Европски ветришта над Балканот

Во Црна Гора „падна“ последниот лидер во Европа со потврден комунистички бекграунд, а на Радев на тенко му се држи улогата на неприкосновен узурпатор на бугарското изборно лимбо

Зоран БОЈАРОВСКИ

Европски ветрови дувнаа над Балканот. Во Црна Гора „падна“ последниот лидер во Европа со потврден комунистички бекграунд, а на Радев на тенка нишка му се држи улогата на неприкосновен узурпатор на бугарското изборно лимбо.

Понеделнички, од денеска, 3 април, секојдневието на Балканот осамна со една нова реалност: Во Подгорица во Црна Гора на работното место претседател на државата веќе нема да оди Мило Ѓукановиќ. Овој пресврт во политичкиот живот на оваа земја најемотивно го изразви новоизбраниот претседател на Јаков Милатовиќ кој изјави дека „ноќта што ја чекаме повеќе од 30 години“ и посочи дека вечерва Црна Гора направи одлучувачки чекор напред и решително се збогува со режимот на Мило Ѓукановиќ.

Во Бугарија, пак, иако со многу тесна победа, на ниво на статистичка маргина, победи коалицијата ГЕРБ-СДС за којашто гласале 26,51 отсто од граѓаните (642.032 гласа), додека коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија освои 24,90 проценти од гласовите (603.154 гласа). За про-руската, анти-ваксерската и анти-натовската Преродба со освоени 14,38 отсто (348.252 гласа).

За разлика од Црна Гора каде што разликата од 60% од гласовите на контото на новиот претседател Милатовиќ, наспроти оние од 40% за Ѓукановиќ е доволно моќна за збогување со сите вредности на политиките на претседателот во заминување, во Бугарија нема таков сооднос меѓу прогресивните сили на ПП-ДБ со оние на ГЕРБ-СДС.

Но, разликата што овие две коалиции ја имаат кумулативно визави апсурдно конзервативната БСП којашто, всушност, е или беше политичка логистика за претседателот Румен Радев, и останатите партии што го преминаа прагот за да бидат претставени во бугарското Собрание, е доволен  аргумент да се охрабри коалиција за обезбедување мнозинство за нова и подолготрајно политичко „правитеклство“ коешто за приоритет ќе си постави и реализира проевропската агенда и конечно ќе ја „откачи“ земјата од тенденциите кои ја „завлекоа“ кон проруските вредносни концепти.

Заминувањето на последниот европски лидер со комунистичка тапија

Со последните претседателски избори во Црна Гора му се отвори патот на последниот европски лидер со комунистичка тапија конечно да се замине од политичката сцена со која владееше последните 30 години. Дали ќе си замине и од помалку видливата сцена на политичката транзиција на Црна Гора на која Ѓукановиќ беше и режисер и главен актер, останува да се види.

Мило Ѓукановиќ, својата кариера ја започна во комунистичката младина со помош на неговиот татко, кој бил истакнат црногорски политички функционер. Фактот што е син на познат политичар, како и неговите политички врски помогнаа Ѓукановиќ брзо да “се искачи” до позицијата член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија.

Во 1989 година Ѓукановиќ влегува во владеачките структури на Црна Гора, а само две години подоцна со голема поддршка на Слободан Милошевиќ станува премиер на Црна Гора со само 29 години.

Понесен од личните амбиции во 1997 година застанува отворено против тогашниот водач на Србија Милошевиќ, кој практично му ја даде власта во Црна Гора. Набргу после тоа започна и неговата националистичка реторика во која се претставуваше како некој кој ги чува интересите на Црна Гора, а круна на тие негови активности беше референдумот во 2006 година за конечно отцепување на Црна Гора од тогашната Заедница на на Србија и Црна Гора.

На крилјата на црногорскиот национализам, Ѓукановиќ ја зацрвсти власта и тој практично станува неприкосновен владетел на Црна Гора. Неколку години подоцна Ѓукановиќ ќе се најде во средиштето на така наречената Тутунската афера кога медиумите објавија дека Мило е еден од најбогатите државни лидер во светот, чие богатсво е ноколкупати поголемо од богатството на американскиот претседател Барак Обама. Се шпекулира дека имотот му е вреден околу 11 милиони евра.

Медиумите го поврзуваа и со убиството на уредникот на хрватскиот неделник „Национал“, Иво Пуканиќ, кој сведочеше во Бари за криминалната група на Балканот. Во серијата афери коишто го инволвираа Мило Ѓукановиќ повеќе или помалку е онаа од 2014 година, кога реагираше дури и американската амбасада во Подгорица, во ворска со продажбата на црногорскиот „Телеком“.

Историски ден за Црна Гора – победата на проевропскиот Милатовиќ е чекор кон понапредна и поевропска Црна Гора

Имајќи го целиот бекграунд на ерата на Ѓукановиќ во Црна Гора, и тоа не само биографски, туку и политички, како национална катарза делуваат првичните изјави на новоизбраниот претседател Јаков Милатовиќ и актуелниот премиер Дритан Абазовиќ.

Јаков Милатовиќ, новиот претседател на Црна Гора

Милатовиќ изјави дека „верува дека Црна Гора конечно е зрела како општество да ги смени претседателот и владата со молив. Дека конечно станавме демократски зрело и развиено општество, рече Милатовиќ“. „Дојде до конечниот пораз на симболот на претходниот режим што владееше со Црна Гора во изминатите 30-тина години“, рече Милатовиќ.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој е член не истата партија на која припаѓа и Милатовиќ – Движење за Европа Сега (ДЕС) му честиташе на Јаков Милатовиќ за неговиот избор за прв европски претседател во историјата на Црна Гора.

Двајцата млади, проевропски лидери, истакнуваат дека Црна Гора сега е пред светла иднина и дека ќе работиат заедно за европска, граѓанска и еколошка држава, трите главни столбови на кои се потпира политичката програма на нивната партија.

За Јаков Милатовиќ, освен одлуката на граѓаните на оваа земја со својот глас да се определат за иднина со „нов, економски и европски развој на земјата“, за сметка на минатото „со поделби и сиромаштија“, новиот претседател на Црна Гора има јасен став и за регионалната соработка и дека „сите врски со земјите од Западен Балкан треба силно да се подобрат“.

Оваа позиција на Милатовиќ е сосема комплементарна со заложбите на црногорскиот премиер Абазовиќ, кој откако ја презеде претседателската функција во Владата во Подгорица, постојано ја држеше подотворена вратата на „Отворен Балкан“ за својата земја со постојаното учество на форумите на оваа иницијатива на која силен противник беше токму Мило Ѓукановиќ.

Можно ли е Румен Rадев повторно да биде ѕвезда на изборите?

На другата страна на Балканот, во Бугарија, ситуацијата на јасна дистинкција меѓу западот и истокот, барем во однос на соодносот на изборните резултати не е толку силна, и главно се исполнија предвидувањата дека двете водечки коалиции нема да освојат доволно гласови за формирање самостојни и стабилни политички владини гарнитури.

Според последните информации до оваа анализа, односно од 95,89 отсто обработени податоци на Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија за ГЕРБ-СДС гласале 26,51 отсто од граѓаните (642.032 гласа). Додека коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија освои 24,90 проценти од гласовите (603.154 гласа), а за Преродба освои 14,38 отсто (348.252 гласа).

Разликата што двете коалиции ја имаат кумулативно визави про-руската, анти-ваксерската и анти-натовската Преродба и наспроти апсурдно конзервативната БСП којашто, всушност, е или беше политичка логистика за претседателот Румен Радев, и останатите партии што го преминаа прагот за да бидат претставени во бугарското Собрание, оди во прилог на срамежливо најавуваната коалиција за обезбедување мнозинство за нова и подолготрајно политичко „правителство“ на ГЕРБ/СДС и ПП/ДБ.

Оваа можност досега не беше многу гласно афиримирана заради надежта што двете коалиции ја негуваа дека ќе направат некоја посериозна разлика на избирачките места, но и заради довербата на своето гласачко тело кога се знае дека секој глас е важен.

Но сега, после изборните, за оваа опција сѐ погласно се размислува како излез од долготрајниот ќорсокак во кој заглавија политичките институции во Бугарија и како можност за формирање на компромисно времено, но сепак политичко правителство, коешто за приоритет ќе си постави и реализира проевропската агенда и конечно ќе ја „откачи“ земјата од тенденциите кои ја „завлекоа“ кон проруските вредносни концепти.

Според бриферите на Рацин.мк од Софија, во оваа насока на приближување на ставовите на двете коалкиции да се согласат да направат некаква пред сѐ тематска влада, без разлика дали ќе биде  политички широко или малцински поддржана, се гледа како решение за порешително свртување на Бугарија во насока на Запад, кон посилна поддршка на политиките на НАТО и кон појасна поддршка за Украина.

Пречките оваа опција да стане реалност, меѓу другото, се искушенијата што пред Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија ги носат локалните избори и предизвикот да ги освојат Софија и другите поголеми урбани центри и на тој начин да се „качат на бранот“ на таквата победа којашто, можеби, може да им донесе поубедлив резултат на нови избори кон крај на годината.

Во целата таа ситуација, парадоксално, повторно како „победник“ и на овие избори е актуелниот претседател Румен Радев.

Иако функцијата претседател на државата и во Бугарија обично има само церемонијална улога, политичкиот хаос што се создаде во последните 5 години заради неможност за формирање мнозинска политичка влада, поранешниот пилот на МиГ-29 и шеф на воздухопловните сили на Бугарија и актуелен претседател Румен Радев се најде и се пронајде себе си во назначувањето технократски привремени правителтва со големи последици по надворешната политика на земјата, членка на НАТО, и тоа за време на војната во Украина.

Румен Радев беше човекот што главно ги движеше конците на Бугарија во последните 4-5 години и по прашањето на евроинтеграцијата на Македонија, но индикативно е што таа тема во вториот, па и во првиот круг на предизборната кампања беше далеку според интензитетот како во претходните изборни циклуси.

Како што пишуваше во анализата за Рацин.мк нашиот аналитичар и колумнист Тони Поповски, коалицијата ПП – ДБ со слоганот „Има како (Има начин)“ беше фокусирана на теми поврзани со владеење на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата, на зголемување на конкурентноста на бугарската економија преку иновации и осовременување,  со јасна определба за трансформација на Бугарија во современа европска држава,  додека ГЕРБ – СДС како главен политички слоган ја имаше „Стабилна Бугарија – одново“ во смисла на барање на посилна доверба за да прекине политичката криза, да се избере редовна влада, да се стабилизираат јавните финансии, инфлацијата и должничката спирала но и да се спроведува надворешна политика во заштита на бугарскиот национален интерес. 

Сега останува да се види дели овие политички концепти имааt заеднички именитеl околу кој можат да се согласат двете коалиции и да бидеме сведоци на ново поместување на Бугарија кон европските вредности со што ќе биде потврдено дека европскиот ветер на промени ја зафатил и оваа земја.

Треба да знаете
Moже да ве интересира