„Ако се запали Стамбол, Дебар ќе го изгради со злато“

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува текстот на м-р Иван Антоновски, кој е резултат на истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист, Горан Стефановски. Корените на Стефановски се од селото Ербеле, на територијата на денешна Албанија, од каде неговите предци, во 1920 година емигрираат во скопското Дебар Маало.

Многуте сведоштва и информации, кои за првпат се претставуваат пред пошироката јавност, отвораат многу прашања кои упатуваат кон нови интерпретативни рамништа во вреднувањето и анализирањето на драмите на Горан Стефановски.

Како во просторот на Дарданели, онаму каде што се делат Балканот и Европа од Азија, а каде што се поврзуваат Егејското и Мраморното Море – просторот на кој прадедото на Горан, Стефан градел и учел занает, зад текстот да започнуваат миграцијата во простор и време, ширењето и мешањето и повторното мешање на култури и форми и идеи во опусот на нашиот Горан. А продолжуваат со миграцијата од животната приказна на Стрезо и Алтана.

На снимката од 1989 година, неговиот чичко Круме, во разговорот со Горан, продолжува да раскажува:

„Во тоа време немало автобуси, немало авиони, се одело со кираџии, со коњи… Кираџиите ги носеле гурбетџиите до местото каде што имало работа. Првото тромесечие, пролет, после Поклади ќе се покладеле и ќе оделе на печалба. Второто тромесечие доаѓале кираџиите со втората група гурбетчии. Тогаш се праќало писмо по кираџиите кои доаѓале со коњи. Се праќале пари – монети само во злато, зашто во нашиот крај дебарски не важеле ни бугарски левови, ни српски динари, ни турски грошови… Се праќало злато, а у Дебар, златото го менувале поедини сарафи, коишто биле добри трговци и кои ги знаеле курсовите. Затоа у Дебар се збори: ’Ако се запали Стамбол, Дебар ќе го изгради со злато’. Толку имало злато од тие кираџии. Нашата околија беше од 15 села рисјански. Кога била Првата балканска војна во 1912 година, па кога почнала Првата светска војна во 1914 година. И тогај, печалбарите не ишле преку Скопје за Дебар, него ишле од Романија и Бугарија на Дунав, па на Србија, на Белград, па на Риека и со параходи до Драч… Од Драч, пешки, со коњи, доваѓале… Така траело до 1914 година, кога е роден брат ми Иван. Кога се родил тој, татко ми Стрезо заминал со параход од Драч, преку Аустроунгарија се нашол во Романија. Преку Бугарија им било страв да одат. Оделе со возои и со параход. Во Романија имало од нашето село неколку фамилии. Тие од нашето село што биле таму ја прифатиле фамилијата Стрезовци – татко ми Стрезо и стрико ми Боге. Тогаш војната била во ек, во Македонија…“.

Ербелската населба Паливје: црквата „Свето Преображение“ од XII век. Стрелката го покажува местото каде што се претпоставува дека била куќата на Стрезо, дедото на Горан Стефановски (Фото: Спиро Дука)

Токму тогаш, со тоа заминување на Стрезо и Боге во Романија се чини дека започнува да се случува она што го поттикнуваше Горан на рамисли и дилеми кои ги носеше во себе со клучен одраз врз неговото драмско и есеистичко творештво. Одраз кој допрва ќе го согледуваме…

Според белешките на Горан од разговорот со неговиот чичко Круме, двајцата гурбетчии од родот Стрезовски, во Романија биле на печалба во Турну Мугуреле – градот близу кој претходно, во 1848 година е започната Влашката револуција. Таму, во летниот период работеле како ѕидари, а во зима воделе продавница за млеко и слатки. Кога Првата ветска војна е речиси завршена, во 1918 година, двајцата браќа од родот Стрезовски се вратиле во Ербеле и отвориле меана и фурна за леб во Пешкопеја (на македонски, локално: Пискупија, средовековно име: Пресоленград) – град во денешна североисточна Албанија и административен центар на областа Дебар, кој до почетокот на XX век бил населен од значаен број Македонци.

Горан и Игор Стефановски во Ербеле, во 2014 година

Но, една година потоа, во текот на велигденските празници се случува она што ја одредува судбината на Стрезо и Алтана – она што ги поттикнува да ги понесат корените со себе за да растат во скопското Дебар Маало. Поконкретно, во 1919 година, на Велика Сабота, кога Стрезо се враќал од Пешкопеја во Ербеле, на местото викано Ќенок го пресретнале тројца вооружени качаци и му наредиле да се симне од коњот. „Му украле сè, до гаќи. Коњ, пари, сè.“ – запишал Горан. Сè освен душата, би дополнил… Се запрашувам: дали оваа клучна епизода од животот на Стрезо на која од кажувањата на Горан се сеќава и неговата сопруга Патриша е онаа што Горан го поттикнуваше толку многу да размислува за смислата на печалбарството? Која и каква е смислата, ако на крајот повторно си гол, по години одделеност од блиските и од оној – првиот дом. Ама и која е смислата ако на печалбарството се гледа само од позицијата „на крајот на светот“?

„Тука (по грабежот – заб. моја) помогнал некој Албанец од село Ербеле, кој го знаел Стрезо и фамилијата. Го зел Стрезо во Ербеле, го облекол и му дал да јаде. Пратиле порака до Стефан (таткото на Стрезо, прадедо на Горан – заб. моја) да си го земе синот. Стрезо отишол дома во туѓи алишта.“ – запишано е во белешките на Горан. Според Спиро Дука, посветен истражувач на Ербеле кој ми испрати и дел од материјалите за селото и за родот Стрезовски, ова покажува како селаните од овие области, иако од различна вера, си помагале едни на други во одредени моменти и создавале пријателства, кои траеле со генерации.

Ама, болката не можела да се залечи – според Горановите белешки, Стрезо паднал болен и четири недели не станал од кревет. „Му рекол на Боге сè да распродадат во Пишкупија и да се отселат.“

Сè повеќе сум сигурен дека оваа приказна за Стрезо е една од оние на кои Горан мислеше кога ни порачуваше дека приказните се срж на нашиот живот и столб на нашиот идентитет. Затоа што токму оваа приказна е онаа што го одредува натамошниот живот и дел од идентитетот на Стефановски – не само на Стрезо и Алтана, туку и на Горан и на сите нивни други потомци од родот Стрезовски. И тоа не само семејниот, туку во еден дел и личниот.

Ама не можам, а да не помислам на Стрезо од „Тетовирани души“ за кој на сцена не се знае дали е жив или мртов. Колку во него е некој дел од Горановиот дедо? Или од Горановото доживување за својот дедо? Исто толку и на Алтана која на сцена вели: „Не се живее вака. Милиони живеат во бункери, ѕиркаат надвор низ нишан од снајперки. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него, дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме само ние сме раселени. Сиот свет е раселен. На сите нешто им недостасува. Сите мислат дека се на крајот од светот. Земјата е тркалезна, каде и да тргнеш, секогаш си на раб… …Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо. Има смрт.“ Се запрашувам: како ли Горан го толкуваше и како интимно го доживуваше заминувањето на Стрезо и Алтана од Ербеле во Скопје? Дали меѓу тие добри луѓе кои ги споменува Алтана од „Тетовирани души“ е и Албанецот кој му помогнал на Стрезо од Ербеле? Колку она што за преселбите го говорат неговите ликови е она што Горан го потиснувал во себеси со размислите за приказната за своите предци? А го искажуваше меѓу редови во дел од своите есеи…

Во потрагата по корените на Стефановски, од белешките на Горан се дознава дека решеноста на неговиот дедо Стрезо да замине била цврста, иако мигрирањето не било лесно. Горан запишал дека пред заминувањето во Скопје, во 1919 година, кога српската војска влегува во Ербеле и врши стрелба на продор до Пешкопеја, Стрезо е вратен во селото, во тој период именувано Миланово. Колку била силна неговата решеност да го напушти Ербеле говори и фактот што тогаш, како што пишува Горан, во Дебар „фатил врски со началници“ за да замине во Милановац, во Србија, каде престојува една година, заедно со еден од браќата на неговата сопруга Алтана – Гиго, односно Глигур.

Семејна фотографија на Стефановски од свадбата на Ристо Стефановски
Во средината седат Алтана и Стрезо Стефановски. Во средината на првиот ред стојат Нада и Тихомир (Мирко) Стефановски со тогаш малиот Горан во рацете на својот татко. 

Емигрирањето на Стрезо и Алтана Стефановски, тогаш сè уште Стрезовски се случува есента 1920 година. Барем она физичкото емигрирање… Затоа што емиграцијата со мисла и душевност, барем ние не можеме да знаеме дали се случила и претходно или дали и воопшто некогаш се случила. Како што запишал Горан, по четиридневен престој во Дебар, со коли брчки, Стрезо и Алтана заминуваат во Гостивар, а од таму со мал воз пристигнуваат во Скопје – онаму каде што патот ги води во Дебар Маало. Онаму каде што ги носат своите корени за да растат – таму каде што во куќата изградена од Стрезо, во 1921 година се раѓа и таткото на Горан, познатиот режисер и актер, Тихомир (Мирко) Стефановски (1921-1981). Таму каде што Горан, престојувајќи во таа куќа го засака Скопје, а токму тоа маало за него стана центарот на светот. Или барем на неговиот интимен, личен свет. Затоа што како што запишал во еден свој напис од 1985 година, за него Дебар Маало е/беше „светско чудо како египетските пирамиди и кањонот Короладо“. Но и дека за него, Дебар Маало е/беше „највисок степен во човековиот развој“.

Во тоа Дебар Маало, во куќата која во шеесетите години на минатиот век била на ул. „Орце Николов“ бр. 124, на близу 300 метри од и денес култната „Идадија“, Стрезо и Алтана останале до своето упокојување – Стрезо во 1967 година, а Алтана безмалку една деценија потоа, во 1976 година. За потоа да продолжат во различни форми да живеат во творештвото на својот внук, Горан.

М-р Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Минатата година, во издание на ИК „Полица“, беше објавена неговата книга „Идентитетот е приказна“ – прва книга за есеистиката на Горан Стефановски. Како што најавува Антоновски во овој текст, потрагата по корените на Стефановски продолжува.

(продолжува)

БОНУС Видео: Пораката на Сабина и Сара Џелили на македонски и албански јазик, членки на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Треба да знаете
Moже да ве интересира