Иран: Постигнавме договор со Кина за Хормуз

Иран

Иран почна да дозволува одредени кинески бродови да минуваат низ Ормутскиот теснец откако постигна договор за иранските правила за управување со водниот пат, објави денес полуофицијалната новинска агенција Фарс, повикувајќи се на информиран извор.

Извештајот на новинската агенција Фарс дојде во време кога американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во државна посета на Кина, постигна договор со кинескиот претседател Си Џинпинг дека Ормутскиот теснец мора да остане отворен за слободен проток на енергија.

Извор за „Фарс“ изјавил дека одлуката е донесена по барањата на кинескиот министер за надворешни работи и кинескиот амбасадор во Иран, при што Техеран се согласил да го олесни преминувањето на одреден број кинески бродови во согласност со стратешкото партнерство на двете земји.

Иран значително го ограничи сообраќајот низ Ормутскиот теснец од почетокот на американските и израелските напади на 28 февруари. Блокадата на иранските пристаништа од страна на САД, воведена неколку дена по прекинот на огнот договорен на почетокот на април, ја продолжи кризата во водниот пат низ кој минува една петтина од светската трговија со нафта и природен гас.

Не беше веднаш јасно до кој степен овој потег ќе ја промени ситуацијата на терен, со оглед на тоа што Иран веќе посочи за време на војната дека неутралните бродови, особено оние поврзани со Кина, можат да поминат низ теснецот ако се координираат со иранските вооружени сили.

Податоците од следењето на бродовите покажаа дека кинески супертанкер што превезувал два милиони барели ирачка сурова нафта поминал низ Ормутскиот теснец во среда, откако бил блокиран во Персискиот Залив повеќе од два месеци поради војната меѓу САД и Иран.

Најчитано