Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јоланта Дилевска: Камерата е метафизички елемент, го запира времето

Без мојот технички тим, јас сум никој. Важно е какви се како луѓе, освен како професионалци. Ние сме тим, многу е важно да се запознаеме и да си ги знаеме и добрите и послабите страни. Довербата е клучна, вели Дилевска

Во филмот се вљубив на 12 годишна возраст. Учев од професори за кои камерата беше света, беше голема привилегија да се учи од нив. Благодарение на неа, можеме да го запреме времето и да направиме нешто извонредно.

Ова го истакна Јоланта Дилевска, кинематограферката од Полска, која на годинашното 45. Издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, се закити со специјалната „Златна камера 300“. Таа одржа мастер клас во киното „Манаки“ во Битола, зборувајќи за почетоците, за нејзиниот професионален живот, како и за снимањето на ремек делото „Во мрак“.

-Полската филмска школа, чиј ученик бев и јас, е основана во 1948 година и таа е активна уште од тогаш. Основачите беа мои професори кога се запишав таму. Тие беа дел од  Црвената армија додека траеше војната и тие знаеја дека снимаат историја. Камерата за нив беше света. Верувам дека беше голема привилегија да се учи од нив. Камерата за мене е метафизички елемент. Благодарение на неа можеме да го запреме времето и тоа е нешто извонредно, рече Длевска.

Таа ги избира филмовите на кои ќе работи тогаш кога ќе види дека нејзиното учество во нив е важно. Сака да избира проекти кои прават промени, вклучително и во нејзиниот живот.

Има, вели, многу неверојатни кинематографери во светот и знае дека многу од нив може да создадат извонредни филмови.

-Сепак, јас се трудам да создадам моја лична патека. Одбивав понуди да работам во Соединетите американски држави, а правев филмови во Казакстан, рече Дилевска.  

Полската кинематограферка се осврна на нејзиното ремек-дело, „Во мрак“, за кое кажа дека ја прикажува Полска како гробница за еврејскиот народ.

-Филмската екипа живееше во селото. Беше многу тензично, тоа беа вистински протагонисти, кажа таа.

Она што Дилевска го демонстрира во оваа потресна драма за холокаустот на Евреите во Втората светска војна е врвен дострел од аспект на фотографијата, која, како што сугерира самиот наслов, е снимана во речиси апсолутен мрак, ретко виден и доживеан во светскиот филм. За да го долови ужасот во криењето од фашистите на група Евреи бегалци во канализациското подземје на градот Л’вов/ Л’вив (во времето на окупацијата полски, денес украински град) – Дилевска креира визуелен мрак, своевидна црно-бела фотографија во колор, што од стручњаците е оценетa како врвно мајсторство. За ова филмско ремек-дело, Дилевска триумфираше на фестивалот „Браќа Манаки“во 2012 година, кога ја освои „Златната камера 300“.

Дилевска на мастер класот, пред присутните кажа дека, кога би можела сега да ја советува младата верзија на себе, би си рекла – „Секогаш биди вистинска, верувај во себе и во својата емоционална интелигенција“. Таа зборуваше и за тоа, колку е важна соработката меѓу членовите во тимот кој работи на снимање на филм.

-Без мојот технички тим, јас сум никој. Важно е какви се како луѓе, освен како професионалци. Ние сме тим, многу е важно да се запознаеме и да си ги знаеме и добрите и послабите страни. Довербата е клучна, додаде Дилевска.

Таа им порача на младите, да ја знаат историјата на филмот и да не се плашат да ризикуваат и да пробуваат нови работи.

Јоланта Дилевска е родена во Вроцлав, Полска, во 1958 година, а се школувала и дипломирала режија и кинематограферство во 1989 г., на прославената „Леон Шилер“ национална филмска, ТВ и театарска школа во Лоѓ, расадникот на многу генерации филмски уметници, особено кинематографер(к)и. Со стекнатото искуство и светско реноме, Дилевска е ангажирана како професорка на Филмската школа во Лоѓ, а предава и на престижната филмска академија „Баден-Виртемберг“ во Лудвигсбург, Германија.

Најново