некој начин потврда на долготрајнотото пријателство кое ги поврзува Франција и Северна Македонија, вели меѓу другото Бештел.
Отворањето на прославата за 50-годишнината на Францускиот институт е со танчерската претстава „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки која утре вечер во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе ја изведе француската театарска група „Кафиг“ .
Ова ексклузивното гостување на „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“, е подготвено во соработка со Танц фест Скопје 2024, со чиј настап ќе биде затворено и годинашното 20. издание на танцовиот фестивал. Меѓу содржините е и проекцијата на филмот кој го отвори годинашниот Кански фестивал, „Втор чин“ од Кантен Дипје, кој ќе биде прикажан како претпремиера за целиот балкански регион на 5 јуни во Синеплекс, а програмата завршува на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.
Во сторијата збогатена со видео изјави што МИА ќе ја објави утре Бештел се осврнува и на проектите на Францускиот институт, за перцепцијата што Франузите ја имаат за земјава и за регионот, воопшто, и улогата на културата во реобликување на тој имиџ кој доминантно се поврзува со случувањата од распадот на поранешна Југославија.
Во изминатите 50 години Институтот успеа да изгради и се наметне со свој препознатлив идентитет пред се преку своите активности како едукативен центар, но и да придонесе за културната динамика во градов и земјава со организирањето на најразновидни културни настани, филмски проекции од новата француска продукција, предавања и гостувања на познати автори и интелектуалци од Франција.