ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Наградуван документарец на Новакова, последниот филм на Лукас Нола, премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар, џез-концерти со музика на „Леб и сол“ и „Николов-Ивановиќ Ундектет“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, документарен и игран филм, концерт… Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: Специјална проекција на документарецот „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова

На 12 декември (вторник) со почеток од 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи специјална проекција на наградуваниот документарен филм „Молкот на разумот“ од Кумјана Новакова.

„Молкот на разумот“ (Silence of Reason) е форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото.

Изграден исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, „Молкот на разумот“ делува како самата меморија: неостварлива, флуидна, отфрлајќи ја рамката, се движи во сите правци, просторни и временски. Личните искуства на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи го времето и просторот.

Новакова за нејзиниот најнов долгометражен документарен филм „Молкот на разумот“ минатиот месец ја доби наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision”на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА во Амстердам. 

Наградата ја додели петочлено жири, a фокусот на натпреварувачката програмска секција „Envision” беше на меѓународни или светски премиери на филмови со посмела форма, каде авторите и авторките и пристапуваат на реалноста од поинаков агол и ги истражуваат најдалечните граници на документарната уметност.

„Молкот на разумот“ е добитник на наградата за човекови права на Филмскиот фестивал во Сараево 2023, наградата за најхрабар филм на Филмскиот авторски фестивал 2023 во Белград, и Специјално признание на Филмскиот фестивал во Торино 2023.

Режија и сценарио: Кумјана Новакова; Монтажа: Јелена Максимовиќ; Дизајнер на звук: Владимир Живковиќ; Графички дизајн: Елена Диновска Зарапчиев; Продукција: Кумјана Новакова / „Медеа“; Копродукција: „Pravo Ljudski“; VFX: Нувит Бингол

Филм: „Ескорт“ на Лукас Нола

Хрватско-македонско-косовската долгометражна играна копродукција „Ескорт“ (Escort) на Лукас Нола (Lukas Nola) ќе биде прикажана во Кинотеката во четири термини: 13 декември (среда) од 18:00 ч.; 16 декември (сабота) од 18:00 ч.; 18 декември (понеделник) од 18:00 ч. и 19 декември (вторник) од 18:00 ч.

„Ескорт“ (2023, 120 мин., колор, ДЦП) е последен филм на Лукас Нола, кој почина минатата година. Приказната го следи Миро, кој за време на службено патување, за прв пат во животот, вечерта ја поминува со ескорт дама кој некој ја испратил во неговата хотелска соба. После страстниот секс, тој ја наоѓа девојката мртва во тоалетот.

Успешниот и среќно оженет Миро, татко на две деца, ја прикрива несреќата со помош на двајца вработени во хотелот, кои набрзо почнуваат да бараат од него да им ја возврати услугата. На почетокот, тоа се мали нешта, но наскоро нивните барања почнуваат да излегуваат од контрола. Двајцата соучесници во неговото „злосторство“ одеднаш добиваат голема улога во неговиот живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.

Улогите ги толкуваат Живко Аночиќ, Крешимир Микиќ, Никша Бутијер (Živko Anočić, Krešimir Mikić, Nikša Butijer)…

Лукас Нола е дипломец по режија на Академијата за драмски Уметности во Загреб. Има реализирано 8 играни филма и 2 мини ТВ серии. Неговиот претходен филм „Молчи“ (2013) е прикажуван на фестивали во Португалија, Франција, Индија, Египет, Полска и многу други земји, а за култниот филм „Небо, Сателити“ (2000) беше награден со „Златна арена“ за најдобра режија.

Лукас Нола

Нола се одликува со различни квалитативни дела и останува запаметен како еден од најталентираните режисери во Хрватска. Неговите филмови во еден момент функционирале како мало движење на отпор наспроти просекот на хрватската кинематографија во 90-тите. Критиката за „Ескорт“ вели дека е негово најзрело и највозбудливо дело.

Креативен придонес во филмот даваат и кинематограферот Фране Памиќ, монтажерот Славен Зечевиќ, сценографијата е на Иван Вељача, костимографија на Жељка Франуловиќ, а шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Автор на оригиналната музика е македонскиот композитор Александар Пејовски, а дизајнот на звук е на Игор Поповски.

Продуценти на филмот се Хрвоје Перван, Драган Јуриќ и Анкица Јуриќ Тилиќ, а како копродуценти се потпишуваат Томи Салковски (Скопје филм студио) и Фатмир Спахиу.

Театар: „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во режија на Сибел Авдиу

На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, на малата сцена на Театар Комедија е закажана премиерата на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар.

Јанчар како гостин на почетокот на подготовките на претставата во Театар Комедија

Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа. Претставата е подготвувана три месеци и претставува прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија.

Режисерката Сибел Авдиу за „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар вели дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет, прикажана во едно поинакво време и во поинаква средина. Таа сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот.

-Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични, вели Абдиу.

Драмата „Демнејќи го Годо“ првпат е поставена во сезоната 1988/89 година на сцената на Словенечкиот народен театар во Љубљана. Очигледната референца на парадигматичниот драмски текст, „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, е неслучајна имајќи ја предвид поетиката на Драго Јанчар и неговата уметничка постапка на преиспитување на вредностите во современиот, постидеолошки свет. Текстот создаден на крајот на осумдесеттите години од минатиот век ги рефлектира општествените промени во поранешната држава и на некој начин ги антиципира случувањата што ќе резултираат со крвав пир како крајна форма на апсурдот. Во оригиналниот текст на Јанчар, двата лика со индикативни имиња Франц и Јозеф, се некакви агенти чијашто мисија е да го демнат отсутниот Годо, а крајната цел е да ги уништат годоистите, следбениците на оваа идолизирана претстава (чиешто суштествување е сомнително и недокажано). Во македонската адаптација, двата лика се, всушност, удвоени и постојат и како женски верзии. На овој начин, и ефектот на апсурдот е двојно нагласен, така што се создава какофонија од бесмислени реплики и постапки и наизменично менување на улогите на субординираност (по примерот на „Чекајќи го Годо“), а во служба на интелектуален ангажман на публиката.

Драго Јанчар

Драго Јанчар (1948) е светски познат словенечки романсиер, драмски писател и есеист. Тој е еден од најпреведуваните и најнаградуваните словенечки книжевници. Голем број дела на Јанчар се приопштени и на македонски јазик, а меѓу нив се: романите „Таа ноќ ја видов“, „И љубовта“, „Зуење во главата“, „Посакување за потсмев“, расказите „Џојсовиот ученик“, драмите „Тивко се ниша часовникот“ и други. Во драмите на Драго Јанчар основата е критичко, сатирично или алегориско прикажување на реалните настани и конкретната стварност, и загрозеноста на поединецот од насилството на власта.

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

Концерт: Биг Бендот на Здружението на џез музичари со изведби на композициите на „Леб и сол“

Во Националната опера и балет, на 9 декември со почеток од 20 ч., ќе биде одржан концертот на ЗЏМ Биг Бендот насловен како „ЗЏМ свири Леб и сол“.

На целовечерниот концерт ќе бидат изведени дел од композициите на легендарните „Леб и сол“, со аранжмани адаптирани за биг бенд изведба, под диригентската палка на Џијан Емин.

„Леб и сол“ е бенд чија работа претставува фундаментален и незаменлив дел од македонската музичка историја. Овој музички состав настанува на 01.01.1976 по што следи долгогодишно испишување на една од најимпресивните музички кариери на балканските простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја.

Добро познати членови на „Леб и сол“ се Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан. Во текот на годините во оваа група членувале и други значајни музички имиња: Димитар Чочоровски-Чочор, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, Миодраг Петковски-Мики, Драгољуб Ѓуричиќ, Кирил Џајковски, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Срѓан Дункиќ, Гоце Стевковски и Михаил Парушев.

Концерт: „Николов-Ивановиќ Ундектет“ во Филхармонија

На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија концерт ќе одржи ансамблот „Николов- Ивановиќ Ундектет“.

Врската помеѓу традицијата и модерното, „старите добри“ времиња и современиот пристап кон музиката, е пресвртница на целата сегашна и идна џез-сцена. Дали постои златна средина, основа на која се среќаваат и коегзистираат овие две, навидум спротивставени тенденции? Единаесетчлениот бенд на композиторот Владимир Николов и тапанарот Срѓан Ивановиќ се обидува да даде одговор на токму на ова прашање.

Двајца балкански музичари со респектабилна интернационална кариера се вистинскиот избор за ваков експеримент. Додека Николов е истакнат во својата работа како аранжер и композитор со светски оркестри и ансамбли, Ивановиќ е нешто поактивен во помали формации. Публиката го познава како лидер на бендот „Blazin’ Quartet“, претставувајќи ја оригиналната визија за приклучување кон модерниот европски џез со балкански влијанија.

Угледниот Jazz Times овој ансамбл го вброи меѓу најкреативните големи џез-ансамбли во Европа. Оркестарот е составен од внимателна селекција на музичари од помладата и средната генерација од балканскиот регион, измешани со уште помлади сили од Франција – во модерен џез-ансамбл.

Нивниот трет албум „Дистопија“ е нова приказна со девет авторски композиции, кои обработуваат социјални и протестни теми. Овој албум ќе биде издаден во Србија и во земјите на поранешна Југославија во декември 2023 година, а во остатокот од светот – во 2024 година. Првиот сингл од овој албум, „Scream“, веќе е објавен на Јутјуб. Концертот во Скопје, на 12 декември, е дел од промотивната турнеја на новиот албум на „Николов-Ивановиќ Ундектет“.

Избрал: С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира