Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Се менува политичката слика на Унгарија: Тиса ја сруши популарноста на Фидес

Паријата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фидес ја губи својата популарност во земјата, а се поголем раст во популарноста има партијата Тиса, која според последните анкети е пред Фидес.

Орбан се обидува да ја обвини ЕУ дека се обидува да го собори неговиот кабинет, за како што вели, да наметнеле марионетска влада во Унгарија.

Организацијата „Партизан“ од Унгарија објави анкета во која партијата Тиса има поддршка од 42 отсто од граѓаните, додека Фидес е втора партија со 40 отсто поддршка од граѓаните кои се сигурни за која партија би гласале на следните избори. Покрај овие две партии, според анкетата, во унгарскиот парламент би влегла само уште партијата „Наша земја“ која има 5 отсто поддршка.

Ова е најсериозна закана за 14-годишното владеење на Орбан и прв пат во тој период некоја друга партија има поголема поддршка во земјата.

Партијата на Орбан сепак се уште е во предност на ниво на сите граѓани, кога се земаат предвид и граѓаните кои се уште не се одлучиле за кого ќе гласаат. Предноста на Фидес на ова прашање е 29 наспроти 26, со 28 отсто од граѓаните кои рекле дека се уште не се одлучени.

Партијата Тиса е предводена од Петер Маѓар, поранешен член на партијата на Орбан и поранешен сопруг на поранешната министерка за правда, Јудит Варга. Тој својата популарност почна да ја гради во февруари оваа година, кога даде оставка од сите владини функции и изрази јавно незадоволство од начинот на владеење на Фидес. На европските избори, Тиса освои 30 отсто до гласовите, што е најголем процент од било која партија која се натпреварува против Фидес на избори во Унгарија од 2006 година.

Популарноста на Тиса доаѓа најмногу кај помладите Унгарци. Според последната анкета, 46 отсто од граѓантие над 65 години ги поддржуваат Орбан и Фидес, наспроти 13 отсто за Тиса, но кај граѓаните од 18 до 29 и од 30 до 39, Тиса има поддршка од 38, односно 40 отсто, наспроти 12 и 14 отсто поддршка за Фидес.

Тиса исто така има поголема поддршка и во Будимпешта, 29 наспроти 21 отсто, како и во останатите поголеми градови, додека во селата и помалите места се уште е силна поддршката за Фидес.

Граѓаните со повисоко образование исто така даваат повеќе поддршка за Тиса. 38 отсто од неодамна дипломираните граѓани на Унгарија ја поддржуваат опозициската партија, наспроти 22 отсто поддршка за Фидес. Поголема е поддршката за Тиса и кај неодамна завршените средношколци (31 – 20).

„Унгарците испратија порака: режимот на Виктор Орбан е завршен“, рече Маѓар по објавувањето на анкетата.

Следните национални избори во Унгарија треба да се одржат на почетокот на 2026 година, а според анкетите Маѓар се позиционира како сериозен кандидат за да го замени Орбан на премиерското столче.

Зачлени се на нашиот е-билтен