Македонската ракометна репрезентација вечерва од 19:00 часот против Словачка го игра првиот дуел од баражот за пласман на Светското првенство 2027 година.
Првата станица на избраниците на Кирил Лазаров е арената во Прешов, каде нашиот национален тим ќе бара добар резултат кој ќе ги подотвори вратите кон Мундијалот пред реваншот во Скопје.
Селекторот на репрезентацијата Кирил Лазаров очекува исцрпувачки и тензичен натпревар.
Лазаров посочи дека македонските ракометари се свесни за важноста на дуелот против неатрактивен, но квалитетен противник.
„Влогот е огромен. Изминатата деценија постојано сме присутни на светските и европските првенства и тоа е дополнителен притисок за нас. Словачка е неатрактивен противник, но тоа не значи дека не е квалитетен. Напротив, мислам дека треба да го почитуваме секој противник“, изјави Лазаров.
Селекторот наведе дека репрезентативците се подготвени да го дадат максимумот на дуелот во Прешов и да обезбедат поволен резултат пред реваншот в недела во Скопје.
