Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пари за пензии има, ама дупката во Буџетот месечно ќе расте за над 14 милиони евра

Линеарниот раст на пензиите со исплатата на септемвриската пензија ја чини државата околу 14 милиони евра месечно или до крајот на оваа година околу 41 милион евра.

Според податоците повеќе од 340 илјади пензионери до март идната година ќе земаат пензии повисоки за 2 500 денари, со иплатата на мартовската пензија следната година ќе го добијат и вториот дел од уште 2 500 денари. Од Пензискиот фонд велат дека пари за исплата на пензии има, о, а согласно прокециите на буџетот за идната година, дефицитот ќе изнесувал 27 %, за што ќе бидат префрелни средства од Владата во висина од околу 580 милиони евра.

Директорот Никола Мемов вели дека без линеарното зголемување, пензионерите наместо 11 % ќе добиеле повисоки пензии за само 4 %.

Наспорти линеарното покачување, кое беше дел од предизборното ветување на Владата, во септмеври 2026 година пензионерите ќе добијат усогласување, согласно методологијата кое би изнесувало околу 4 %.

Дали ќе има зголемување на старосната граница, Мемов вели не е прашање на кое одговорт го има фондот, за тоа го одлучувала Владата. Годишно бројот на пензионери се зголемува од 0,9 до 1 %.

Мемов најави подобрување на функционирањето на ПИОМ, и сет на мерки кои како институција ќе ги предложат до Владата, со цел подобрување на финансиската состојба, според него дупката која ја има ПИОМ не е резулатат на лошото менаџирање на фондот туку е резултат на досегашните економски политики на Владите. Една третина од исплатата на пензии се средства што доаѓаат од државната каса.

Сепак покачувањето со покачувањето на пензиите државата добива дупка во буџетот од речи100 милиони евра, и уште толку со следните 2500 денари во март идната година.

Според економските аналитичари новото ад хок решение и изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување од 5000 денари за сите пензионери, кое постизборно, откако партијата седна во владините фотелји, го подели на рати, 2500 денари со септемвриската и 2500 денари со догодина со мартовската пензија, што веднаш се постави како дилема колку беше чесно и спроведено ветувањето, ако се има предвид дека од ветрување до целоснио спроведување на ова зголемување, ќе поминат речиси 15 месеци, што, практично значи дека вторите 2500 денари нема да ја имаат истата вредност како кога беа ветени, бидејќи во меѓувреме цените прилично брзо растеа.

Но, за тоа подоцна, а сега да видиме на што предупредуваа и колку од тоа што го предвидуваат независните експерти се испостави како точно во однос на оваа мерка на Владата.

Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во една претходна анализа рече дека вакви ад хок решенија во принцип треба да се избегнуваат, иако може да се прифатат во услови на енормни зголемувања на цените какви што имавме во изминатите две години.

– Ад хок зголемувањата на пензиите во принцип треба да се избегнуваат, затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите, два пати годишно, кои треба да обезбедат пензиите да го следат растот на цените и на платите. Меѓутоа, во услови на големи поскапувања како од изминатите две години, овие системски прилагодувања не се доволни, затоа што доаѓаат задоцнето, и затоа што не го компензираат целосно растот на цените. Затоа, ова линеарно зголемување кое го најави Владата од 5000 денари за сите, мислам дека е оправдано, како своевидна компензација за енормниот раст на цените од изминатите две години, за да се спречи раст на сиромаштијата. Но по него, мислам дека не треба да има нови ад хок зголемувања, доколку нема нови вакви ценовни шокови, смета Јовановиќ.

Марјан Петрески, коосновач на Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“ и професор по економија на Универзитетот Американ колеџ вели дека вниманието од оваа мерка треба да го свртиме кон Буџетот бидејќи, смета тој, ваквото зголемување на пензиите претставува сериозен притисок врз Буџетот. Планираните пари за таа намена, вели Петрески, треба од некаде да се најдат.

Посочува дека целосното исполнување на ветувањето генерира додатен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво.

Оттаму, прашува Петрески, колку повеќе толерантни треба да станеме на висок буџетски дефицит и јавен долг за да издржиме вакви ад-хок зголемувања. Од зголемувањето на пензиите, вели Петрески, нема да банкротираат буџетот и државата, меѓутоа тие пари треба од некаде да се најдат.

Од Министерството за финансии во врска со ова излегоа со став дека фискалниот ефект по Буџетот е идентичен, односно дека нема голема разлика меѓу линеарното зголемување и моделот на претходното законското усогласување.

– Фискалниот ефект по Буџетот е идентичен, независно дали станува збор за усогласување согласно постојните законски прописи или реализацијата на линеарното зголемување на пензиите, со што средствата се прераспределуваaт на исто ниво кај сите пензионери и нуди можност за поголемо зголемување на оние пензионери со пониски примањa, тврдат од Министерството за финансии.

Поранешен висок функционер во Министерството за финансии за Рацин.мк направи симулација на буџетските импликации од ад хок решението на два пати по 2500 денари линеарно покачување на пензиите и ги спореди со оние доколку останеше претходниот модел за усогласувње на пензиите два пати годишно согласно трошоците за живот и растот на просечната плата.

Според оваа симулација, со линеарното покачување што почнува со септемвриската пензија од 2500 денари, секој месец ќе се создава дупка во Буџетот од 9 милиони денари. Или годишно над 100 милиони евра, односно 200 милиони евра со второто поачување во март идната година.

Тоа е сериозна бројка за зголемување на дефицитот во Буџетот за која што Владата ќе мора да најде извори од каде ќе ја покрие.

Опциите не се многу. Најлесно, и најчесто било случа за покривање на вакви „дупки“, со распределба од ставки, а први на мета биле капиталните инвестиции кои кон крајот на календарската година Владата ќе ги регистрира како нереализирани.

Втората опција е да удрат на поголема наплата на казни, да воведат нови даноци или да го зголемат ДДВ-то. Непопуларни мерки, кои секоја Влада, па и оваа, не посакува да ги примени. Една од опциите е да се засили борбата против сивата економија, но таа мерка не дава брзи резултати, а деновите одбројуваат…

Сето ова, како и другите сериозни аспекти кога се во прашање пензионерите и пензииите уште еднаш ја отвора темата за системски, траен и одржлив пензионерски систем.

Исплатата на пензиите претставува сериозен предизвик имајќи го предвид буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување како и трендот на зголемување на бројот на пензионери. Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери на неодржлив начин, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалдиско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија.

Експертите велат дека властите мора да преземат мерки со кои ќе се намали дефицитот во Фондот на ПИОМ, како што се зголемување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на платите, да се престане со праксата за ослободување на фирми од плаќање на придонеси, како и да се избегнуваат ад хок решенија поврзани со зголемување на пензиите.

Зачлени се на нашиот е-билтен