Ѓорѓи СПАСОВ*
Ахмети на својот настан за обележување на 23 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ни порача дека „Македонците како народ можат да напредуваат само ако се во добра комуникација и хармонија со Албанците. Во спротивно ќе бидат проголтани од Србите. Бугарите и Грците”.
Колку и никој да нема ништо против добрата комуникација на Македонците и Албанците и да го смета тоа за корисно, важно и неопходно, вака кажано од Ахмети може да биде и разбрано како „Без соработка со нас, вие Македонците нема да постоите”.
И тоа звучи како закана, па дури и како јавно понижување во смисла: Вие без добри односи со нас би биле никој и ништо односно, би исчезнале како нација и народ.
Убеден сум дека арогантниот и во моментов, гневниот Ахмети, што не е дел од власта за првпат по неговата револуција од 2001 година, тоа и го мисли и можеби не е свесен дека јавно ги омаловажува и навредува Македонците.
Причината за овој негов вокабулар е што чуствувал дека, со тоа што неговата партија ДУИ не е дел од новата влада, биле понижени Албанците во Македонија.
Албанците од коалицијата ВЛЕН кои се дел од новата владина коалиција тој одамна не ги признава за Албанци.
Неговиот слоган е: Албанците во Македонија тоа сум јас и ДУИ со оние што уште не го напуштиле како Изет Меџити и многу други.
Иако во коалицијата на ДУИ тој има и бошњачки и турски и ромски партии, Ахмети бара почитување на „етничкиот легитимитет”.
Тоа значи дека ако некоја партија се определи да биде граѓанска, отворена за членство од сите етнички заедници, таа во тој момент го губи својот „етнички легитимитет” и не може да биде претставник на нити една од етничките заедници во Македонија.
Тоа што во Уставот пишува дека легитимитет на власта произлегува од граѓаните, кои кај нас имаат право да се организираат и во етнички партии, тоа изгледа за Ахмети веќе не важи.
Тој би сакал јасно и за секогаш да се знае која е партија на Албанците, која на Македонците и ако има повеќе такви партии, да се знае која е на Големите Македонци и која е на Големите Албанци. Се друго би било боранија која им ги пореметува сметките на големите.
И тоа е тој концепт за целосна етницизација на политиката и на општеството, насилното пикање на граѓаните во етнички торови за да можат етничките и племенски водачи да продолжат да ги одржуваат и продлабочуваат поделбите.
ДУИ од денот на своето формирање воспостави монопол во политичкото преставување на Албанците.
За таа партија, а не за Македонците, секој Албанец што не е член на ДУИ не е добар Албанец, па дури е „слуга на Македонците” и предавник на албанското национално дело.
Тој монопол се чуваше со години, со присвојување од страна на ДУИ на сѐ што се однесува на рамноправноста на Албанците во Македонија, со создавањето на огромно клиентилистичко тело на партијата преку тоа што 25-те проценти од местата во министерствата и администрацијата, па и тендерите за Албанците, ги добиваше ДУИ за своите приврзаници. И така ниту една погрешна политика на било која влада, заради што се менуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на власт, не се одразуваше на изборниот резултат на ДУИ. Тие си обезбедуваа изборна неказнивост со својот „етнички легитимитет” и можеа во секоја идна влада да се однесуваат уште понеодговорно и поарогантно.
Можеше често да се слушне дека од нив зависи мирот, стабилноста, и иднината што и да прават како дел од било која влада.
Им одеше во прилог што другите етнички партии на Албанците беа политички разединети, а со својата моќ ДУИ лесно ги корумпираше и разединуваше.
И сега, кога тие конечни се обединија и станаа фактор во земјава, ДУИ и Ахмети, губењето на нивниот политички монопол во претставувањето на Албанците не можат да го поднесат .
Затоа беа потребни одвоени одбележување на годишнината од Рамковниот договор, различни интерпретации на неговата содржина и нови идеи од ДУИ за претворање на Македонија во Швајцарија на Балканите.
А сѐ се сведува на политиката на Калимеро. Нема правда. Не понижуваат. Не сме „лошите Албанци”. Сите други што не мислат како нас се „македонски националисти” кои ќе ги лапнат Србите, Бугарите или Грците ако не соработуваат со нас само врз принципите кои ние ги признаваме за исправни.
*Текстот е преземен од Фејсбук објава на авторот