„Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум. Вакви „дебати“ доликуваат во држави како Северна Кореја и Бахреин, а не во држава која се нарекува европска….Тужбата против ИРЛ од страна на тужителот е кон медиум и кон новинар, односно одговорен уредник што укажува на тоа дека и тужителот не спорел дали сме новинари или не…Во првата пресуда која беше во наша корист истата судијка не спореше дали е ова медиум и дали сме ние новинари или не и не ослободи од вина за клевета“, вели во интервју за ИМА, Сашка Цветковска, главна уредничка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ)
Интервјуираше: ЉУБИША АРСИЌ, за ИМА
ИМА: Како е ИРЛ регистрирана, дали сте медиум и зошто судијката Спировска – Панева во пресудата наведува дека не сте?
Цветковска: ИРЛ е регистрирана како здружение на граѓани затоа што ИРЛ не работи комерцијално, односно не остваруваме профит од нашите содржини, бидејќи сметаме дека рекламите честопати можат да претставуваат обид за влијание врз уредувачката политика. Македонското право препознава регистрирање на друштва за комерцијални и за некомерцијални цели. Ако сакате вашата медиумска организација да работи непрофитно, како што ние одбравме, тогаш формата во која можете да се регистрирате во Централниот регистер е оваа. Затоа и централниот регистер се нарекува Трговскиот регистар и Регистар на други правни лица, а други правни лица се и невладини и фондации.
Ние се финансираме од грантови и донатори кои се внимателно одбрани да бидат неселективни, независни и непристрасни, односно донатори кои ни даваат целосна слобода при изборот на теми и лица кои ќе бидат истражувани. Од минатата година дел од нашите финансии доаѓаат и од мали донации од граѓани.
ИМА: Со што друго може да потврдите дека сте медиумска платформа?
Цветковска: ИРЛ е членка на „Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција“ – OCCRP, водечка медиумска организација на истражувачки центри чиј партнер во Македонија е ИРЛ. Минатата година беше прифатена нашата номинација и формално станавме членови на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство (GIJN) – меѓународна организација која ги штити и унапредува вештините, правата и слободите на истражувачките новинари ширум светот. ИРЛ членува во Советот за етика во медиуми во Македонија, а нашите новинари членуваат во раководните тела на Здружението на новинари на Македонија, во Самостојниот синдикат на новинари на Македонија и во Советот за етика.
Приказните на нашите репортери се објавувани во најреномираните светски медиуми како Гардијан (The Guardian), Базфид (BuzzFeed), Зидојче Цајтунг (Süddeutsche Zeitung), Њујорк Тајмс (New York Times), Пропублика (ProPublica), Шведскиот јавен сервис (SVT) и други. Од нашето основање во 2017 година ИРЛ е добитник на 11 престижни домашни и меѓународни награди за истражувачко новинарство.
ИМА: Но, судот како да не ги цени овие достигнувања?
Цветковска: Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум. Вакви „дебати“ доликуваат во држави како Северна Кореја и Бахреин, а не во држава која се нарекува европска. Не само што судијката се дрзна да цени што сме ние, туку така директно во тоа свое образложение се залага за цензура и на граѓанскиот сектор со тврдењата дека такви друштва своите публикации можеле да си ги пуштаат само во своите канцеларии на членовите.
ИМА: Каде ја продолжувате борбата за вистината?
Цветковска: Меѓународните и домашни организации кои ги штитат новинарите и слободата на говор во моментов прават сè што е во нивна моќ. Бевме контактирани од бројни светски организации, кои се загрижени како оваа пресуда ќе влијае на состојбата во медиумската сфера, не само во Македонија туку и на целиот Балкан во насока на уназадување на слободната мисла и говор. Нашиот следен чекор е жалба до Апелација, а во зависност од нивната одлука, случајот ќе го продолжиме во Стразбур. Во меѓувреме, продолжуваме со нашата новинарска работа.
ИМА: Дали тужителот Кочо Анѓушев во некој момент побара да бидете оспорени како новинари и медиум, или тужбата му е само за клевета?
Цветковска: Тужбата против ИРЛ од страна на тужителот е кон медиум и кон новинар, односно одговорен уредник што укажува на тоа дека и тужителот не спорел дали сме новинари или не. Господинот Анѓушев дури и на ТВ настапи не атрибуираше како новинари, но во последно време почна да не нарекува група, што случајно или не, коинцидира со ставовите на судијката, која исто така нè нарекува група.
Во првата пресуда која беше во наша корист, истата судијка не спореше дали е ова медиум и дали сме ние новинари или не и нè ослободи од вина за клевета. Со втората пресуда ова е сторено за да се маскира отсуството на аргументи за вина за сторена клевета, па се тврди дека нашите докази и искази не се земаат во предвид и не се ценат затоа што едноставно не сме ни смееле да ги емитуваме. (СМК)