Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Селидбите како дел од идентитетскиот код на семејството на македонскиот Одисеј

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува текстот на м-р Иван Антоновски, кој е резултат на истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист, Горан Стефановски. Корените на Стефановски се од селото Ербеле, на територијата на денешна Албанија, од каде неговите предци во 1920 година емигрираат во скопското Дебар Маало.

Многуте сведоштва и информации, кои за првпат се претставуваат пред пошироката јавност, отвораат многу прашања кои упатуваат кон нови интерпретативни рамништа во вреднувањето и анализирањето на драмите на Горан Стефановски.

Не можам, а да не се запрашам: дали оваа приказна за Стрезо и Алтана од првите децении на XX век не се повтори на крајот на векот, кога во 1992 година, разочараноста од средината и неизвесноста во живеачката го мотивираа семејството на Горан Стефановски да замине од Скопје и Македонија? И во годините потоа, кога тој ја напиша драмата „Казабалкан“ посветена на неговите Патриша, Игор и Јана. За во 1998 година, и тој да замине со нив и постојано да бидат во нераскинлива врска со овој простор – и овде, во Македонија, и таму, во Британија, кога како што велеше Горан, домот ти станува туѓина, а во туѓина си странец. „Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ja препознае домата.“ – думаше нашиот Горан.

Дали селидбите се дел од идентитетскиот код на секоја генерација Стефановски? Па и на семејството на Горановите родители – режисерот и актер, Мирко и актерката, Нада, кои удирајќи ги темелите на современиот македонски театар морале да се селат од една до друга тетарска сцена – од Скопје во Битола, па во Прилеп, за потоа повторно да дојдат во Скопје. Она Скопје во кое со своето сеприсуство во нашето секојдневје се враќа и Горан по неговото физичко заминување (иако се чини никогаш и не го напушти вистински…). Ама и дали во поинаква форма, таа судбинска приказна не се отсликува и преку селидбите на семејството на Игор – синот на Горан и Патриша, правнукот на Стрезо и Алтана? А со тие селидби не се отсликува ли и врз животниот пат на Калина и Јавор – двајца од тројцата внуци на Горан? Родени во Брисел, а детството им минува во Албанија – државата во која сега се наоѓа родното село на нивните чукундедо и чукунбаба, па во Црна Гора, па повторно во Брисел и во моментов во Белград, во Србија. Во градот во кој се одржува БИТЕФ, театарскиот фестивал со кој нивниот дедо Горан велеше дека растеле тој и неговата генерација, но и градот во кој тој, четири месеци пред физички да замине од овој свет, на сцена, како беседа го прочита својот тестаментален есеј „Искрата што се измолкнува“…

Дел од исечоците од дневни весници од архивата на Горан Стефановски

За Горан веќе говориме како за македонски Одисеј. Ама дали одисејското е дел од она што е ДНК на сиот негов род – од прадедо му Стефан до неговите потомци? Дали заради одисејското во она што е ДНК на неговиот род, а не само заради своите патешествија и преселби, Горан ја напиша „Одисеј“ – драмата за невозможното враќање? Драмата во која преку ликот Атина на сцена вели: „Итака е местото од каде што тргнуваш, но на кое не можеш да се вратиш.“ Каде беше/е Итака на Стефановски? Дури си го поставувам ова прашање, во мене одекнуваат стиховите на Горан од песната од „Одисеј“ со музика и во изведба на „Фолтин“: „Сега нити можам / дома да си дојдам, / ниту сега можам / од дома да појдам.“ А „домот е таму каде што боли“…

Се чини дека во сиот свој живот, меѓу другото, Горан ги барал вистинските толкувања и интерпретации на приказните за своите предци. Оти како што велеше и самиот, а денес, ние често го цитираме: „За да можеме да преживееме во суровиот свет, приказната мора да е точна, заснована на познавање на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт.“ Затоа што „погрешната приказна може скапо да нè чини, да нè одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт.“

Таа негова потрага по толкувањата и интерпретациите на приказните, Горан не ја остваруваше само преку творечкото промислување, туку и преку истражување на фактографијата, за што сведочи и голем дел од неговата приватна архива. Во неа се дури и исечоците од дневните весници кои се однесуваат на Ербеле, а кои тој грижливо ги собирал и чувал децении нананазад. Од еден од нив и дознаваме кој е средновековниот ракопис од Ербеле, кој за Горан бил особено важен, како што споменува неговата сопруга Патриша.

Станува збор за Орбелскиот триод – црковнословенски ракопис од втората половина на XIII век, кој на сите рамништа покажува основни карактеристики на ракописите што припаѓаат кон македонската редакција на црковнословенскиот јазик, а кој денес се чува во Националната библиотека во Санкт Петербург. Ракопис кој е еден од неколкуте од Ербеле кои се конкретно сведоштво дека селото на Стрезо и Алтана од кое се корените на Горан, порано претставувало голем црковен центар, веројатно со скрипториум. Зарем ова е случајност? Зарем и ова не е дел од Горановата и наша приказна? Од Ербеле, просторот на тој важен црковен, ама едновремено и книжевен центар во средновековна смисла се корените на најзначајниот македонски драмски автор на втората половина на XX век, оној што го напиша и велелепниот драмски текст за светите Кирил и Методиј, за преводот и сеопштото разбирање меѓу луѓето – „Огнени јазици“, кој се случи близу седум века по Орбелскиот триод… И на сцената на Драмскиот театар беше поставен во режија на Слободан Унковски – едно од многуте заеднички остварувања на драмскиот автор и режисерот кои беа/се култен двоец на македонската театарска сцена.

Фрагмент од Орбелскиот триод

„Сите, на свој начин копнееме по идеалното засолниште, по вистинското место каде ќе можеме да се пронајдеме себеси и да бидеме свои, спокојни и исполнети. Веруваме дека некогаш сме го имале тоа место, но сме го изгубиле, па затоа истрајуваме во обидот повторно да го најдеме, убедени дека ни е ветено и дека поседуваме природно право на него. За некои тоа засолниште е детството, за други првата младешка љубов, а за трети е старата земја. За Одисеј тоа беше Итака. Како што старееме, оваа немирна потрага по ултимативното место станува сè подлабока и подлабока и сè понеизвесна. Се чини дека сè е нестабилно освен таа илузија на стабилност, која како надежта никогаш не нè напушта. Човечката потреба за приказни е постојан копнеж да се доловат тие илузии. Тој копнеж е особено силен кај оние чија Итака е театарот.“

Ова го има запишано Горан во неговите авторски белешки за драмата „Одисеј“. Го препрочитувам со размисла каде беше тоа идеално засолниште – вистинско место за Стефановски.

Неговата архива сведочи дека потрагата по толкувањата и интерпретациите на приказните за своите предци, во 2014 година, четири години пред неговото само физичко заминување, Горан го одвела и физички во Ербеле. Заедно со неговата сопруга Патриша и со синот Игор, ама и со бројните братучеди и нивните семејства. За да се најде она што останало од темелите на куќите на Стрезо и Алтана. За да се чекори по патиштата по кои Стефан, Стрезо и Боге чекореле кога заминувале и се враќале од печалба. За да се најде она што е на нивните предци, а кое заедно со корените не можеле да го понесат со себе во скопското Дебар Маало…

Како што се сеќава Горановиот син Игор, си ветиле дека потрагата ќе продолжи некогаш на Преображение Христово (19 август), кога во црквата „Свето Преображение“ од XII век, која е на стотина метри од местото каде што била куќата на дедото на Горан, Стрезо, традиционално се собираат сите оние што потекнуваат од Ербеле, а се насекаде по светот. Но, за жал, Горан не успеа да отиде во Ербеле на Преображение. Барем не физички, оти со своите размисли се чини беше таму и пред првпат со семејство да го посети селото на своите корени.

Патриша и Горан Стефановски (први од десно во вториот ред) со братучедите на Горан од родот Стрезовски (Стефановски) и нивните семејства, пред црквата „Свето Преображение“ во Ербеле (2014). Меѓу братучедите на Горан е и познатиот архитект Јован Стефановски – Жан (1948-2019), прв од лево во првиот ред – автор на Милениумскиот крст на Водно и на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје

Дали Горан ја заврши својата потрага, која се чини ја остваруваше и преку своето творештво, не знам… Меѓу другото не знам и затоа што не го заврши или барем не го дозапиша драмскиот текст кој требаше во режија на Оливер Фрљиќ, премиерно да биде изведен во Риека, во 2020 година, кога овој град беше европска престолнина на културата. Во белешките од подготовката на драмскиот проект, Стефановски и Фрљиќ ги имаат наведено и тематските кластери. Меѓу нив: љубов во времиња на егзил, насилни миграции, масовни движења, долги отсуства, човечко страдање, населување. Наведено е и: пристаништа, терминали, лиминални простори, чекалници, контролни пунктови со строги процедури, транспортни центри, тргнување и пристигнување; проверки на идентитет, карантини; обреди на премин.. Безброј ликови се појавуваат и исчезнуваат. Возможни пермутации на трагичното и фарсичното, слатка и кисела метаморфоза. Како и овде да ја има приказната за Стрезо и за родот Стрезовски, односно Стефановски, си реков кога ја прочитав белешката во која се споменуваат и шрапнели на историјата, скршени фрагменти од епска фреска и џиновска сложувалка.

Црквата „Свето Преображение“ во Ербеле од XII век: Во 1970 година, со одлука на албанските власти, е прогласена за споменик на културата

„Богата таписерија која истовремено содржи мали, човечки приватни детали и широки општествено-политички и културни зафати“ – запишале Горан и режисерот Фрљиќ. Зарем не е така и во други драми на Горан? Дали приказните на неговите предци и неговата интерпретација за нив како код на сиот негов род ќе беа тие мали, човечки приватни детали и во овој драмски текст? Заминувањето на Стрезо и Алтана се случило во период кога се одвивал и поширок општествено-политички и културен зафат, а во такви периоди се случувале/случуваат и сите натамошни заминувања и преселби на родот Стефановски… Но, во такви периоди се случуваат и сите заминувања и преселби и на Горановите драмски ликови!

Според концептот, оваа драма, во 2020 година требало да се игра на отворено и на сцената да има пруга, вистински возови, машиновозачи и железничари. Помислувам: дали можеби еден од тие возови ќе требаше да биде оној мал воз со кој корените на Стрезовски, а потоа Стефановски се донесени во Скопје, за потоа да растат во Дебар Маало? Дали од некој од вагоните, на сцена ќе излезеа ликовите Стрезо и Алтана или можеби ликови именувани со некои други имиња за кои Горановите дедо и баба ќе беа прототипи? И тоа на сцена во еден од градовите преку кои Стрезо се врќал од печалба во Ербеле.

„На Горан многу му значеше што заедно со режисерот Фрљиќ го посетуваше градот Риека и што ги видел местата каде што се движел дедо му Стрезо во воените години, кога печалбарите не можеле да се вратат преку Бугарија, туку морале преку Србија, Хрватска и Албанија“ – нагласи Патриша, сопругата на Горан, дури преку е-пошта разменуваме размисли, со материјали од Горановата архива. Затоа и помислувам: потрагата на Горан, од Ербеле продолжила по патиштата по кои Стрезо чекорел и дури патувал со желба да дојде дома…

Во белешката за драмата која остана недовршена или барем недозапишана стои и дека подетален план ќе биде подготвен во 2018 година. Кон крајот на ноември таа година, Горан требало повторно да замине во Риека, но… Замина на друго, непланирано патување. На 27 ноември 2018 година, заминувајќи физички од овој свет, со себе го понесе и незапишаното од драмскиот текст кој требаше премиерно да се изведе во Риека. Дали можеби со него, Горан ќе ја завршеше својата потрага по толкувањата и интерпретациите на приказните за своите предци, не можеме да знаеме.

Ама од друга страна, знам дека оваа потрага по неговите корени не е завршена. Везот дебарски на Алтана, како и тој на Султана и каменот ѕидарски на Стрезо, како и тој на Стефан, денес се на Горановата внука Калина – така напиша Горан во писмото до неа, упатено веднаш по нејзиното раѓање во 2012 година. Но, наша е обврската и да доистражиме и анализираме каде и како во неговото творештво е проткајан везот на Алтана и Султана и каде сè е вѕидан каменот ѕидарски на Стрезо и Стефан. Затоа и се случува овој текст, кој е само почеток – за со него да се споделат информациите кои ни се нужни за да ја оствариме таа обврска.

Со продолжување со оваа потрага и остварување на обврската можеби и ќе дознаеме дел од она што е кажано од Горан, ама скриено зад текстот – не само во една од неговите пораки во „Искрата што се измолкнува“, туку и во голем дел од неговиот опус. Нешто кое било/е тетовирано на неговата душа како белег на неговото потекло и дел од неговата ДНК, ама се чини и нешто кое е и меѓугенерациски код на неговиот род, и пред него, и по него, а на кое Горан успеа да му даде универзални димензии. Можеби тогаш и ќе успееме до крај, вистински да ги разбереме неговите пораки за преселбите и корените…

. . .

Последните реченици од овој текст се напишани на 27 април 2023 година, кон крајот на денот кога одбележавме 71 година од раѓањето на Горан Стефановски. Во исто време дури го завршував текстов ја слушав пораката на Сабина и Сара Џелили, членки на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, во видеоматеријал објавен од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), со фрагмент од есеј на Горан преведен на албански јазик.

Нивната порака, по првообјавата на видеоматеријалот, беше дополнителен поттик да се напише и објави овој текст и да се споделат информации кои можеби ќе ни овозможат едно ново интерпретативно рамниште во исчитувањето на творештвото на Горан Стефановски.

Денес, оваа порака, и дополнително обврзува да продолжи потрагата по корените на Стефановски, а со нив и по приказните за потеклото и предците на Горан. Со уште низа материјали кои треба да бидат исчитани и анализирани, за потоа да се случи и уште едно од многуте потребни препрочитувања на неговото дело. Најверојатно тогаш, дел од пораките на Горан ќе умееме и до крај вистински да му ги кажеме на светот – одејќи и по патеките по кои чекореле неговите предци…

При подготовката на овој текст се користени и материјали од приватната архива на семејството Стефановски и од монографија за Ербеле во ракопис, чиј автор е посветеникот на историјата на ова село и на семејствата кои потекнуваат од таму, Спиро Дука, братучед на Горан Стефановски од родот на неговата баба Алтана. Изразувам неизмерна благодарност до Патриша и Игор Стефановски (сопругата и синот на Горан Стефановски), како и до г. Дука, за овозможените материјали. Севкупните материјали ќе бидат опфатени со натамошното истражување со кое ќе продолжи потрагата што започнува со прашањата отворени во и меѓу редовите на текстов.

М-р Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Минатата година, во издание на ИК „Полица“, беше објавена неговата книга „Идентитетот е приказна“ – прва книга за есеистиката на Горан Стефановски. Како што најавува Антоновски во овој текст, потрагата по корените на Стефановски продолжува.

БОНУС Видео: Снимка од театарската претстава „Огнени јазици“ од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски, во изведба на Драмски театар Скопје

Зачлени се на нашиот е-билтен