Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Коциќ: ВМРО-ДПМНЕ сака да создаде хаос со пасошите и да го поттикне прашањето за бугаризација

„Вчера имавме изјава во којашто техничкиот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Единственото нешто што сака да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да создаде хаос во државата, односно врз основа на измените на законот да презентира дека возачките нема да важат, што е делумно точно. Возачките коишто се издадени после 1 јули 2021 година кога влегува на сила овој закон, не подлежат на овој закон. Не само што тоа е начинот на работа, заплашување и казнување на граѓаните. Тие во 2017 година одеа со паролата „Никогаш Северна“, но со самото доаѓање на министерот од редови на ВМРО-ДПМНЕ како технички министер, први започнаа со имплементацијата и пријавите за казнување на граѓаните доколку не носат возачки дозволи со името Северна Македонија“, изјави Ненад Коциќ, пратеник од редовите на СДСМ, во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.

Пратеникот Коциќ додаде дека и самиот нема возачка дозвола со името Северна Македонија за разлика од колегата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека ќе ја извади кога ќе му дојде редот за сликање.

„Сакам да информирам јавноста дека пратеничката група на СДСМ ќе предложи измени во законот којшто го донесовме во 2021 година со којшто ќе продолжи важноста на личните документи. Сообраќајни дозволи, осигурителни полиси и сите други документи коишто се битни во моментот да нема застој во нормалното функционирање на државата, со што нивната важност на територијата на државата ќе продолжи до истекот на времето. Со тоа сметам дека проблемот за три дена го наметна техничкиот министер ќе биде решен, граѓаните не смее никој да ги казнува, посебно не за легално извадени документи коишто се со рок на важење. ВМРО-ДПМНЕ како партија со месеци држеа прес-конференции во кои тврдеа дека веднаш со доаѓање на техничкиот министер ќе го решат проблемот со гужвите, пред се поради новогодишните празници  со вадење на пасоши. Не само што не го решија, туку и ги повлече базните станици во кои можеа граѓаните да се сликаат. Второ, наместо во рок од 15 дена за колку се издаваше пасошот, сега пасошите се издаваат за многу повеќе од 15 дена“, потенцираше Коциќ.

Како трета поента Коциќ посочи дека граѓаните со двојни државјанства без никакви проблеми ќе можат да патуваат.

„Не знам дали ова не е повторно поттикнување на бугаризација во нашата држава“, заклучи Коциќ.

„Јас имам една теза дека само човек кој не е сигурен во својот идентитет е исплашен за губење на својот идентитет. Мислам дека не никој не може да ни каже дали ќе бидеме Македонци, дали другите ќе бидат Албанци, Власи, Срби. Таа тема подолго време е апсолвирана и јасно ни е зошто е така. На 8 мај ќе се соочат два концепти, едниот е концепт којшто значи просперитет на државата и напредок кон ЕУ и подобар живот за сите граѓани, вториот концепт го гледаме повеќе од 20 години, а тоа е опортунизам, квази-патриотизам, и создавање хаос. Како ВМРО-ДПМНЕ владее можете да видите денеска во градот Скопје каде што владее хаос, јад и чемер после изборите во 2021 година кога ја доби власта градоначалничката со нивна поддршка  и имаат мнозинство во Советот. Тоа е начинот на функционирање на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е она што се случува сега во техничката влада со влегувањето на министрите од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Коциќ.

Тој додаде дека граѓаните треба да одлучат дали ќе државата ќе оди напред или ќе оди назад во груевизам или мицковизам.

„Врз основа на анкетите коишто доаѓаат од кујната на ВМРО-ДПМНЕ, најголема шанса за формирање на влада ќе има европскиот фронт. СДСМ уште пред некој месец ги покани сите партии без разлика од каде доаѓаат да се приклучат кон европскиот фронт. За нас, Европа е домот во којшто треба да живееме, за нас Европа треба да дојде тука наместо децата да одат надвор и стандардите и принципите на ЕУ треба да завладеат тука и затоа на 8 мај не само што треба, како опција да победиме, туку мора да победиме за иднината на оваа држава“, потенцираше Коциќ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира