Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што е она кое ја обликува за да стигне до претседател на држава?

Силјановска не е запаметена по никакво дисидентство во еднопартиската држава на Југославија; ни се појавува како дел од владата на Црвенковски, за кого ќе рече, „опасен и паметен мангуп“

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Добро, победија, нема тука што повеќе да се одземе и додава. Моќта и „прогресот“ не можат без граѓаните. А граѓаните си го кажаа своето на изборите. И тоа, ако веруваме во демократија, мора да го уважуваме.

Сега доаѓа време за прашања: прво прашање кое логично ми се поставува – кој ја прави оваа влада? Каква ќе биде земјата со Мицкоски и албанската „Влен“, заедно со останатите коалициони привезоци, сателити и сателитчиња? Ќе биде ли мултикултурна, мултиконфесионална, Европска или сецесионистичка? Дали ќе се протеруваат „вештери“ и „вештерки“ внатре во земјата а помеѓу соседите ќе детектираат „грабливци“ кои ни мислат лошо (уште ли ќе се самооплакуваме или ќе решаваме проблеми?)? Стартот им беше „одличен“ – тргнаа на јуриш, а потоа веројатно се отрезнија, прикочија и застанаа на топка.

Некој со „истанчен нос“ (за малку не реков „сенс“!) може да праша: „зошто велиш ‘стартот им беше одличен’ кога госпоѓата претседателка ни рече дека ќе биде претседателка на сите граѓани и нема многу да го ‘шмиргла’ партикуларниот свет на  Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“? Од друга страна, ми се поставува уште едно прашање: што е она кое ја обликува Гордана Силјановска за да ја доведе до позиција претседател на држава? И зошто некои од нас со тоа имаат фундаментален проблем.

Тоа ви е онаа жена која ви стана претседател на Северна Македонија (само без Северна, нели?) само за да… што, всушност?  Навистина појма немам, барем засега. Силјановска е нивното „претседателско бебе“, тие кои ја создадоа и си ја гласаа сега нека си ја лулкаат. Јас не ја гласав, гласав за некој друг, тој некој друг не беше доволно надгласан, и сега јас сум ви тука за да си го бранам својот глас. Демократијата тоа ми го дозволува, како што на оние другите им дозволува да си ја гласаат Силјановска така убедливо (оти не сме сите така еманципирани како гласачите на Силјановска, Мицкоски & co.). И зошто ваквите како мене гледаат извесен проблем?

Како и купишта други, Гордана Силјановска изникна од (а)историскиот мрак уште во деведесеттите, во оној свет на легализација на политичко-светонадзорен плурализам, од таа посткомунистичка страна на источниот дел на Европа, заедно со тажната ни Македониичка, забревтана од некој очаен, неартикулиран, еклектичен и фолклорен национализам, некаква си министерка во владата на Црвенковски во раните деведесетти.

Имено, не велам дека национализмот и во други земји и континенти е нешто друго, затоа што не е, ама овој нашиот само беше гротескен: „митинзите“ соцреалистички, „православни“, масовно урлање на никој и кон ништо, хистерични тетки со „ладни и трајни“ флизулчиња, како и оргии од нарцизам и самосожалување за себе и земјата во која живеат.

Силјановска не е запаметена по никакво дисидентство во еднопартиската држава на Југославија; ни се појавува како дел од владата на Црвенковски, за кого ќе рече, „опасен и паметен мангуп“. Во тоа време, додека министерува Силјановска, и тогаш не е баш млада (како што не е млада ниту денес): има некои четириесетина години и се претпоставува дека знае што сака од себе и светот.

Не само што во деведесеттите го бира тој транзиционен масакар, туку и триесетина години подоцна повторно го бира најлошото од целата политичка понуда. И во двата случаи не се работи за младешки избор на незрел човек, оној анонимен следбеник што е сјебан од транзицијата, паланечки лузер кој ни сам не знае кој е тој што главата му ја носи во торба низ историските вирови и земјотреси, туку се претпоставува дека се работи за човек што е образован и знае да собере два плус два.

За волја на вистина, во тоа најлошо и со најлошите, Силјановска собира сè што во својот „историски“ живот има, а во „предисторискот“ нема: познатост, статус, пари. Власт и моќ, всушност. Сè она кое во популарните претстави се нарекува „да се биде Некој“. Е, сега, некои во такви околности пишуваат дисидентска литература, шокираат јавност и секогаш се контра национализмот и неговите деривати, а некои други се посветуваат на многу „поопасни“ хобија. И затоа нам овде секогаш ни се потрефуваат најлошите случаи.

Добро, ама нели на Силјановска Г. ѝ се случи некакво „оплакнување“? Нели е сега Силјановска Европска? Размислувајќи за тоа, на ум ми падна Светлана, не Гордана, ами Слапшак. Жена која константно беше под присмотра на државна безбедност, феминистка, организираше штрајкови, со скршена аркада влегуваше во својот дом заради своите убедувања и желба за слобода и демократија; одземен и е пасошот, па вратен, за повторно да и биде одземен. Средината на деведесеттите исфрлена е од здружението на книжевници, апсена, прогонувана со децении… Светлана Слапшак едвај успева да избегне и затворска казна.

Се шегувам, драги мои, не е Силјановска тој формат, ниту за тоа има капацитет, а денес е малку доцна за такво „феминизирано“ бунтовништво. Напросто, далеку е таа од тој формат за светлосни години. Мислам, ви се молам, каква е таа феминистка која вели: „Како може да го критикувам Мицкоски кога тој е лидер на партија“?

Кои се својствата на презимето Силјановска? Има нешто во тоа презиме? Нема. Само во меѓувреме остарело, и тоа е сè. Нема созревање без саморефлексија, сè останато е врескање и урлање.

Зачлени се на нашиот е-билтен