Технологијата и демократијата

Од конференциските сали во Силиконската долина до холовите во Давос, политичките лидери, техно могулите и академиците се воодушевени од огромната корист што ќе ја донесе вештачката интелигенција, додека стравуваат дека таа би можела да предизвика пропаст на човештвото, зашто со светот ќе завладеат суперинтелигентни машини

Пишува: Кенан МАЛИК

Во предвечерието на Првата светска војна, во 1914 година, Х.Џ. Велс објави роман во кој ги разгледува можностите за уште поголемо страдање. Во „Ослободениот свет“, 30 години пред проектот Менхетен, Велс ја замислуваше појавата на атомското оружје кое му овозможува на човекот „во својата чанта да носи доволно количество латентна енергија за да уништи половина град“. Избива глобална војна, а тоа доведува до атомска апокалипса. За да завладее мир неопходно е „воспоставување светска влада“.

Она што го загрижува Велс не се само ризиците од новата технологија, туку и опасностите од демократијата. Светската влада на Велс не е создадена со демократска волја, туку е наметната како добронамерна диктатура. „Оние со кои владее ќе ја покажат својата согласност со молчење“, заканувачки изјавува кралот на Велс, Егберт. За Велс, „обичниот човек“ е „насилен будала во социјалните и јавните работи“. Само образована, научно ориентирана елита би можела да ја „спаси демократијата од неа самата“.

Еден век подоцна некоја друга технологија предизвикува сличен вид стравопочит и анксиозност – вештачката интелигенција. Од конференциските сали во Силиконската долина до холовите во Давос, политичките лидери, техно могулите и академиците се воодушевени од огромната корист што ќе ја донесе вештачката интелигенција, додека стравуваат дека таа би можела да предизвика пропаст на човештвото, зашто со светот ќе завладеат суперинтелигентни машини. А исто како и пред стотина години во средиштето на дебатата се прашањата за демократијата и општествената контрола.

Во 2015 година новинарот Стивен Леви ги интервјуираше Илон Маск и Сем Алтман, двајцата основачи на технолошката компанија OpenAI која го преокупираше вниманието на јавноста кога пред две години го лансираше ChatGPT, четбот со навидум човечки карактеристики. Тоа е компанија која, во страв од можни последици од вештачката интелигенција, ја основаа група влијателни луѓе од Силиконската долина како непрофитно добротворно друштво со цел етички развој на технологии во корист на „целото човештво“.

Леви ги прашуваше Маск и Алтман за иднината на вештачката интелигенција. „Постојат две школи на мислења“, рече Маск. „Зависи дали сакате да има многу или малку вештачка интелигенција. Ние мислиме дека веројатно е добро да има многу“.

„Ако сум зол научник и почнам да користам вештачка интелигенција, дали така не ме правите посилен?“ праша Леви. Поголема е веројатноста дека злиот научник би бил очаен, одговори Алтман, ако само мал број луѓе ја контролираат технологијата: „Тогаш навистина имаме проблем“.

Реално, таквиот проблем го создаваат самите технолошки компании. Маск, кој пред шест години го напушти управниот одбор на OpenAI за да развива свои проекти за вештачка интелигенција, сега ја тужи својата поранешна компанија заради кршење на договорот зашто го поставила профитот над јавното добро и не развива вештачка интелигенција „во корист на целото човештво“.

Имено, во 2019 година OpenAI основаше профитна подружница за да може да собира пари од инвеститорите меѓу кои особено се истакнува Мајкрософт. Кога во 2022 година беше лансиран ChatGPT, не беше откриен начинот на кој функционира. Беше неопходно да биде помалку отворен, одговарајќи на критиките, рече еден од основачите на компанијата и во тоа време нејзин главен научник, Иља Сацкевер, со цел да се спречи да го користат оние со зли намери и „да предизвикаат голема штета“. Стравот од технологијата стана параван за заштита од надзор.

Како реакција на тужбата на Маск, OpenAI минатата недела објави серија мејлови кои ги разменувале Маск и другите членови на одборот. Писмата јасно покажуваат дека сите членови на одборот од почетокот се сложувале дека „OpenAI“ [отворената вештачка интелигенција] не може да биде отворена.

Како што се развива вештачката интелигенција, му пишувал Сацкевер на Маск, „има смисла да се биде помалку отворен. ‘Отворено’ во OpenAI значи дека сите треба да имаат корист од плодовите на вештачката интелигенција откако ќе се изгради, но сосема е во ред науката да не се споделува“. Секако, одговорил Маск. Што и да порачува со својата тужба, Маск не е поотворен за отвореноста од другите техно могули. Неговиот правен предизвик за компанијата повеќе е борба за моќ во Силиконската долина, отколку обид да се воспостави одговорност.

Својот „Ослободен свет“ Велс го пишувал во време на крупни политички превирања, кога многумина се прашувале дали е мудро да се прошири правото на глас на работничката класа.

„Дали беше пожелно, дали воопшто беше безбедно да им се довери [на масите]“, се прашуваше фабијанката Беатрис Веб, „гласачката кутија, формирањето и контролата на владата на Велика Британија со нејзиното огромно богатство и нејзините оддалечени колонии?“ Истото прашање е во средиштето на романот на Велс – кому може да се довери иднината?

Еден век подоцна, повторно водиме жестока дискусија за доблестите на демократијата. За некои, политичките превирања во последниве години се производ на вишокот демократија, каде на ирационалните и необразованите им се дозволува да донесуваат важни одлуки. „Неправедно е на неквалификувани глупаци да им се даде одговорност да донесуваат историски одлуки со голема сложеност и софистицираност“, рече Ричард Докинс по референдумот за Брегзит, што е сентимент со кој би се сложил и Велс.

За други, токму таквиот презир кон обичните луѓе доведе до дефицит на демократијата, каде цели слоеви од населението чувствуваат дека се лишени од правото на збор за тоа како да се управува со општеството.

Таквиот презир ги заострува и дискусиите за технологијата. Како и во „Ослободениот свет“, дискусијата за вештачката интелигенција не се занимава само со технологијата, туку и со прашањата за отвореноста и контролата. И покрај алармираноста, далеку сме од „суперинтелигентни“ машини. Денешните модели на вештачката интелигенција, како што се ChatGTP или Claude 3, кој минатата недела го претстави уште една компанија за вештачка интелигенција, Anthropic, толку се добри во предвидувањето на следните зборови во низата, што можат да нè наведат да замислуваме дека се во состојба да водат човечки разговор. Меѓутоа, тие не се интелигентни во која било човечка смисла, имаат занемарливо разбирање на реалниот свет и нема да го згаснат човечкиот вид.

Проблемите што ги поставува вештачката интелигенција не се егзистенцијални, туку општествени. Од алгоритамска пристрасност до масовен надзор, од дезинформации и цензура до крадење авторски права, не би требало да се грижиме дали машините еден ден ќе бидат во состојба да ја преземат моќта над луѓето, туку тие веќе го прават тоа зголемувајќи ги нееднаквоста и неправдата, пружајќи алати за консолидација на власта на оние кои веќе имаат моќ.

Затоа звучи толку заканувачки она што би можеле да го наречеме „Егбертов маневар“ – инсистирање дека некои технологии се толку опасни што мораат да бидат изземени од демократскиот притисок и да бидат ставени под контрола на неколкумина избрани. Нашиот проблем не е само некој зол научник, туку и сите оние на кои стравот од него им служи како заштита од надзор.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Dustin Yellin

Извор: theguardian.com / Окно

Треба да знаете
Moже да ве интересира