Николоски ја провери пругата и најави пуштање на линијата Зелениково-Центар на 1 септември

Николоски

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски ја провери пругата и најави пуштање на линијата Зелениково-Центар на 1 септември.

Рече ека по пуштање на линијата Зелениково-Центар на 1 септември, од втората половина од годинава треба да почнат тендерските постапки за другите две линии – Центар-Ѓорче Петров и Центар-Илинден како следен чекор во развојот на скопскиот Градски воз.

Според министерот, железницата е еден од главните инфраструктурни приоритети на Владата. Покрај новите линии во Скопје, паралелно се работи на нови пруги, брза железница и модернизација на железничкиот сообраќај.

– Во Скопје воведуваме Градски воз, Скопје да заличи на метропола како што имаат сите големи метрополи. Од 1 септември ќе стартува првата линија Зелениково-Драчево-Лисиче-Аеродром-Центар, а веќе во втората половина на оваа година ќе одиме со тендерирање и на другите 2 линии, а тоа е Центар до Ѓорче Петров и Центар до Илинден – истакна Николоски во поткастот „Радар“.

Тој посочи дека веќе е завршена железничката обиколница Драчево-Илинден, со која товарните возови нема да минуваат низ Скопје.

Од Министерството за транспорт информираа дека е обезбедена набавка на најмалку 5 нови електрични локомотиви, а во соработка со Светска банка се работи и на набавка на нови патнички возови.

Николоски потсети и дека во јануари 2025 година во употреба беше пуштена пругата Куманово-Бељаковце, долга 31 километар. Во тек е изградбата на делницата Бељаковце-Крива Паланка, долга 34 километри, а следна е пругата до границата со Бугарија.

Паралелно се подготвува и проектот за брза пруга. Според најавите, првите активности на терен би можеле да почнат уште оваа есен.

Најчитано