Во присуство на адвокат, денеска бев во ЗОО Скопје да ги подигнам моите документи и истите одбија да ми ги вратат со банални објаснувања. Документите не се разгледани (пликото не е отворено) ниту пак се пратени до градоначалничката на Град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна, се вели во писмото што поранешниот директор на ЗОО Скопје Ѓорѓи Галетановски го испрати до Рацин.мк
Тој најави тужба против Град Скопје и Зоолошката градина, бидејќи и покрај тоа што поминаа два месеца од објавувањето на јавниот оглас за директор на установата каде што тој беше единствениот пријавен кандидат, нема никаква одлука.
„Одамна се поминати сите законски рокови за жалби. Во присуство на адвокат, денеска бев во ЗОО Скопје да ги подигнам моите документи и истите одбија да ми ги вратат со банални објаснувања. Документите не се разгледани (пликото не е отворено) ниту пак се пратени до градоначалничката на Град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна“, вели тој.
Галетановски најави дека неговиот следен чекор е формирање фондација под името „За европска зоолошка“, чија примарна цел ќе биде обезбедување финансиска поддршка за Зоолошката градина во Скопје и нејзините вработени.
„Фондацијата ќе биде посветена на развојот и одржувањето на Зоолошката градина според европски стандарди, овозможувајќи соодветни услови за живот на животните, унапредување на инфраструктурата, како и обезбедување средства за професионален развој и соодветни услови за работа на вработените – какви што впрочем заслужуваат, а во моментов ги немаат. Со формирањето на фондацијата ќе се стремам за зголемување на свесноста за важноста на заштитата на животинскиот свет и едукацијата на јавноста за овие прашања, во соработка со релевантни европски институции и организации“, пишува Галетановски, и додава дека ги охрабрува колегите од институцијата кои работат посветено и професионално, а кои се соочуваат со притисоци, доколку имаат потреба од правен совет, неговиот адвокат ќе биде на располагање за било какво прекршување на Законот за работни односи.
Во однос на изборот на директор на ЗОО Скопје, градоначалничката Данела Арсовска се изјасни единствено на прес-конференција одржана на 20 август, кога рече дека првиот чекор треба да го направи Управниот одбор на Зоолошката градина.
Но, во Управниот одбор имаше само еден член, односно останатите тројца (вклучително и претседателот), токму Арсовска ги назначила за директори на други институции. Поради сето ова, немаше кворум за да се состане УО, а оттогаш, поминаа два месеца, а Арсовска не го искористи дискреционото право да ги разгледа пристигнатите пријави (односно пријава).
Во меѓувреме, во Зоолошката градина Скопје, веќе четврти пат за в.д. директор Арсовска го назначува Зоран Попов. Претходно, таа смени тројца директори во установата.