Орхан веќе 41 месец престојува во Воспитно-поправниот дом – Тетово, мерка која му е изречена поради судир со законот. Наскоро ќе излезе, а во овие помалку од четири години, како што вели во разговор со новинарската екипа на МИА, научил повеќе вештини, меѓутоа, не се стекнал со формално образование.
Пред да биде упатен во Домот, штитеникот успеал да добие свидетелство до четврто одделение, и тука застанува неговото образување.
– Полнам 41 месец откако сум тука. Времето го исполнувам со спортски и воспитни активности. Имаме работа во кујна, обука за изработка на пластични завеси и компјутерски вештини. Тука се здобив со сертификат за бербер, за компјутери, за столарство. Учев, но немавме свидетелство и тоа не е баш добро. Имам учено до шесто одделение, а имам свидетелство до трето или четврто, вели Орхан (името на штитеникот е измислено заради заштита на неговиот идентитет).
Тој е еден од 17-те штитеници во Домот, од вкупно 25, кои немаат завршено основно образование. Осуммина од штитениците се неписмени, а во моментов тројца се запишани во средно училиште – вонредно.
Проблемот со недостигот на образование во воспитно-поправните установи и неможноста институциите да го формализираат остава ненадоместливи последици врз животот на Орхан и другите штитеници кои низ годините ја издржуваат мерката во Домот, а излегуваат оттаму необразовани.
Покрај многуте написи на МИА за ова прашање, апели од Народниот Правобранител и Европската Комисија, во нивна корист и Основниот граѓански суд на Република Северна Македонија во 2022 година утврди повреда на еднаквост во остварувањето на правото на образование и донесе пресуда со која ги задолжува тужените Министерство за правда, Управа за извршување на санкции, Министерство за образование и Воспитно поправен дом – Тетово за учебната 2022/23 година да обезбедат формално основно и средно образование во ВПД-Тетово.
Две години подоцна, новата учебна година е во тек, а задолженијата од пресудата не се исполнети. Образовниот процес за штитениците од ВПД-Тетово не започна. Како и лани, овие деца на првиот училишен ден повторно не седнаа во училишните клупи да учат. Годинава нема проект, како што досега со прекини се спроведуваше образованието, а најавените законски измени коишто трајно ќе го решат проблемот, се очекува да бидат усвоени во ноември.
Основното образование ќе почне по законските измени, најверојатно следната година
Директорот на ВПД-Тетово, Бране Стојчевски, на оваа функција е помалку од два месеца. Како и неговиот претходник и тој се соочил со недостигот на образование. Вели дека ги информирале надлежните институции, Управата за извршување санкции и Министерството за образование и наука, од каде им посочиле дека се во тек законски измени што треба да се донесат, па потоа и формално да се организира процесот.
-Проблемот со образованието е затечен од моја страна. Образовниот процес не се остварувал согласно законските процедури. Се спроведувал со ад хок проекти, кои се несоодветни и самите деца немаат за тоа дипломи, добиваат некои сертификати, кои не би им помогнале понатаму кога ќе излезат од тука да го продолжат своето образование, да најдат работа, да се запишат на факултет, вели Стојчевски.
Дополнува дека ова е системски проблем кој не е од вчера и за негово решавање треба да дојде до измена на одредени закони.
-Решението не може да биде со проекти, ниту да биде брзоплето. Доколку веднаш не го направиме тоа, повторно може да влеземе во некои проблеми. Затоа не би требало ад хок да се решава, значи да се донесе состемско решение, кое реално би можело да се спроведе во второто полугодие или од наредната година, појаснува Стојчевски.
Посочува дека не може точно да каже кога би се заокружил процесот со основното образование, но изразува надеж дека од следната година ќе почнат официјално да го спроведуваат. Како што вели, 1 септември, како за првачињата, така и за штитениците, да биде официјален почеток на образованието.
Во врска со прашањето за законските измени, Министерството за образование и наука ни одговори дека е во тек јавна дебата за измените на законите за основно и средно образование, кои, според нив, ќе овозможат непречен воспитно-образовен процес во воспитно-поправните и казнено-поправните домови. Програмите за образованието во овие установи, како што потенцираат, ќе се донесат наскоро по усвојувањето на законите.
Идејата е ова образование да го реализираат училиштето „Антон Семјонович Макаренко“ кое со измените ќе стане државно училиште и регионалните центри за стручно образование и обука, односно наставен кадар од овие училишта. Од МОН велат дека доколку е потребно, капацитетите ќе бидат зајакнати.
-Секако, доколку е потребно капацитетите на посочените училишта ќе бидат зајакнати дополнително, а програмите по кои ќе се реализира образованието во ВПД и КПД ќе се донесат многу скоро по усвојувањето на законите, велат од МОН.
Рокот за усвојување на наставните планови, според предложените измени досега, е четири месеци од донесувањето на законите.
Во недостиг на основно образование, воспитувачите на своја рака ги описменуваат штитениците
Недостигот од образование, вработените во ВПД-Тетово во меѓувреме го надополнуваат со активности предвидени во моделите за ресоцијализација, а самите воспитувачи на своја рака работат со децата, во обид барем да ги научат да пишуваат и читаат.
По правило, штитениците немаат оформенo образование и процесот се организира на начин кој би одговарал за нивната возраст. Она што штитеникот не успеал да го оствари по редовен пат, сега низ извршување на кривичната санкција треба да го надополни.
Наташа Ристовска, раководителка на Одделението за третман во ВПД-Тетово ни појасни дека Домот спроведува различни активности во соработка со повеќе здруженија и компании, со кои овие деца се обучуваат на одредени животни вештини и занаети.
Штитениците имаа обуки за столар, за работа во кујна, за бербер, молер, учат како се изработуваат пластични завеси, посетуваат работилници за животни вештини, справување со конфликти, ги учат своите права, учат како да извадат лични документи, едноставно како да се снајдат во животот откако ќе заминат од Домот. Лани била реализирана обука за компјутерски вештини. Присутни биле сите штитеници, по завршувањето на обуката, лап-топите кои биле користени се оставени во Домот. Со нив, како што појаснува Ристовска, воспитувачите се обидуваат да ги описменат оние деца, кои не знаат да читаат и пишуваат.
Меѓутоа, дополнителен проблем со кој се соочуваат, како што информира директорот Стојчевски, е и недостигот на кадар во делот на воспитувачите, кои се клучни за процесот на ресоцијализација. Во моментов, имаат четворица воспитувачи и двајца инструктори за работа, како и раководител на Одделението за третман. Според законските прописи, еден воспитувач треба да работи со пет до седум штитеници.
-Не ни се доволно, кубуриме со одреден кадар во смисла на процесот на ресоцијализација и третман. Секоја година во годишниот план се бараат нови вработувања до Управата но моменталната ситуација со буџетот, ребалансот е таква, имаме поднесено но ќе видиме, додава тој.
Вели дека има позитивни примери на деца, кои по издржувањето на казната успеале да се интегрираат во општеството, да се вработат и да водат нормален и успешен живот.
– Во фокусот на нашата работа е ресоцијализацијата, односно да им помогнеме на децата, кога ќе излезат од тука да се снајдат во животот. Јас моментално за овој месец и половина немам такво искуство, но според информациите кои ми ги дадоа вработените има тројца штитеници кои излегле од тука и си нашле соодветна работа со која заработуваат за живот, вели директорот на ВПД-Тетово.
За овозможување на образованието е неопходна политичка волја
Во врска со овој случај, Европскиот центар за правата на Ромите поднесе тужба за заштита од дискриминација со барање да се задолжат тужените да им се овозможи на овие деца да имаат редовно формално образование. Тужбата резултира со успех и Основниот граѓански суд Скопје во 2022 година носи пресуда во корист на штитениците која е потврдена и од Врховниот суд.
-Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуда со која утврди дека тужените и тоа Министерство за правда, УИС, МОН и ВПД-Тетово, сите заедно сториле повреда на еднаквоста на децата штитеници во ВПД-Тетово. Тужбата се однесуваше за периодот од 2015-2020 година и утврдената дискриминација од страна на судот беше по два основи. Едниот беше врз основа на статус, беше утврдена индиректна дискриминација за сите деца штитеници во ВПД-Тетово во однос на неможноста да имаат образование, како компаратор беа земени сите останати деца во државата кои што тоа право го имаат остварено. Втората беше врз основа на етничка припадност затоа што поголем дел од децата во тој период, кои што ги опфаќаше тужбата, беа деца од ромската етничка припадност, вели во изјава за МИА адвокатката Кети Јандријеска Јованова.
И покрај тоа што Основниот суд ги задолжил тужените од учебната година 2022/2023 да започнат и да им овозможат на децата штитеници во ВПД-Тетово редовно формално образование, тоа не се случило. Поради тоа, како што информира адвокатката, ја поднеле тужбата до извршител. Налозите се пуштени, но нема информација кога би започнало извршувањето во однос на непаричното побарување, односно остварувањето на образование на децата.
Адвокатката нагласува дека самата пресуда не е доволна и е потребна политичка волја.
-Ова е еден начин на кој што невладината организација се обидува да ги поттикне властите да ги преземат чекорите да го обезбедат правото на образование на децата. Меѓутоа, потребна е политичка волја. Она што е важно, што мора да го имаме предвид, е дека овие деца повеќе од 20 години го немаат тоа право на образование и сè додека не се сменат одредени услови, децата ќе останат без образование, ќе излегуваат од ВПД без образование а сето тоа влијае на нивниот понатамошен живот, вели таа.
Дополнува дека еден од начините како да се обесштетат децата кои во тој период биле во ВПД се тужбите за надомест на штета во периодот во кој е утврдена дискриминацијата.
Ветување дека ситуацијата ќе се реши неодамна даде и новоназначениот в.д. директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Во интервју за МИА, тој вети дека ќе направи сѐ што треба.
– Да не се оправдувам, меѓутоа тоа ми е мене наследена ситуација. Ќе направам сѐ за тоа да се смени. Она што бев информиран е дека тој процес е започнат, меѓутоа, сега повторно е застанат. Јас ќе направам обид со новата министерка за образование да им овозможиме на децата во Волковија и каде било во сите казнено поправни установи да имаат образование, истакна Пандов.
Додека учебните години течат, ветувањата само се прераскажуваат. Штитениците во Воспитно-поправните установи од година в година не седнуваат на училишните клупи и излегуваат од Домот необразовани. Во меѓувреме, неминовен останува фактот дека недостигот на образование во воспитно-поправните домови може да има сериозни и долготрајни последици врз штитениците, вклучувајќи намалени шанси за успешна ресоцијализација и рехабилитација, недостиг на основни вештини и знаења, психолошки и емоционални проблеми, зголемена стигматизација и дискриминација, како и поголема веројатност за невработеност и повторно вклучување во криминални активности. Затоа, обезбедувањето на континуирано образование е клучно за минимизирање на овие негативни последици и овозможување успешна интеграција на децата во општеството. А секој потрошен ден без образување, е ден повеќе ризик.
Ана Цветковска
Ангела Рајчевска
Фото: МИА
Видео и монтажа: Борис Куноски