Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување“, така зборуваше Мицкоски како лидер на опозицијата

„Партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување“, така зборуваше Христијан Мицкоски како лидер на опозицијата. Уште велеше „ако сакаме да градиме држава заснована на знаење и компетенции, партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините. Ова сега што го зборувам можеби на многумина и во нашата партија нема да им се допадне, но мислам дека од некаде треба да се почне. И ако тоа треба ние да го почнеме како и многу процеси во државата, да го почнеме“.

Но, за тоа како почна Мицкоски уште на почетокот на мандатот говори анализата на новинарката на агенцијата МЕТА, Мери Јордановска во текстот „Партизацијата продолжува – „свои“ луѓе на чело на институциите под превезот на в.д. директори“, кој го пренесуваме во целост.

Мери Јордановска*

Продолжува практиката на именувањето вршители на должност како директори во јавните претпријатија. Со смената на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како лавина почна именување на нови в.д. директори во институциите, односно без распишан јавен оглас.

Нови в.д. директори добија ТИРЗ, Управата за извршување санкции, Агенцијата за храна и ветеринарство , Национални шуми, Фондот за здравствено осигурување, Јавното претпријатие за државни патишта.

Понатаму, овие в.д. директори повторно ќе назначат (свои) в.д. директори со мандат од 6 месеци во институциите под чија капа се и така овој процес се шири во речиси секоја втора институција.

Патем, ова го покажаа и истражувањата на Центарот за управување со промени (ЦУП) во изминатиот период – дека институтот „вршител на должност или ВД“ се користи во сите области на делување и во сите типови на институции. Така во текот на изминатите години високи 39 отсто од директорите на 252 институции од јавниот сектор биле поставени како вршители на должност (в.д.), целосно дискреционо.

Инаку, институтот ВД директор треба да се користи во исклучителни ситуации, до изборот на директор, бидејќи при именување на в.д. директори, кандидатите не е нужно да ги исполнуваат минимум условите дефинирани во законите.

Фото: Лична архива

„Законите или не дозволуваат или го ограничуваат назначувањето на ВД директори на шест месеци, но во пракса овој инструмент се користи многу почесто и подолго, спротивно на законската регулатива. Една од причините зошто институтот вршител должност се користи повеќе пати последователно е затоа што на тој начин се дозволува избегнување дури и на минимум поставените т.е. основни критериуми (пример образование или работно искуство во областа) при именување и назначување на лица кој на овие позиции доаѓаат исклучиво по пат на политика“, вели Неда Малеска, извршна директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП).

Пример е скорешното именување на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Законот за извршување на санкциите, на пример, предвидува дека при избор на директор потребен е јавен оглас и исполнување услови како што се високо образование, неосудуваност, најмалку 10 години работно искуство, од кои пет години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи“ (што пак дава доволно простор за толкување). Но, во случајов се избегнуваат и овие услови, па Пандов, а и останатите в.д. директори се назначуваат на владина седница, без јавен оглас.

Принтскрин, Закон за извршување на санкции

Кој е домино ефектот и какви импликации има ваквото назначување?

„Директорот на Управата за извршување на санкции понатаму ги именува директорите на сите казнено -поправни и воспитно поправни установи. И за избор на директорите на овие установи нема пропишана постапка, само јавен оглас и минимум услови (високо образование, неосудуваност,да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи, јазик)“, потенцира Малеска.

Именувањето на директор на овие казнено-поправни и воспитно-поправни установи ги именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија на предлог на директорот на Управата за извршување на санкциите, која е орган во состав на Министерството за правда.

Досега, пет раководни лица во казнено поправните установи биле вршители на должност, иако Законот за извршување на санкциите воопшто не допушта именување на вршители на должност. Дополнително, во три од петте казнено поправни установи кои доставиле податоци во Центарот за управување со промени се именувани заменици на директорите. Овие лица пак одлучуваат за положбата и условите за притворените лица и затворениците.

И по седум пати еден ист човек поставуван за в.д. директор

Фото: Социетас Цивилис

Идејата за постоење на можноста да именувате вршител на должност е за да можете набрзина да поставите директор, кога во исклучителна ситуација таквото место ќе се испразни – оставка, отказ, смрт итн. На оној што именува му треба флексибилност, а тоа во превод значи олеснети услови за именување за да може набрзина да пополни празнината, објаснува за Мета.мк, Миша Поповиќ, раководител на центар за добро управување во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Меѓутоа, додава тој, кај нас, оваа олеснета процедура на поставување на т.н. „в.д“ се искористува најчесто од неколку причини: за да се заобиколат критериумите кои лицето кое ќе директорува треба да ги исполни, за да се избегне конкуренција од други потенцијални кандидати; за да се покаже на потенцијалните кандидати кое е посакуваното лице, за да се обесхрабрат и да не се пријават во оној момент кога ќе има оглас.

Дополнително, постојат повеќе случаи каде временското ограничување од шест месеци се изигрува, се повторува именувањето на дополнителни шест месеци, само за да може да се употреби исклучиво дискреција во именувањето без сметање на критериуми и квалитет. Или накратко, потребата за флексибилност за исклучителните случаи се злоупотребува, вели Поповиќ.

Од сето ова, ефектите се дека со именување на лица кои инаку не би можеле во конкурентни услови да се искачат на врвот на ранг листа, се губи можноста со институциите да раководат најспособните од потенцијално заинтересирани кандидати.

„Напротив, барем кај нас, филтерот е партиската лојалност во најголемиот дел од случаи, со чест на исклучоци. Со тоа, амбицијата и работливоста кај вработените се обесхрабрени и квалитетните кадри бараат решение во приватниот сектор или во странство“, вели Поповиќ.

Со години, Антикорупциската комисија реагираше на оваа практика на поставување в.д. директори.

Заедничко за сите овие именувања е што функцијата ВД директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори. В.Д. директорот во принцип треба да биде именуван за рок од 6 месеци, додека не се пополни местото на јавен конкурс, но наместо тоа, комисијата се соочила со примери кога еден ист човек и по 7 пати во континуитет е именуван за В.Д. директор, иако времетраењето на нивната функција треба да е ограничена, изјавуваа од ДКСК, но за ова досега немаше и нема слух ниту една владејачка структура.

Кој е излезот?

На донесувањето на Законот за висока раководна служба се гледаше како на едно од можните решенија за стандарди за професионализација на високата раководна служба. Но овој закон, изготвен уште од 2019 година, беше изготвен, па повлечен од собраниска процедура и потоа не ја виде светлината на денот.

„Одложувањето на спроведувањето на законот доведува до продолжување на практиката на нетранспарентни и неквалитетни именувања на директори и раководители. Со цел да се сопре оваа пракса, неопходно е итно донесување на Законот за висока раководна служба и негова примена.Недоречената правна рамка во моментов дозволува злоупотреба и распределба на позиции во нетранспарентни постапки, базирани на партиска припадност и коалициски договори. Ова резултира со неефикасност на институциите и го нарушува навременото и квалитетно испорачување на услуги до граѓаните“, изјавуваа од Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Меѓународната заедница низ годините ја посочува потребата од департизација и вложување во капацитетите на јавната администрација. Овој закон требаше да обезбеди најсоодветни кадри кои ќе раководат со институциите и да превенира партиски пазарења.

Социетас цивилис пред изборите апелираше дека сега е вистинско време да се вложат напори и да се донесе Законот за висока раководна служба, пред распуштање на Собранието за претстојните парламентарни избори, но такво нешто не се случи, а продолжи практиката на именување в.д. директори.

Преземено од МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен