По 24 часа борба спасени куќите во Лознани, пожарот се уште активен кон други села

По речиси цел ден борба со огнот, пожарникарите и локалните жители успеале да ги спасат куќите во Лознани, каде пожарот се приближил опасно блиску до населеното место. Пожарот повеќе не претставува директна опасност за селото, но огнот и натаму е активен кон други населени места.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Битола, Христијан Тодоровски, вели дека екипите во текот на денот интервенирале на повеќе пожари, почнувајќи од прилепското село Маково, потоа во месноста Ергела кон Гнеотино, а во вечерните часови и кај Лознани.

Најкритично било кај Лознани и Новоселани, каде пламените јазици стигнале во непосредна близина на куќите.

„Имавме премногу тешка борба. Беа загрозени куќи, но успеавме да ги спасиме“, изјави Тодоровски.

Според него, пожарот сега е активен во правец на селата Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани, поради што екипите продолжуваат со интервенцијата.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека кај Лознани била спречена голема катастрофа благодарение на пожарникарите од Битола и жителите кои се вклучиле во гаснењето. Тој предупреди дека постои можност огнот од другата страна да се приближи кон друго село.

Тодоровски и Ангелов изразиле сомнеж дека дел од пожарите можеби биле намерно предизвикани. Како причина за сомнежот го посочуваат тоа што пожарите се појавувале од различни страни и на повеќе локации. Засега нема официјална потврда дека станува збор за подметнување.

Покрај пожарот кај Лознани, во текот на вчерашниот ден во Македонија биле активни уште десет пожари на отворен простор.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?