510 банди ја тресат Грција, заработиле повеќе од 181 милион евра

510 банди ја тресат Грција, откако полициската анализа за организираниот криминал во 2024 година покажува 510 криминални организации, 3.469 членови и незаконска заработка од повеќе од 181 милион евра. Податоците, објавени во грчкиот извештај за организиран криминал, откриваат дека криминалните мрежи не дејствуваат само на улица, туку сè повеќе преку технологија, измами, легални фирми и сложени финансиски шеми.

Според грчката полиција, најголем дел од криминалните организации биле домашни, односно 51,96 проценти од вкупниот број. Странските групи учествувале со 26,86 проценти, а мешаните организации, составени од грчки и странски државјани, со 21,18 проценти. Кај странските групи, како најзастапени се наведуваат бугарските и албанските организации.

Главните области на криминална активност биле кражби и провали, трговија со дрога, шверц, нелегална миграција, измами, изнуди, трговија со луѓе, перење пари и прекршоци поврзани со оружје. Само вредноста на запленетата дрога во 2024 година, според процените, надминала 218,7 милиони евра, додека потенцијалните приходи од дрога за разбиените мрежи би можеле да достигнат околу 85 милиони евра.

Извештајот покажува дека криминалот во Грција сè повеќе ја користи технологијата како оружје. Интернетот, социјалните мрежи, фишинг-пораките, спам-кампањите и онлајн измамите стануваат дел од секојдневниот арсенал на криминалните групи, кои преку дигитални алатки стигнуваат до жртви, прикриваат траги и ја прошируваат својата активност.

Дополнително, речиси три четвртини од криминалните организации користеле легални деловни или административни структури за прикривање или олеснување на активностите. Тоа значи дека дел од криминалот не функционирал како изолиран подземен свет, туку преку фирми, документи, посредници и системи што на прв поглед изгледаат легално.

Како најсериозни закани за јавната безбедност се издвојуваат мрежите за дрога, шверцот на мигранти, организираните измами и нелегалната трговија. Бројките од извештајот покажуваат дека грчката полиција се соочува со криминални структури што стануваат побројни, технолошки поподготвени и финансиски сè пософистицирани.

Најчитано