Александра Поповска, вокалистка, композиторка, педагог: Одам таму каде што ме носат гласот и животот

Слушање нова музика бара отворен ум, бара делото да се слушне неколку пати, бара малку да се отстапи од сопствената игнорантност, бара време, а по можност и првичниот суд да се одложи за малку подоцна, да ѝ се даде шанса на музиката, а со тоа и на себе си

Извонредната вокалистка и композиторка Александра Поповска скоро две децении живее и твори во Холандија и се смета за една од најкреативните уметници од нашево поднебје, инволвирана во мошне разновидна продукција, во различни уметнички жанрови, чиј влог навистина плени. Одамна ја нема на нашиот медиумски простор, иако не запира со нејзините мултимедијални ангажмани. Нашата јавност ја препознава пред сѐ, од нејзиното учество како главен вокал во Квартетот на Драган Даутовски, ансамбл кој своевремено беше една од најблескавите ѕвезди на македонското звучно небо, иако таа се пронајде и во многу други уметнички изрази. Пеење, компонирање, сликање, педагошка, истражувачка работа, се само дел од нејзините полиња на истражување, а нејзиниот сензибилитет е распослан помеѓу балканската вокална традиција и западниот авангарден звук. Бројни се нејзините соработки со разновидни профили на музички уметници, но и визуелни артисти, режисери, кореографи од повеќе од 20 земји. Во ова исцрпно интервју, Поповска прави фантастична паралела помеѓу културните политики на Македонија и Холандија:

Александра, македонската јавност Ве познава најмногу од времето кога бевте вокалистка во Квартетот на почитуваниот Драган Даутовски. Овој ансамбл функционираше со континуирани успеси и создаваше импресивна музика, а Вашиот вокал на музиката ѝ даваше посебен сензибилитет. Но, одамна не живеете во Македонија, па, што е она што во последно време Ве преокупира?

– Ти благодарам. Во моментот сум зафатена со промоција на ЦД-то со музика на Џони Мичел, на кое работевме заедно со гитаристот Золи Соос и го издадовме пред неколку недели. Снимањето го почнавме во време на пандемијата, но минатата есен ја сработивме продукцијата. Јас го изработив дизајнот на албумот, и сега не чекаат неколку концерти со оваа музика.

Зошто музика на Џони, ме прашуваат многу луѓе. Затоа што таа е многу инспиративна и како пејачка и како поетеса и како жена-уметник која опстојува толку долго на сцената. Така што, во моментот сум преокупирана со приказните од нејзините песни, женските архетипи што таа ги опишува, нивната поетичност и повеќеслојност.

Зад Вас се голем број на настапи, изданија за различни проекти, соработки за детски проекти, за филмови, перформанси со разновидни уметници и не само од областа на музиката. Што е она што до сега би го издвоила како нешто што било најблиску до Вашиот уметнички хабитус?

– Она што во дадениот момент од животот го работам, секогаш ми е најблиску, независно од уметничкиот контекст за кој е наменето, но тимската работа ми е омилена!

Одам таму каде што ме носат гласот и животот и се обидувам нештата што ги работам да ми станат блиски, да им дадам време, да се запознаеме. Можеби, живејќи помеѓу Холанѓани, и самата сум станала порационална, попрагматична, па така и на уметничкиот хабитус не гледам како на нешто дадено, туку се обидувам да останам отворена за импулси од надвор, но и одвнатре, и да дозволам и тој да се развива и да се гради со секој нов предизвик било да е технички, јазичен, стилски.

Ентузијазмот сѐ уште ме држи и е во основата на мојата уметничка пракса. Гласот исто така е нишката што ги поврзува моите проекти кои по својата природа, стил, обем, презентација, форма, биле различни. И не само во пејачка смисла или само мојот глас. Туку, глас како метафора за желбата да се каже или да се сподели нешто.

Како живеете, можете ли да го опишете накусо Вашиот професионален ден во Холандија, и воопшто, што е сега мејнстрим во оваа европска земја, што е фокусот во сферата на културата?

– Деновите ми се исполнети со часови, со проби кога работам на некој проект, со истражување/студирање музика, пишување на аранжмани за хорови. Работам како „фриленсер“ во Холандија, и имам флексибилно работно време. Мојот музички ден веројатно личи на работен ден на било кој слободен уметник, со тоа што во мојот случај, активностите се врзани за вокална педагогија, водење хорови во Хаг, креирање на курсеви по пеење и музички работилници за возрасни во креативниот центар „ЛАК“ при Универзитетот во Лајден и концертирање.

Мајка сум на две музикални девојчиња, па се обидувам да најдам време да музицирам и со нив по дома. Во наредните два месеци, ќе работам на еден убав мултимедијален проект со уметничката организација „КунстКланк“ во Нордвајк (едно мало приморско гратче блиску до Хаг), заедно со уште десет млади професионални вокалисти, хор од педесетина луѓе, и една голема холандска звезда на усна хармоника, Hermine Deurloo, меѓу другите. Пробите се во тек.

Претпоставувам во тек сте со настаните што се случуваат на културен план во Македонија. Каква компарација би направиле и што според Вас, и недостига на Македонија да биде во чекор со европскиот уметнички растеж?

– Ова е обемно прашање, Тина, но ќе се обидам да дадам одговор.

Од она што успевам да пратам на социјалните мрежи, имам впечаток дека музичарите, филмаџиите и писателите се најактивни и многу успешно ја промовираат својата работа. Се случуваат многу убави работи на музички план, скоро во сите жанрови. Веројатно водиме во регионот моментално! Класичарите и џезерите вредно работат и ги полнат салите, што е супер! Млади бендови по средните школи свират, хорската сцена стандардно активна, студијата за филмска музика активни… После Квартетот на Даутовски, во последните дваесет години, гледам дека се оформија уште многу групи кои ја зацврстија и домашната „ворлд-мјузик“ сцена, а сигурно и „Оф-Фест“ влијаел позитивно. Не знам каква е состојбата со алтернативната сцена во моментот.

Генерално, мислам дека голем број од македонските музичари се во тек со европските трендови, информирани се и образувани, креативни и во таа смисла не заостануваат зад уметниците од другите земји. Види го твојот ангажман во Филхармонија и за време на пандемијата и потоа! Одлични гости, прекрасна програма, која не заостануваше зад европските. Неверојатни подвизи се тоа!

Културата ја создаваме и можеме да ја обликуваме ние самите, сега и тука/таму каде секој од нас се нашол.

Она што би било добро на долги стази секако е стимулирање и повторно заживување на аматерската сцена низ цела Македонија, како и инсистирање на постојан дијалог и креирање проекти помеѓу професионалните здруженија и уметничките асоцијации со школите и факултетите низ земјата; барање алтернативни начини на финансирање на проекти помеѓу аматери и професионалци, поврзување на луѓето од бизнис секторот со културните работници; oформување на повеќе ансамбли што ќе изведуваат камерна музика или ќе прават фузија со уметниците од другите фели. Но, сето тоа не може да се наметне, мора да дојде од поединци, од луѓето на теренот, од нас самите, како и досега. На многу места и се случува, само треба време и трпение, како и свесност и потсетување на сето она што досега веќе е изградено и е стабилна база за понатаму.

Ако францускиот композитор Месијан успеал да изнајде сили да компонира во концентрационен логор, каков изговор имаме ние сега и денес да не создаваме?

Кога се има добра воља, простор и можности за дејствување, секогаш и секаде се наоѓаат. Културата ја создаваме и можеме да ја обликуваме ние самите, сега и тука/таму каде секој од нас се нашол. Битно е да не се заборава дека таа е насушна човечка потреба и дека секој еден мора да вложува и време и финансии таа да се одржува во живот. Постојано мора да се подгрева желбата да се партиципира, да се креира, да се биде. И тоа на било која возраст. Духот мора да се одржува за да можеме да се носиме со тежините што животот ги носи. Уметниците тоа најдобро го знаат. Па, ако францускиот композитор Месијан успеал да изнајде сили да компонира во концентрационен логор, каков изговор имаме ние сега и денес да не создаваме?

Не е вкусно да споредувам, дека Холандија е и скоро десет пати поголема од Македонија и е економски постабилна земја, но генерално атмосферата тука е работна, луѓето се навикнати да преземаат иницијативи и чувството на одговорност е високо. Можеби е илузија, но се има впечаток дека не се остaва некој „одозгора“ да ги решава сите работи, се имa желба да се биде вклучен во работите што влијаат на квалитетот на живеење. Нема живеење на стара слава, ништо не се подразбира дека ти следува, нема идентификација со функцијата што ја вршиш и секоја наредна генерација се бори за сето она што треба да се одржи или за ново да се создаде.

Светскиот политички бран на регулативи под чадорот „диверзитет, инклузија и еднаквост“ е присутен и тука, и во школските програми и во апликациите за уметнички грантови и во општинските фондови, и како и во многу други држави, мислењата на јавноста се поделени дали тоа несомнено значи прогрес или не. Секој табор има свои аргументи, но времето ќе покаже.

Живееме во интересни времиња кои бараат постојано преиспитување, внимателно слушање не другиот со цел да се бараат компромиси кои ќе бидат добри за сите, но и доследност да се издржи во нешто ако во истото се верува и покрај притисоците однадвор или негирање.

Александра Поповска. Фото: Елена Фиданска

Благодарам на исцрпниот одговор, многу значат ваков тип на компарации. Вие сте интерпретатор, но и педагог и композиторка. Минатиот 20. век ни донесе многу експерименти на полето на компонирањето, беше еклектичен век и иако се уште „растат“ плодовите од тоа време во денешните партитури, како да се надмина тој начин на компонирање и имам чувство дека авторите се враќаат полека кон тоналната музика. Што е она што е „тренд“ во современата музика и како би можел да се дефинира денешниот начин на создавање?

– Уметниците секогаш сакаат да ги испробаат новите алатки и форми, со надеж дека ќе откријат некакви нови звучни/визуелни светови или пак, ќе ја продлабочат сопствената уметничка пракса. И тоа е валидно, но алатката сама по себе е сепак, само алатка и не гарантира ништо на долги стази, бара да и се посветиш и да создаваш со неа. Некогаш и цел живот, како со свирење инструмент.

Во врска со трендовите, аргументирано би можела да зборам само за Холандија и Белгија, а тоа е дека и на музичките факултети и на сцените, сѐ уште е доста еклектично, но мислам дека не се размислува на начин дека „нештата се надминуваат“ бидејќи сите техники на креирање музика се придобивки кои им се достапни на сите и се во „игра“. Современите композитори во Холандија компонираат и реквиеми, но и композиции со електроника или на новосоздадени „самоправски“ електронски инструменти. Пишуваат и гудачки квартети и композиции за Биг-Бенд со диџеј и семплери.

Општините поддржуваат проекти наменети за образување и креативно изразување на младите, без да ги ограничуваат жанровски.

Во Белгија професионалните симфониски оркестри и ансамбли за современа музика соработуваат со студенти, има постојано отворени повици за компонирање нова музика за секакви состави, за детски ансамбли и хорови, за аматери-музичари. Се работи на тоа дијалогот помеѓу креаторите и луѓето на кои музиката им е хоби, да се одржува исто така. Фокусот не е само професионалците како единствени чинители на една култура.

Тука паралелно постојат повеќе „светови“ во исто време, па така акo отидеш на страната на „Концертгебау“ во Амстердам ќе најдеш преку седумстотини концерти годишно, од Чајковски до Трибјут ту Адел, Анушка Шанкар преку Унсук Чин и Нико Мухли, Давид Ланг итн. Од друга страна, во храмот на современата музика „Мјузикгебау“ на програмата ќе најдеш и опери со виртуелна реалност на Мишел ван дер Аа (најизвиканиот мултимедијален уметник во холандската современа музика) и фестивал на музиката на Сааирахо, ама и Пасиите по Матеј и Јован од Бах, хорски композиции од Арво Парт или концерт на бенд со хор во кои може да се вклучи секој на еден ден. Понудата е огромна!

Во сите поголеми градови има и поголеми концертни сали и многу помали локални театри и подиуми (налик на месни заедници во времето на Југославија) кои им даваат шанса и на музичарите. Општините поддржуваат проекти наменети за образување и креативно изразување на младите, без да ги ограничуваат жанровски. Некој од тие проекти траат по неколку години, но многу проекти се и еднократни. Какви ќе бидат резултатите од сите тие иницијативи ќе се види допрва.

Сè уште, се чини така е и во Европа, на современата класична музика се гледа како нешто страно, освен ако не е врзана со некој книжевен, танцов, визуелен „додадок“, освен ако не е дел од некој мултимедијален проект. Каков е одзивот, еве во Холандија, за овој тип на концерти и што според Вас би требало да се промени во свеста на човекот како би ја следел таа концертна дејност, наспроти популарната музика?

– Не е лесно да се привлече публика да слуша нова музика, и со тој проблем се соочува и Холандија. Постои реална потреба од изнаоѓање начини за култивирање на интересот за слушање музика што се создава денес и одење на концерти каде таа се изведува.

Но, за промените да се случат потребно е слушателот исто така да вложи малку напор. Слушање нова музика бара отворен ум, бара делото да се слушне неколку пати, бара малку да се отстапи од сопствената игнорантност, бара време, а по можност и првичниот суд да се одложи за малку подоцна, да ѝ се даде шанса на музиката, а со тоа и на себе си. Бидејќи не се донесува суд на брзина за нешто што не ти е познато сѐ уште. Доколку претпоставиме дека делото има одредена вредност и му дадеме шанса слушајќи го неколку пати, веројатно ќе откриеме многу нешта кои на прво слушање биле невозможни да се откријат. Но, битно е и да се каже дека под капата „нова музика“ денес во Холандија може да се слушнат дела во најразлични музички стилови, од неоромантизам преку минимализам и хардкор експериментална музика, до дела со најразлични влијанија. Затоа е најдобро кога слушателот ќе отиде на концерт со нова музика, да го третира настанот како авантура од која нешто секако ќе добие, дури и ако музиката не му се допаѓа. Бидејќи и музиката што не ни се допаѓа ги шири хоризонтите и ги остри сетилата на слушателот. Го тера да размислува каква музика сака, зошто некои работи не може да ги слуша, дали за тоа постои причина или се предрасуди во прашање, дали станува збор за нешто што можеби не може да го разбере веднаш или е потребно делото да го слушне повеќе пати. И да го цитирам композиторот Самуел Андреев: „assume that the composer is not a moron“, затоа што професијата композитор бара години работа и студирање и кога делата на еден композитор се изведуваат, тоа значи дека позади него веќе стојат години работа, дека веројатно има нешто да ни каже, и дека потрошил многу време да го преточи тоа во музика.

Така што доза на приемчивост/спремност да се слушне нешто ново, исто така е неопходна од страна на слушателот.

Неколку градови во Холандија имаат таканаречен „градски композитор“

Популаризирање на современа музика, мора да оди и рака под рака со популаризирање и на самата професија композитор, но и музичар воопшто. Холандската асоцијација на композитори е доста активна на тоа поле, па така од пред неколку години, неколку градови имаат таканаречен „градски композитор“, функција во која избраниот автор изнаоѓа начини да си креира работа и да се активира во градот во кој што живее, да соработува во локалните музичари, школи, организации и да работи на промовирањето на создавање на нова музика. Од пред три години постои и настан наречен Ден на композиторот, во кој може да се вклучат композиторите од сите региони во Холандија, и кои ги користат сопствените контакти да организираат нешто во средината во која живеат на тој ден, концерти работилници, предавања, но и ко-финансираат заедничка маркетинг кампања, не се финансираат само од фондовите/државата.

Холандската асоцијација за авторски права има воведено двогодишна функција „композитор на татковината“

Исто така, за да се популаризира изведување и слушање нова музика, холандската асоцијација за авторски права „Бума Стемра“ од пред десет години има воведено и двогодишна функција „композитор на татковината“, па избраниот композитор освен што презентира свои дела, тој и лобира, гостува по медиуми, осмислува на свој начин промоција на професијата композитор, им ја доближува на помладите, ја прави видлива, реална. Годинава има повик и за дете компизотор на татковината, за млади помеѓу 10 и 17 години. Сите вакви или слични иницијативи, на некој начин ја демистифицираат професијата, ја доближуваат до „обичниот“ човек, едуцираат за нејзината исклучителна важност, нејзината улога во едно општество не помалку важна од останатите професии.

Како педагог, што ги советувате најчесто младите?

– Се обидувам да не давам совети ако не ги побараат од мене, туку да слушам повеќе и да прашувам што нив им треба, бидејќи секој од луѓето со кои работам е во различна фаза од својот живот и на секого му треба нешто друго. Со некој од нив работам со години, со некој само неколку месеци и комуникацијата е секогаш поинаква. Но, основните вредности да се биде присутен, одговорен за своите постапки, отворен за нови содржини, да се верува во себе и да се мечтае, ги поттикнувам на часовите и пробите.

Би се вратиле ли во Македонија?

– Секој што живеел во Македонија мислам дека никогаш не ја напушта и ја носи со себе каде и да оди. Доколку животот и работата ме донесат пак, зошто да не?

Фото: Приватна архива на Александра Поповска

ТИНА ИВАНОВА (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира