Дерала: Дел граѓански организации од земјава кои се платени од ЕУ и од други фондови во западните демократски земји всушност шират класична руска пропаганда

Цивил само од почетокот на оваа година има регистрирано и архивирано повеќе од 3.000 различни облици на злоупотреба на јавната комуникација преку социјалните мрежи и медиумите, вклучително и мејнстрим медиумите, телевизиите и националниот сервис, рече претседателот на ЦИВИЛ – Џабир Дерала во интервју на „Слободен Печат“.

Тој истакна дека се забележуваат низа сериозни прекршувања: говор на омраза, дезинформации, лажни наративи, националистички пропагандни и антизападни наративи.

„Кога велам антизападни тоа се оние наративи кои се спротивни од македонските национални интереси и македонската државна ориентација. Се работи за наративи кои всушност и пречат на Македонија да оди понатаму во евроатланските интеграции“, рече Дерала.

Исто така, нагласи Дерала, се бележи и еден многу силен бран од руска пропаганда која доаѓа или директно преку медиумите и социјалните мрежи, меѓутоа и преку други ентитети: верски заедници, граѓански организации, па дури и бизнисот.

„Тие канали се отворени и преку политичките партии и други политички групи. и граѓански иницијативи кои под превезот на „човекови права“, или некаква гордост или некакви национални или идентитетски прашања тие всушност служат како антени, односно канали за антизападна проруска пропаганда. Тие доаѓаат и преку прокси канали. Србија е еден од тие канали преку кој има бранови на пропагандни наративи кои доаѓаат од Москва“, истакна Дерала.

Тој рече дека „ЦИВИЛ буквално секој ден го следи тоа и имаме извештаи на дневна, неделна и месечна основа и тоа го соопштуваме секогаш кога имаме цврсто верификувани податоци и факти“.

Дерала потенцира дека дел на граѓански организации влегуваат во валканата игра на руска пропаганда која е опасна и може да ги загрози нашите национални интереси и безбедноста на земјава.

„Многу е интересно што бележиме дека одредени политички партии, преку медиумите, социјалните мрежи а од неодамна и преку граѓански „тинк-тенк“ организации, излегуваат со негирање на тоа дека постои било какво руско влијание во земјата. И тоа да не беше драматично за развојот на настаните во оваа кревка реалност во која се наоѓаме, тоа ќе беше гротескно и смешно. Меѓутоа очигледно е дека одредени граѓански организации кои се платени од запад, од ЕУ, од други фондови во западните демократски земји всушност шират класична руска пропаганда и им служат на партиските интереси на одредени партии. Тоа е она „Ѓаволот, првата работа што ја прави е да ве убеди дека не постои“. Токму тоа се случува во овој дел. За жал дел граѓански организации влегуваат во оваа валкана игра која е опасна и може да ги загрози националните интереси и безбедноста и стабилноста на земјавата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира