Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Узунов: Владата само „одглуми“ дека ќе поевтинат цените со „есенската кошничка“

Ако поминете низ маркетите ќе забележите дека храната е поскапена, а таа што не е, сега се продава со намалена грамажа. Граѓаните се жалат но владата веќе и не ја спомнува, ниту пак најавува друга кошница со поевтини производи.. Економистите сметаат дека ограничената маржа е краткорочна, неефикасна и непазарна мерка. Инспекторите тврдат дека досега изрекле казни за маркети низ цела држава, во вредност од 70.000 евра.

-Кога ќе им најавите на трговците какви мерки планирате да примените, тие всушност ги покачуваат цените, а во случајов Владата и немаше намера реално да удри по нивниот џеб, туку под притисок на јавноста само одглуми дека прави нешто и дека ќе поевтинат цените со „есенската кошничка“, вели за Рацин.мк универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Владата на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа за 10 отсто на 73 производи. Во таканаречената „есенска кошничка“ влегоа леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук, ориз, грав, тестенини…

-Граѓаните не го почувствуваа поевтинувањето со есенската кошничка, но и веќе никој не ја спомнува од власта, како да е тоа завршена работа, додека пак ефектите од Законот за нефер практики треба да се почувствуваат за неколку месеци, но потребни се и сериозни контроли, додава тој.

Владината одлука, исто така, ги обврзува трговците да ги набавуваат и продаваат овие производи во месечни количини од најмалку 70 отсто од набавените количини во август.

Мерката ќе трае до 31 октомври.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен