Економските аналитичари ги ревидираа своите очекувања за инфлацијата во Северна Македонија и сега предвидуваат дека растот на цените годинава ќе биде повисок отколку што проценуваше Владата. Според најновата анкета на Народната банка, просечната инфлација за 2026 година се очекува да достигне 3,2 проценти, наместо претходно проектираните 3,1 проценти, додека владината проекција останува на 2,5 проценти.
Според аналитичарите, ценовните притисоци нема да доаѓаат само од надворешните фактори, како што се геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и неизвесноста во светската трговија, туку и од домашните економски движења. Како главни ризици се посочуваат растот на платите и пензиите, засиленото кредитирање, повисоките трговски маржи и континуираниот раст на цените на услугите. Дополнителен фактор се и климатските промени, кои можат да влијаат врз производството и цените на храната.
Новата прогноза претставува уште едно предупредување дека инфлацијата потешко се враќа кон посакуваното ниво отколку што предвидуваа институциите. Минатата година, реалната инфлација заврши значително над првичните владини очекувања, а растот на трошоците за живот продолжува да го намалува куповниот стандард на домаќинствата.
И покрај повисоките инфлациски очекувања, економските аналитичари остануваат умерени оптимисти во однос на економскиот раст, оценувајќи дека домашната економија ќе продолжи да расте со стапка над три проценти, но предупредуваат дека глобалните ризици и домашните ценовни притисоци ќе останат клучен предизвик и во наредниот период.
