Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Има и такви луѓе – Уапсени затоа што сакале да крадат од зградата што гореше во Чаир

Министерството за внатрешни работа информира дека две лица денеска се лишени од слобода поради обид за кражба од зградата на улица „Серава“ во Скопје во која вчера настана пожар. По документирање на случајот, дополнуваат, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир беше целосно изгаснат денеска. Како што соопшти Центарот за управување со кризи, состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува.

Дел од медиумите објавија дека се опожарени простории кои се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи.

Во меѓувреме, се очекува да започне увидот на Министерството за внатрешни работи.

„Околу 9.30 часот пожарот бил доизгаснат. Во моментот пожарот е комплетно изгасен, но состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ке се утврдува“, велат од ЦУК.

Пожарот беше тежок за гасење поради големата количина чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина запаливи материјали.

Четириесет и три лица станари во зградата беа хоспитализирани по пожарот. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување, а на Клиниката за детски болести биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Помеѓу хоспитализираните има и еден полицаец и еден пожарникар. Сите пациенти се во стабилна состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново