Филипче: Не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ

„Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче појасни дека внесувањето на малцинствата во Уставот е услов поставен од Европската Унија, а не билатерално прашање со Бугарија, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава конфликти, страв, ја лаже и манипулира јавноста.

„Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, повторувам на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО таа сака да го прикаже, не е предавство”, рече Филипче.

Тој посочи дека внесувањето на бугарското малцинство во Уставот не претставува закана за македонскиот идентитет, туку како што кажа, напротив, дополнително го зацврстува.

„Никако не е ризик по нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно дека бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави со ова паѓа во вода. Од тој момент, кога ќе бидат внесени Бугарите како малцинство во државата, тогаш се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ. Со уставните измени го зајакнуваме, не го слабееме, никако не го ризикуваме нашиот национален идентитет. И тоа е успех на нашата дипломатија, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со поддршка на Европа”, потенцираше Филипче.

Најчитано