Слаѓана Вујошевиќ за успехот, предрасудите и театарот: Ние сме гласници на туѓите приказни

Во најновото издание на ТВ магазинот „Трилинг“, познатата македонска актерка Слаѓана Вујошевиќ отворено зборуваше за својот професионален пат, личниот развој и предизвиците со кои се соочува во театарот и животот. Позната уште од детските емисии, а денес како истакнат дел од ансамблот на Турскиот театар во Скопје и гласот на популарната хероина Биби, Вујошевиќ сподели длабоки размислувања за нејзината професија.

Враќањето од Истанбул во Турскиот театар

Слаѓана Вујошевиќ, која изминатиот период докторираше и живееше во Истанбул, раскажува дека додека престојувала таму дури и размислувала и сонувала на турски јазик. По отворањето на конкурсот за вработување, таа лесно се вратила и прилагодила на сцената во Турскиот театар во Скопје, каде што денес суверено владее креирајќи ликови на турски јазик. Покрај театарот, таа успешно се трансформира и пред камерите и микрофоните, а работи и како едукатор, што го смета за континуиран процес на заедничко растење со студентите.

Актерот како канал за туѓите приказни и „глобалната тага“

Со текот на годините, нејзиниот пристап кон глумата се променил. Додека на почетокот на кариерата главна мотивација ѝ биле докажувањето и аплаузот, денес Вујошевиќ ја сфаќа одговорноста на професијата.

„Јас повеќе не сум изворот од којшто течат приказните, туку јас сум каналот низ којшто се раскажуваат туѓите приказни“, истакна таа, додавајќи дека актерите мора да бидат гласници на денешното време и на „глобалната тага“ предизвикана од војните и случувањата во светот.

„Интервју“ и цената на професионалниот успех

Зборувајќи за новата психолошка драма „Интервју“ во режија на Александра Кардалевска, која ги обработува темите на моќта, манипулацијата и амбицијата во корпоративниот свет, актерката направи и лична ретроспектива. Таа призна дека претставата ѝ послужила како огледало, соочувајќи ја со периоди од нејзиниот живот кога кариерата ѝ била пред сè и кога запоставувала многу приватни настани поради успехот.

Сепак, за разлика од суровите ликови во претставата кои „газат преку живи луѓе“ за да припаднат во корпоративната група, таа се труди секојдневно преку своите постапки да не биде таква, потенцирајќи дека актерската професија учи на емпатија.

Соочување со сопствените предрасуди

Иако е растена во Сарај, во мешано семејство како внука на Турчин, Слаѓана Вујошевиќ сподели вредна лекција што ја научила во Истанбул преку цимерка од Босна која носела шамија. Ова искуство ѝ помогнало да сфати дека дури и таа имала несвесни предрасуди.

„За да се впери прстот во другиот, мора првин да се впери кон себе. Мора првин себеси да се преиспитаме што можеме да направиме подобро ние, а тогаш да бараме од другите“, заклучи актерката.

Награди, стравови и надеж за младите

Нејзиниот талент неодамна беше крунисан со наградата за главна женска улога на фестивалот „Војдан Чернодрински“ за ликот на Констанца во претставата „Амадеус“. Оваа улога, која прикажува партнер кој безусловно се жртвува, ја потсетила дека поддршката во приватниот живот мора да биде двонасочна.

На крајот од разговорот, Слаѓана Вујошевиќ истакна дека се справува со животните стравови преку нивно освестување и прифаќање, сфаќајќи дека секој страв е врзан со надеж и желба. Она што денес најмногу ја прави среќна е благодетот континуирано да работи, но истовремено чувствува голема тага и фрустрација што многу млади и талентирани колеги во државата ги немаат истите услови за да го реализираат својот сон

Најчитано