Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе ја направеле Македонија „повторно горда“, не објаснија – горда како кога?

Пишува: КРИСТИНА КОСТОВА

Изминативе денови се изнаслушавме како Гордана Силјановска Давкова и ВМРО ги повикуваат граѓаните со нивниот глас да ја направеле Македонија „повторно горда,“ но никогаш не објаснија – горда како кога?

  • Македонија повторно горда како во времето кога се потрошија над 120 милиони евра народни пари за Скопје 2014, најскапиот чин на историски ревизионизам реализиран преку поставување скапи статуи на неименувани антички ликови, бугарски вмровци-негатори на Македонците и атентатори и крвници на македонскиот народ, понатаму милионски огради на мостови, квази-барокни фасади од евтин стиропор и лажен мермер, палми со тушови, грди галии и трите најскапи жални врби на свет кои ги тропнаа сред Вардар?
  • Македонија повторно горда како кога тепаа студенти на плоштад во 2009 година или кога тепаа студенти во читална во 2015 година?
  • Македонија повторно горда како кога извршија насилен упад во, а подоцна и затворање на највлијателната медиумска куќа, која беше критички настроена кон тогашната Влада на Груевски? Насилен упад кој не една, туку две од актуелните кандидатки за претседателки го оправдуваа во емисија во живо на Канал 5, кај Снежана Лупевска.
  • Македонија повторно горда како кога не смееше да се спомне името на шефот на тајната полиција, инаку братучед на премиерот? Или горда како кога луѓето не смееја да изговорат никаква критика кон власта, а оние „похрабрите“ низ страшлив шепот се осмелуваа да негодуваат за неправдите?
  • Македонија повторно горда како кога на секој изблик на автентично граѓанско незадоволство се организираа владини контра-протести? Или горда како кога се инфилтрираа штрајкбрехери или подривачи на незадоволството? Како на пример во Професорскиот пленум, кога на 5 јануари 2015 година Ванковска и Силјановска подмолно и без никакво ополномоштување од колегите го узурпираа движењето и како неовластени гласноговорнички побрзаа на Груевски понизно и благоречиво да му кажат „Не сме против Вас, премиере.“
  • Македонија повторно горда како кога тепаа народни избраници и новинари во Собрание на 24 декември 2012 година, или како кога пуштија орда насилници да раскрвават и со потенцијал да убиваат политичари на 27 април 2017 година?
  • Македонија повторно горда како кога „А, војна да имаме“ се сметаше за супер дефокус од политички кризи, што, впрочем и го пробаа со Диво Насеље?
  • Македонија повторно горда како кога се туркаа во затвор неистомислениците, им се закануваа дека децата во ендек ќе си ги најдат, како кога се нарачуваа 5-6 шамари пред камери за градоначалници од противничкиот табор, или како кога генсекот на Влада сакаше едно десетина луѓе да бидат убиени, „за да ѝ тргне на земјата“?
  • Македонија повторно горда како кога незаконски прислушуваа, прикриваа убиство на дете на плоштад, немаа за леб, а трошеа на чоколадо, или си правеа МВРО-ВМРО?
  • Македонија повторно горда како кога расипуваа лифтови, Ромите за уши ги носеа, човечињата од Пустец раче за раче до избирачки места, „некое ливче нека снема,“ сѐ со цел правење изборни манипулации, измами и сеопшто непочитување и потиснување на граѓанската волја?
  • Македонија повторно горда како кога го лустрираа Славко Јаневски, пуштаа весела музика на јавен сервис денот кога почина Киро Глигоров или како кога ги избришаа имињата на значајни историски фигури од улиците и ги заменија со имиња на, во најмала рака, контраверзни личности?
  • Македонија повторно горда како кога војниците спиеја на железни кревети со ќебиња од ЈНА, или како кога потпишуваа договор со кинеска компанија да гради патишта, ама без распишан тендер, или како кога амнестираа хашки случаи?
  • Македонија повторно горда како кога посегнаа по женската телесна автономија, или како кога се фрлаа грдни суми граѓански пари за кампањи за многудетство, чија цел беше исклучување на што повеќе жени од јавниот дискурс? Или како кога тепаа луѓе со поинаква сексуална ориентација на приватна забава, во приватен објект, само затоа што им се може?

Гордана Силјановска Давкова и ВМРО не кажуваат на кој период алудираат, не кажуваат која им е референтна точка за гордоста, но и повеќе од јасно е дека оваа политичка елита нема раскрстено со ниту еден од набројаните проблематични аспекти на нивното владеење. Можам да набројувам до утре и пак нема да се илустрира во целост секоја димензија од нивниот режимски стил на владеење. Тој стил на владеење ниту еднаш не го осудија, не се дистанцираа од него, туку, како што гледаме веќе две и пол од локалните власти, сѐ уште си го практикуваат. Од наводно новата вмровска постава, ниту еднаш не ги осудија режимските зулуми, не рекоа дека не било во ред, ниту се извинија за тоа што го направиле. Напротив, тој период на нивна најсурово изразена автократска моќ го величат како нивно најголемо достигнување. Верувам дека во ВМРО има и поевропски, позападно, конечно и подемократски настроени сили, ама гледаме како истите во континуитет се ставани на маргините и далеку од процеси на носење одлуки и од партиското раководство.

Кога во 2006 година ВМРО дојде на власт, Бугарија и Романија не беа дел од ЕУ, а се сметаше дека ние сме блиску до влез во европското семејство. После 11 години вмровски режим, во ЕУ влезе и Хрватска, а ние бевме надвор од секој разговор за зачленување.

Тоа се изгубени години кои никој не може да ни ги врати, но гледаме дека ВМРО и тоа како сака да нѐ врати назад во нивниот мрачен политички лавиринт на безизлезност, изолација, страв и бесперспективност.

Мојата генерација ја изгуби својата младост во вртлогот на вмровската антиквизација и продавање празни идеи за замаглување на умовите на масата. Сега повторно го сведочиме вмровското бегство од конкретни заложби и ветувања, додека нудат само неопипливи, апстрактни концепти, некоја измислена гордост чие постоење е несигурно, но со сигурност не ги полни стомаците и трпезите на обичните луѓе.

И сега не сме совршена држава по многу параметри, ама е факт дека сме далеку од безизлезот на вмровскиот амбис. Да не се враќаме назад. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира