Дијалози за вештачката интелигенција и технолошкиот развој: Ќе нѐ убие или ќе нѐ спаси?

  • Кон средината на 20 век, „бездушниот“ Тин Ман полека станува реалност. До 1950-тите, генерации од научници, математичари и филозофи го создаваа концептот на вештачката интелигенција (AI).
  • На почетокот на 2024 година, роботиката и вештачката интелигенција станаа едно.
  • Главната и конфронтирачка дилема е: „Дали ВИ ќе нѐ убие сите, или ќе создаде благодат за сите (сѐ за секого)?“
  • Директни и брзи последици од развојот на вештачката интелигенција ќе има веќе во 2024 година. Во технолошки напредните земји многумина од т.н. интелектуални професии останаа без работа.

Џабир Дерала со Валентин Нешовски

Вештачката интелигенција не е нов концепт. Неговите рани почетоци датираат уште кон средината на минатиот век, со појавата на првите „сметачки машини“, а во литературата и порано.

Научната фантастика во првата половина од 20-от век го запозна светот со концептот на роботите што поседуваат интелигенција. Тин Вудман од „Волшебникот од Оз“ (The Wonderful Wizard of Oz) книгата на Лајман Френк Баум, чие прво издание е во 1900 година, го претставува, веројатно, најстариот познат „вештачки интелигентен“ робот во литературата. Секако, слични карактери се среќаваат и порано, дури и во политичките карикатури и во маркетингот.

Книгата на Френк Баум, а со тоа и Тин Ман, „оживува“ на филмското платно во 1925 година, со филмот на режиерот Лари Семон.

Потоа доаѓа и антологиската филмска обработка на книгата, со филмот на режисерот Виктор Флеминг, во 1939 година, каде што главната улога ја игра легендарната Џуди Гарланд.

The Wizard of Oz (1939)

Особено интересен филмски лик во овој контекст е и жената-робот Марија во филмот на Фриц Ланг, „Метрополис“ од 1927 година, кој до денешен ден ги восхитува љубителите на филмската уметност.

Metropolis (1927)

Да се преселиме, сепак, од световите на фикцијата и уметноста во реалноста на науката и технологијата. Кон средината на 20 век, „бездушниот“ Тин Ман полека станува реалност. До 1950-тите, генерации од научници, математичари и филозофи го создаваа концептот на вештачка интелигенција (AI).

Еден од нив е и Алан Туринг, млад британски научник математичар, кој ги истражува математичките потенцијали за создавање на вештачката интелигенција. Туринг доаѓа до заклучокот дека луѓето ги користат достапните информации, како и разумот, за да ги решаваат проблемите и да носат одлуки. Тој тогаш го поставува прашањето: Зошто машините не можат да го прават истото?

Алан Туринг

Тоа е логичката рамка на трудот на Туринг, објавен во 1950 година, „Сметачка машинерија и интелигенција“ во кој тој разговараше за тоа како да се изградат интелигентни машини и како да се тестира нивната интелигенција.

Од трудовите на Туринг до денес, живееме во ера на вртоглаво брз технолошки напредок, проследена со револуционерни технолошки скокови со незамисливи размери. Се стекнува впечатокот дека човекот и не е свесен колку технологијата е дел од неговиот живот. На почетокот на 2024 година, роботиката и вештачката интелигенција станаа едно.

*

Со овој краток вовед, ги започнуваме Дијалозите за вештачка тоа интелигенција и технолошкиот развој. Наш прв соговорник е писателот Валентин Нешовски, автор на научно-фантастичниот роман „Последната мисла во универзумот“, чија промоција беше на 1 ноември 2023.

Валентин Нешовски

Нешовски е познат и како новинар и уредник во повеќе македонски медиуми (Нова Македонија, Денес, Македонија Денес, ЗУМ магазин), дописник на неколку странски медиуми. Се школува и на катедрата за Меѓународни односи и режими на државниот универзитет во Оклахома, САД.

Непосредна инспирација за оваа серија разговори се и неговите текстови „Вештачка интелигенција – ќе нѐ спаси или ќе нѐ убие?“ и „Вештачката интелигенција оживеа робот: Влеговме во нова ера“, објавени на Фронтлајн.

Авторот Нешовски ја поставува дилемата, дали вештачката интелигенција ќе го спаси или ќе го уништи човештвото. Со оваа дилема и низа други прашања се соочуваат голем број мислители и научници на денешницата. Како и секогаш, на Првата линија на светските настани и процеси, FRONTLINE/ФРОНТЛАЈН се приклучува на светските дебати на овие теми од самото основање во 2019 година и редовно објавува вести, колумни и други прилози посветени на технолошкиот напредок од сите негови аспекти (TECH FRONT).

ЏАБИР ДЕРАЛА: Валентин, добредојде во овој дописен дијалог посветен на општествените, филозофските и вредносните аспекти на технолошкиот напредок. Кои се, според тебе, главните предизвици и перспективите на вештачката интелигенција?

ВАЛЕНТИН НЕШОВСКИ: “I’m sorry, Dave (Jabir), I’m afraid I can’t do that.” Знаеш, всушност, те поздравувам со веројатно најпознатата реченица на првата побуна на вештачката интелигенција (ВИ) против човекот, но само во историјата на филмот. Ја изрече ВИ – Хал 9000, во филмот на Кјубрик „Одисеја 2001).

Си направил убаво сиже на историјата на ВИ и роботиката, но би додал само едно нешто, а тоа етимологијата, потеклото на зборот „Робот“. Во драмата Р.У.Р од 1920 година чешкиот писател Карел Чапек, прв пат се употребува зборот „Робот“. Тоа не чешки значи „Работа“, па дури и „Присилна работа“, а тоа е она што ние луѓето го очекуваме од роботите – да работата за нас. Зборот, речиси веднаш нашироко влегува и во англиското говорно подрачје.

ВИ (AI – artificial intelligence) е прв пат споменат на симпозиум во Дартмут, Њу Хемпшир од Џон Макарти, научник од областа на компјутерските и когнитивните науки.

Всушност, реченицата на Хал „извини не можам да го направам тоа“ важи и за нашиов разговор, бидејќи, ми го постави најтешкото прашање на денешнинава. Но ќе се обидам.

Прашуваш: Кои се главните предизвици?

Ако се обидам да сублимирам во една реченица главната и конфронтирачка дилема на авторите на денешнава ВИ, на познавачите, когнитивните научници, социолозите… е:

„Дали ВИ ќе нѐ убие сите, или ќе создаде благодат за сите (сѐ за секого)?“

Меѓутоа, морам да нагласам, ние овде доцниме, тоа беше дилема пред 3 години, а особено по објавата на Chat GPT 3, на 30 ноември 2022.  Дилемата и дебатата уште постои, но се чини повеќе не е релевантна затоа што реалност е дека Духот е излезен од шишето. Односно, почна глобална трка на „вооружување“ со ВИ, бидејќи е технологија на иднината, носи големи профити и ќе има огромен импакт во сите сфери.

Од овие причини, и покрај сите предупредувања, почна и незапирлив е компетитивниот циклус, иманентен на денешниот капиталистички начин на организирање на пазарот, тука вклучувајќи го и новиот технолошки гигант, Кина. Всушност, основната причина на западните компании, онаму каде што ВИ е создадена, беше: „Но, што ќе направи Кина ако ние не продолжиме“. Стравот доаѓаше од тоа што Кина незапирливо граби напред без да почитува дури и елементарни авторски, копирајтерски правила како и заштита на приватноста. Дополнително, пазарот и инвестициите се државно контролирани. Впрочем, Кина неодамна донесе стратегија за АИ во која се вели дека „до 2030 година, земјата треба да биде светски лидер во областа на вештачката интелигенција со повеќе иновации во областа на ВИ технологиите и центри за обука на кадри“.

На позитивната страна, се чини основниот спиритус мовенс беше вербата дека ВИ е технологија која ќе му помогне на човештвото да реши многу предизвици на пример: глобалното затоплување, лек за рак и други сега неизлечиви болести и дека многу важно – после еден транзиционен период ќе создаде „сѐ за секого“ или изобилство на евтини стоки и услуги (Abundance of products).

ДЕРАЛА: За авторитарните режим, како што е Кина, лесно е да создаде стратегија и да напредува во нови области како што е ВИ, исто колку што лесно може да донесе и други стратешки одлуки за државата, како што се прашањата за војната и мирот, на пример.

Структурите на моќта во земјите под диктатура или со авторитарно водство, не подлежат на граѓанска контрола, а дебатата во јавноста е строго контролирана, ако воопшто ја има.

Затоа, не изненадува фактот што Кина оди напред со чекори од седум милји во оваа област, занемарувајќи сѐ што може да ѝ попречи на тој пат. Гледано од агол на авторитарните режими, ова е шанса за доминација во оваа трка. Затоа што, во развиените демократии, на пример, научната, јавната и политичката дебата може да биде „фактор“ за побавен развој. Потоа, тука се и други неодминливи прашања на, како што велиш, авторските права и други законски регулативи.

Не смее да се заборави дека ВИ ќе имаат силно влијание врз почитувањето на човековите права и слободи во една држава, а секако и на меѓународно ниво.

Тие „фактори“ се задушени во диктаторски режими.

Како и да е, кои се сценаријата за развој на ВИ?

НЕШОВСКИ: Дали ќе нѐ убие или ќе не препороди?

Да почнам со црното сценарио.

Неколкумина, вклучувајќи го и Елон Маск, како и Јувал Ноа Харари, предупредија; во основа, Маск вели: „ВИ е поопасна од  нуклеарното оружје“, додека Харари аргументира: За прв пат во историјата, човештвото создаде интелигентна технологија и притоа е на пат по сопствена воља да се откаже од моќта да одлучува (или ќе се откаже од т.н. agency). Притоа факт е дека одмавнувањето со рака „ништо не е ова, технологија како и секоја друга“ е само залажување.

Оваа револуција едноставно не може да се спореди со ниедна друга, почнувајќи од печатарската преса, преку парната локомотива, до нуклеарната енергија, бидејќи секогаш досега човекот одлучувал. Да бидам јасен, во оваа рана фаза, кога таа има, иако само рудиментирани елементи на разбирање и резонирање, човекот сѐ уште може да ја контролира преку давање на задачи. Маск, Хараре и други зборуваат за наредните етапи, кои доаѓаат многу брзо. На оние што следат јасно им е дека секој ден, ама буквално секој ден,  ВИ прави нови и нови откритија.

ДЕРАЛА: Фасцинантно! Да продолжиме, накратко, за главните фази во кои ќе се одвиваат процесите. Кои се основните информации со кои треба да се запознае јавноста за претстојните фази на развојот на ВИ?

НЕШОВСКИ: Првата фаза која се очекува во наредните една до две години е развој до генерална вештачка интелигенција (ГВИ), а тоа е моментот кога ВИ ќе достигне општа интелигенција еднаква на онаа со човекот (не само специјализирана интелигенција).

Може да се рече и дека тоа е моментот кога таа ќе почне да размислува, односно да го спознава светот, да го анализира и да добие способност сама да одлучува. Хал 9000, нели.

На пример, според Мо Говдат, поранешен главен бизнис офицер на Гугл Икс, во моментов (пред шест месеци) ВИ има коефициент на интелигенција поголем од оној на Алберт Ајнштајн (IQ над 150). Говдат, а и повеќе други, како што е  Бен Гоертцел од Хенсон Роботикс или Елаизер Јудковски од МИРИ велат и предупредуваат дека ВИ ќе се зголемува експоненцијално и дека тоа е огромна опасност, бидејќи речиси е извесно дека само за десетина години ВИ да биде поинтелигентна од човекот милиони или милијарда пати, никој не знае.

Достигнувањето на нивото на човечка интелигенција се вика сингуларност (singularity) и во светот се направени многу истражувања. Ние, според моите уверувања, темелени на денови и денови истражувања на овие теми, сме само на чекор од овој момент. Всушност истражувањата ги правев за потребите за мојата книга „Последната мисла во Универзумот“пред една година, во која во стил на новела се презентирани многу предвидувања за тоа каде се движиме како цивилизација.

Втората фаза  би била вештачка супер интелигенција (ВСИ). Тоа е она на што предупредуваат многумина, во жаргон веќе наречени – алармисти. Таа би била многу, многу пати поинтелигентна од човекот. Тогаш, Џабир, прашањето ќе биде дали ВИ ќе нѐ остави на мир нас луѓето и ќе се однесува како ние кон мравките или ќе заклучи дека ние сме најголемите штетници на планетата и ќе нѐ убие (алармистите смислија многу начини, ќе креира нов вирус што ќе го ослободи во воздухот, ќе го активира нуклеарниот потенцијал, ќе ја уништи економијата и ќе создаде светска војна…). Всушност, тоа е ситуација во која ние ниту ќе разбираме што таа ни вели, што посочува, дали предупредува, бидејќи нема да го разбираме нејзиниот јазик, човештвото ќе биде како кутре што едвај нешто разбира од она што ние му велиме. Замисли, разлика во интелигенција од милијарда пати.

Но, да застанам тука со црното сценарио. Има многу да се зборува за ова од етички, социјален, когнитивен или технолошки аспект. Долго ќе разговараме на оваа тема.

ДЕРАЛА: Колку се морничави, толку се и можни овие сценарија. Се разбира, има и позитивни сценарија…

НЕШОВСКИ: Да. Да се вратам на позитивното сценарио.

Во оваа паралелна можна иднина, како што спомнав, ГВИ или ВСИ ќе ни помогне во сѐ. И тоа е реалност веќе денес. Идејата е дека ако достигнеме вештачка супер интелигенција и притоа сме доволно паметни да ја направиме добронамерна, односно подобра од нас (во техничкиот жаргон е наречено alignment), тогаш нашата цивилизација ќе има само придобивки.

Опен АИ, организацијата, сега веќе компанија што е во тесни врски со Мајкрософт и која практично ја создаде најнапредната ВИ во моментов веќе објави проект за супералигнмент во кој се предвидува дека до 2027, Опен АИ ќе посвети значаен дел од својата компјутерска моќ кон вредносна контрола на  ВИ. Тие велат –  „Потребни се научни и технички достигнувања за да ги управуваме и контролираме ВИ системите многу поумни од нас.“ Каква важност се придава кон ова зборува и фактот што проектот го водат главниот истражувач за усогласување во Опен АИ, Жан Лејк и веќе легендарниот Илија Суцкевер, главен научник на компанијата.

Велам, веќе денес има придобивки и тие се евидентни иако ќе предизвикаат многу големи поместувања на пазарот на работна сила. ВИ веќе е вклучена во многу производи што ги користиме. Од пребарување, откривање и блокирање на ботови и говор на омраза на социјалните медиуми, до производство на нови материјали. ВИ за само неколку месеци комбинирајќи ги атомските структури од периодичниот систем на елементите откри нови 2.2 милиони материјали од кои 281.000 се стабилни и веќе се тестираат во лаборатории. Замислете нови материјали во градежништвото, оптичката и комуникациската индустрија или во облекувањето и модата.

На МИТ и Харвард, ВИ откри нова класа антибиотици кои имаат ефект врз МРСА (оваа стафилокока стана резистентна на досегашните антибиотици). Шефот на Фајзер Алберт Боурла на средбата во Давос изјави дека со помош на ЛЛМ (Large Language Models, методот со кој работи ВИ) биле произведени вакцините употребени за време на Ковид-19 кризата. Ова спаси милиони животи. Тој го објасни процесот на создавање вакцини – всушност, вели, при откривањето нови вакцини ние во лабораторија комбинираме милиони молекули и гледаме која комбинација има ефект. Во случајот, на ВИ ѝ требале само 4 месеци, иако откривањето на нови вакцини досега траеше со години.

Ќе набројам само уште неколку придобивки. Денес со ВИ може да произведете видео со наредба (prompt) на пример „направи ми видео на волк како завива пред вулкан и носи шубара“ и тоа ќе биде верно. Овој најнапреден модел на Гугл наречен Лумиер е објавен деновиве.

Песна за Солунска Глава во стилот на Блаже Конески, напишана од Chat GPT 4 за неколку секунди. Во наредбата (Prompt) никаде не се споменува Македонија но ВИ креира стих во кој се споменува „македонска душа“.

Истото е и за фотографиите. Има серија ЛЛМ-и кои го прават тоа. Може да ја прашате ВИ што сакате и ќе одговори во 99 отсто случаи точно. Понекогаш халуцинира. Пишува поеми, состави, романи, финансиски и било кој друг тип анализи, зборува македонски и секој друг јазик на планетава. Пишува презентации, говори, анализира ексел табели, чита што и да ѝ дадете, слуша, дури веќе и гледа. Компонира музика, програмира со алгоритми и програми со говорни наредби, на пример „направи ми видео игра во која една топче игра пинг-понг“. Ќе ја направи за помалку од 60 секунди.

ДЕРАЛА: Очигледно, овој процес ќе биде извонредно динамичен. Кажи ни накратко за резултатите, но и последиците од овој вртоглав развој? Како ќе се одвива транзицијата? Се разбира, дискурсот на глобалната дебата, а така и овие наши дијалози, најмногу ќе се вртат токму околу овие прашања.

НЕШОВСКИ: Велам, ќе има многу дисруптивност во целата транзиција која според некои ќе трае 10-15 години. Директни и брзи последици ќе има веќе во 2024 година. Во технолошки напредните земји многумина од т.н. интелектуални професии останаа без работа.

Први на удар се програмери, новинари, факт чекери, аналитичари, сметководители, графички дизајнери, маркетинг специјалисти, сите што работат нешто со ИТ. Втори ќе бидат оние што даваат услуги – туристички агенции, продавачи, други интелектуални услуги. Ќе настрадаат дури и адвокати и доктори. Гугл на пример веќе објави дека создаде ВИ програм за дијагностицирање. Во пробните анализи ВИ била далеку попрецизна во земањето анамнеза и дијагностицирањето од докторите во сите четири категории (сам доктор, доктор со книги, доктор со ВИ и сама ВИ). Можете само да замислите колку е ова корисно при дијагностицирање и само дијагностицирање во рурални региони каде што има недостиг на доктори. Или во некои земји во Африка, Азија, Јужна Америка. Денес секој има телефон и со овој чет бот ќе може да се самодијагностицира па да побара помош.

Од друга страна, сето ова ќе предизвика и вишок работна сила. На 14 јануари, објавен е извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) според кој ВИ ќе афектира 60 отсто од професиите во развиените држави, а 40 отсто на глобално ниво.

Влијанието на ВИ врз работната сила: Извор ММФ.

Токму затоа, веќе се зборува за Универзална основна плата за сите (Universal basic income) бидејќи многумина ќе останат невработени. За да се спречат социјални немири, Владата на САД и други размислуваат за високи даноци за големите компании и обезбедување пари за социјална помош на невработените. Секако, за подалечната иднина се развиваат стратегии за поправична распределба на добрата, па дури и на светско ниво. Затоа што напредните земји ќе станат побогати, но што ќе се случи со земјите во развој? Ќе има ли нова голема преселба на народите кон побогатите земји? Доколку не се случи револуција или поголеми поместувања, позитивното сценарио, за 50-ина години би резултирало со „сѐ за сите“ програми. Сето ова, нели, заедно со роботиката, која доживува експлозија по откривањето на ЛЛМ моделите.

Фотографија креирана од ВИ – ДАЛЛ-Е за 10 секунди со наредба „Направи ми илустрација од човек и два роботи како стојат на планета, се гледа ѕвездено небо и Сатурн во позадина.

ДЕРАЛА: Ова е почеток на Утопија!

НЕШОВСКИ: Звучи утописки, но проекциите се дека луѓето нема ништо да работат и ќе имаат сѐ што им е потребно. Секако, сето ова ќе има тежок социјален, психолошки и општествен импакт – многумина се идентификуваат со работата, со професијата, но пропонентите на ВИ на шала, но и навистина им велат – ќе играте тенис и шах, ќе сликате и пишувате поеми, шетајте се, уживајте во природата.

Живееме, Џабир, во најинтересното време што некогаш постоело. Јас бев долго време новинар и уредник, темиве ги следам уште подолго бидејќи сум голем фан на СЦИ-ФИ, првиот текст за овие работи го објавив далечната 1997 година во неделникот „Денес“, а често пишував за технолошките работи, виертуелниот свет, геостратешките влијанија на технологијата и во политичкиот неделник „ЗУМ “.

Во мојата книга сум оптимист, иако носи предупредувачки поднаслов „Апокалипса“. Се однесува токму на овие теми за кои зборуваме. Секако ова се само општи места, мислам дека во серијалов дијалози ќе има простор да влеземе во сѐ што сега само нафрлив, многу подлабоко.

Во една реченица: Сци-фи романите ни се случуваат пред очи.

На следната средба, ќе зборуваме за тоа како работи ВИ, роботиката, новите апликации на ВИ, влијанието во социјалните медиуми… (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира