Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи владејачкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ, а ниту Грција, со оглед на тоа што грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во своите говори сега не го користи терминот „Северна Македонија“, туку „Скопје“ или „северниот сосед“
Мери ЈОРДАНОВСКА*
Преспанскиот договор има извесна „сива зона“ која може да се толкува различно и токму затоа е направен така, со цел да се чита пошироко за да постои пристап на добра волја. Но, очигледно, во моментов, добра волја нема ниту партијата која ќе го предводи владејачкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ, а ниту грчките власти со оглед на тоа што премиерот Киријакос Мицотакис во своите говори не го користи терминот „Северна Македонија“, туку „Скопје“ или „северниот сосед“.
Ова за Мета.мк го коментираат дипломатски извори добро запознаени со изготвувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор, а откако новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, при давањето на свечената заклетва во Собранието не го употреби уставното име. Нејзиниот потег наиде на поддршка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но и на жестоки реакции од грчка страна.
Најважното прашање во моментов е Бугарија
„Сето ова не оди во корист на Северна Македонија, со оглед на тоа што најважното прашање во моментов ни е Бугарија, а ние, занимавајќи се со прашања кои веќе се затворени, ќе ги губиме позициите во однос на отворените прашања со другиот сосед“, велат нашите извори. Најголемите дилеми при толкувањето е членот 1, став 3 од Преспанскиот договор кој меѓу останатото предвидува:
а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.
е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба.
Во членот 1, став 7и став 8, пак, од Договорот се зборува за тоа како ќе се третира користењето на термините по влегувањето во сила на спогодбата.
Член 1.7
По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст.
Член 1.8
По влегувањето во сила на оваа спогодба, а земајќи го предвид член 1, став (9) и став (10), Страните ќе го користат името и термините од член 1, став 3 за сите намени и цели erga omnes, односно за внатрешна употреба, потоа во сите свои билатерални односи и во сите регионални и меѓународни организации и институции.
Мицотакис: Прекршувањето на Договорот од Преспа ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ
Официјална Атина ја засили реториката кон С.Македонија откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова на свечената заклетва не го кажа уставното име на државата, а вчера јавна поддршка доби и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и веројатно новиот мандатар на Владата, Христијан Мицкоски.
Мицкоски вчера јасно нагласи: „имам право да ја нарекувам мојата земја како што сакам“, инсистирајќи на употреба на терминот „Македонија“. Мицкоски беше дециден: „ако Грција смета дека го прекршивме Договорот од Преспа, нека се жали до Меѓународниот суд на правдата“.
Инаку, членот 19 од Договорот предвидува дека двете земји споровите околу договорот „ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации“. Потоа, предвидено е да се бара решение преку билатерални преговори, а со помош и на ОН. Ако преговорите не успеат, тогаш може да се поведе спор пред Меѓународниот суд на правдата:
Член 19
Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации.
Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето.
Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно.
По изјавата на Мицкоски дека Грција може да се жали кај Меѓународниот суд на правдата, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис испрати нова порака – дека нема простор за никаква отстапка.
„Грција строго ќе ја следи ситуацијата во Северна Македонија. Навистина бараме од владата и претседателот на Северна Македонија верно да го имплементираат Договорот од Преспа. Ние сме многу среќни да разговараме понатаму. Но, како што реков, не може да се толерираат отстапки за основите“, рече Герапетритис.
Тој вели дека не се согласува со Договорот од Преспа бидејќи станува збор „за правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето“, но дека сепак, тој претставува меѓународно право кое мора да го почитуваат бидејќи согласно Уставот е над секоја друга законска одредба.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска уште еднаш предупреди дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пренесе грчки „Катимерини“.
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот сè додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
Тој рече дека „ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“.
„Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување“, рече Мицотакис.
Мицкоски: Oсновно човеково право е како својата држава ќе се нарекува пред јавноста и медиумите
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање пред Самитот Македонија 2025, во врска со свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова истакна дека таа била достоинствена и дека очекувал честитка од нашиот јужен сосед, наместо политички мускули.
„Не очекувам односите помеѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекуваме да имаме добри и одлични меѓусоседски односи. Ценам како ВМРО-ДПМНЕ, а и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, ниту на едните ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, рече Мицкоски.
Тој вели дека за разлика од Грција, Преспанскиот е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и закони и комуникацијата во институциите и самите институции остануваат согласно Уставот, но негово основно човеково право е како својата држава ќе ја нарекува пред јавноста и медиумите.
„Очекувам и да биде начин на однесување на претседателката Силјановска да се користат Македонија и македонски бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, немаме прекршување на истиот и ја користам оваа прилика до нашите пријатели од Грција да престанеме со закани, опструкции, со враќање назад, да гледаме во иднината, ова се документи кои се дел од правото. Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда, па таму ќе ги вкрстиме аргументите. Не би сакал до тоа да дојде, повикувам на пријателски односи, да се помагаме. А, ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото бидете сигурни дека тоа нема да го направиме“, истакна Мицкоски.
*Преземено од агенцијата МЕТА