СДСМ бара референдум за рудникот за Антимон пред Владата да пресече

СДСМ

СДСМ бара референдум за рудникот во Луке, во кривопаланечкиот регион, откако беше најавено можно отворање рудник за антимон, проект што партијата го поставува како прашање за здравјето на граѓаните, животната средина и начинот на кој државата одлучува за своите природни ресурси.

Од партијата бараат Владата да не носи одлуки зад затворени врати, туку да организира јавна дебата и локално изјаснување на граѓаните. Според СДСМ, луѓето што живеат во тој регион мора директно да кажат дали прифаќаат проект што може долгорочно да го промени локалниот живот, економијата и природната средина.

Во реакцијата се посочува и на старото еколошко жариште Лојане, кое со години останува нерешено. СДСМ оценува дека држава што не ги затворила постојните еколошки проблеми нема доволен кредибилитет да отвора нови рударски проекти без целосна транспарентност и строги гаранции.

Партијата тврди дека не е против инвестиции, но бара јавно објавување на договорите, економските параметри и студиите за влијание врз животната средина. Меѓу условите што ги поставува се затворен еколошки систем, финансиска гаранција од инвеститорот за евентуална штета, независен мониторинг со јавни податоци, локален бенефит и здравствена заштита за населението.

Темата за Луке доби поширок контекст откако беше најавено дека македонски антимон би можел да се извезува кон САД, а медиумите објавија и информации за стариот рудник „Крстов Дол“, кој не работи со децении. Токму затоа СДСМ ја турка темата кон референдум, со порака дека граѓаните треба да одлучат пред Владата да го отвори патот за проектот.

Зачлени се на нашиот е-билтен