Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) која досега набавуваше јаглен за потребите на РЕК „Битола“ од Грција, во следните три години со лигнит ќе се снабдува од Косово. Воедно, кинеска компанија ќе ја гради фотоволтаичната електрана на местото на старите копови во рудниците. ЕСМ ги објави договорите потпишани со косовската државна енергетска корпорација КЕК и со кинеската компанија „Пауерчајна“ (POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction).
Од ЕСМ соопштија дека партнерството со косовската компанија предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба.
„Косовскиот басен на јаглен во Обилиќ се вбројува во едно од најголемите наоѓалишта на висококвалитетен лигнит во Европа и светот. Лабораториските испитувања потврдија дека овој јаглен поседува одлични согорувачки карактеристики, со исклучително ниска содржина на сулфур и пепел, и просечна калориска вредност од околу 1950 kcal/kg. Овие карактеристики идеално се вклопуваат во оптималниот опсег за калоричност од 1800–2400 kcal/kg, содржина на сулфур под 1% и пепел под 20% – параметри по кои се димензионирани котлите во ТЕ Битола и ТЕ Осломеј“, изјави Лазо Узунчев, генерален директор на ЕСМ.
Освен за тековно производство од јаглен, ЕСМ склучи договор и со кинеска компанија за изградба и управување со нови соларни фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од 30 мегавати. Делот од договортo кој се однесува на старите копови на РЕК Битола е со вредност од 15,65 милиони евра и предвидува изградба на фотоволтаична електрана со моќност од 20 мегавати во близина на РЕК Битола. Завршувањето на проектите е предвидено до 13 август 2027 година.
Ова е еден од идните чекори за трансформација на производството на струја од јаглен кон обновливи извори. Процесот за трансформација се најавува со години, а во реалноста РЕК уште произведува струја на јаглен.
*Текстот е преземен од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
