Без транспортните коридори нема развој, Северна Македонија ќе се вклучи во проектот брза пруга

Ако Северна Македонија сака развој којшто ќе донесе суштинска разлика, брзата железница е неопходност, затоа што без современи, европски транспортни коридори, не може да стане збор економски и општествен прогрес.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Се работи на подготовка на сите првични иницијативи за да започне процесот на реализација на брза пруга низ Северна Македонија, која што во првата фаза ќе се надоврзе на веќе одминатите постапки за реализација на ваков железнички коридор од Будимпешта до Прешево во Србија за да продолжи трасата до Скопје, информираат од Владата.

Втората фаза ќе биде подготовка на проектната документација за делницата од Скопје до Гевгелија, односно до границата со Грција, со што овој европски железнички коридор ќе се поврзе со брза пруга до Атина.

Она што посебно привлекува внимание е што проекциите за овој зафат предвидуваат сосема нова траса бидејќи постоечката не е соодветна како железнички коридор и инфраструктура за низ неа да се движат брзите европски возови.

Според брифингот од Владата, ова е неопходна среднорочна иницијатива, ако Северна Македонија сака развој којшто ќе претставува суштинска разлика затоа што без современи, европски транспортни коридори, не може да стане збор економски и општествен прогрес.

Оваа најава која покажува силен интерес на Владата, заедно со автапатните коридори, како и со амбицијата конечно да го заврши поврзувањето со Бугарија со железница, да се вклучи во изградбата на брза пруга и во нашата земја, се надоврзува на неодамнешната изјава на на српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и на унгарскиот колега Јанош Лазар, во Будимпешта, кога соопштија дека Србија и Унгарија ќе ги поканат Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Грција и Турција да се приклучат кон изградбата на брзата пруга.

На таа средба било разговарано брзата пруга којашто првично ќе ги поврзе Белград и Будимпешта, да продоли кон македонската граница, особено ако се знае дека за делницата од главниот српски град до Ниш, Србија доби „награда“ од 600 милиони евра откако беше откочен дијалогот со Косово во Охрид. Властите во оваа земја најавија дека пругата нема да заврши во Ниш, туку дека ќе биде продолжена до Прешево, односно до македонската граница.

„Разговаравме за продолжување на брзата пруга кон Ниш, а подоцна и кон македонската граница. Се договоривме заеднички да потпишеме една иницијатива и да испратиме покана до министрите за транспорт на Турција, Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Грција и да разговараме за продолжување на брзата железница кон Албанија, односно, преку Северна Македонија кон Грција и преку Бугарија кон Истанбул, така што брзата железница навистина би имала смисла и ќе ги поврзе нашите две земји со турскиот и со грчкиот брег за патнички и карго сообраќај“, изјави тогаш српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Весиќ.

Брза пруга за „Отворен Балкан Плус“

Според Весиќ, оваа иницијатива е комплементарна со проектите на иницијативата „Отворен Балкан“ и брзата пруга низ Србија со идеја за поврзување со Македонија и со вкрстувањето со инфраструктруните патни и железнички правци од Коридорот 8 го нарече „Отворен Балкан плус“.

Двајцата министри во Будимпешта нагласија дека е исклучително важно поврзувањето со Скопје и со Тирана, со Солун и со Истанбул и дека тоа е во интерес и на ЕУ, која сака европскиот континент да биде поврзан.

Ова се совпаѓа и со заклучоците од последниот Самит на „Отворен Балкан“, на кој имаше и претставници на Турција и на Унгарија, а се огласија и претставници на Грција кои видоа потенцијал во тој процес.

На средбата со својот српски колега, и унгарскиот министер Јанош Лазар потенцираше дека Унгарија е заинтересирана за продолжување на брзата пруга јужно од Белград, во три правци, преку Бугарија во правец кон Турција и преку Северна Македонија во правец кон Грција и кон Албанија за да се прошири мрежата на брзи железници за подобра транспортна конекција со ЕУ.

Имајќи ги овие факти предвид, како и најавата дека утре во Подгорица, во Црна Гора, ќе биде потпишан анексот на Договорот со којшто Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ, станува јасно дека Северна Македонија го фаќа приклучокот за современа изградба на европските транспортни трансверзали, сега и во делот на железницата.

Кога би било поинаку, би било бесмислено и сосема нелогично Северна Македонија да остане „слепо црево“ кога веќе брзата железница ќе ни стигне на границата со Србија, а во Грција е одамна во функција.

Треба да знаете
Moже да ве интересира