Започна летниот сообраќаен режим: Ограничено движење на тешки товарни возила по државните патишта

сообраќаен

Од денес до 31 август, на државните патишта во земјата ќе стапи на сила привремен летен сообраќаен режим, со кој се воведува забрана за движење на тешки возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите и за време на екстремно високи температури.

Како што соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), ограничувањето ќе биде на сила во петок од 17:00 до 22:00 часот, сабота од 9:00 до 18:00 часот и недела од 9:00 до 22:00 часот.

Во деновите кога Министерството за здравство прогласува исклучително високи температури, забраната ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот.

Од ограничувањето се ослободени возилата што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, житарки и житни култури, лесно расиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возилата што се вклучени во проекти за изградба и одржување на државни патишта.

Посебен режим ќе се воведе и на автопатот А2 на делницата од градот Скопјe – Охрид – Скопјe, каде што до 1 септември ќе биде забрането движењето на товарни возила потешки од 7,5 тони за време на викендите.

Ограничувањето ќе важи во петок од 15:00 до 22:00 часот, во сабота од 7:00 до 12:00 часот и од 18:00 до полноќ, а во недела од 7:00 до 22:00 часот.

АМСМ нагласува дека овој режим се воведува за да се намали сообраќајниот метеж на патот кон Охрид, да се олесни протокот на возила на патарините и да се обезбеди побезбедно и побрзо движење на туристите во текот на летната сезона.

Најчитано