Најлошиот појадок: овие „здрави“ избори ви ја крадат енергијата

Најлошиот појадок често не изгледа како грешка, туку како брз, практичен или дури „здрав“ избор со кој го започнуваме денот. Но, зад шарените пакувања, пекарските производи, овошните јогурти, соковите и преработеното месо често се кријат многу шеќер, рафинирано брашно, сол, заситени масти и малку вистински хранливи вредности.

Многу луѓе утрото го почнуваат со житарки што на пакувањето се рекламираат како „фит“, „полни со влакна“ или „од цело зрно“. Но, ако во составот има многу додаден шеќер, таквиот појадок може брзо да ја крене енергијата, а потоа уште побрзо да ја урне. Резултатот е познат: глад, нервоза и пад на концентрацијата уште пред ручек.

Слична замка се и крофните, кроасаните, лиснатите теста и другите пекарски производи. Мирисаат примамливо, се јадат брзо и изгледаат како идеално решение кога се брза, но најчесто се направени од рафинирано бело брашно и масти, со малку протеини и влакна. Тоа значи дека телото добива калории, но не и стабилна ситост.

Овошните јогурти се уште еден пример за храна што звучи подобро отколку што реално е. Обичниот јогурт може да биде добар избор, но куповните овошни варијанти често содржат додаден шеќер и повеќе личат на десерт отколку на здрав појадок. Подобра опција е обичен грчки јогурт или кефир со свежо овошје, јаткасти плодови или овес.

Ниту овошните сокови и смутија не се секогаш невини. Дури и кога пишува „100 проценти природно“, сокот најчесто е лишен од дел од влакната што ги има целото овошје. Така шеќерот побрзо стигнува во организмот, без истиот ефект на ситост што би го дале цело јаболко, портокал или банана.

На листата на најлоши утрински избори се и преработените месни производи како евтини виршли, салами и паштети. Тие често содржат многу натриум, конзерванси и адитиви, а малку квалитетни протеини. Ако редовно се јадат за појадок, можат да го претворат првиот оброк во тежок старт за организмот, наместо во извор на стабилна енергија.

Добар појадок не мора да биде комплициран, но треба да има рамнотежа. Најдобро е да содржи протеини, влакна и здрави масти: јајца, овесни снегулки подготвени дома, грчки јогурт или кефир, интегрален леб со младо сирење, авокадо, јаткасти плодови или свежо овошје. Разликата е во тоа што ваквиот појадок не создава само краток енергетски скок, туку му дава на телото гориво што трае подолго.

Најчитано