И после цела деценија режим истава оваа акробација за правење „народ” од „граѓани” преку филигрански изведен демагошки популизам им функционира, веројатно заради заборавање на ДПМНЕ-овскиот режим до утрешната 7-годишнина, 27 април 2017 година. Тој е нов протофашистички механизам за остварување на „народ”…
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Името на градот Маракаибо, не е некоја горда грешка. Тоа е вториот град по големина во Венецуела, во кој, според листите, се наоѓа најбруталниот затвор на светот, Сабанета. Но, коинциденциите со името на градот содржат и дополнителна торзија на хорор: Маракаибо нагалено е наречен „Љубената Земја на Сонцето“, La Tierra del Sol Amada… Секако, насловот за бегство накај затвор е општествена метафора, нормални граѓани не би бегале накај зло, за спас од било што надвор од тоа зло. Но, македонските „онародени“ граѓани – да. Тие трчаат во македонската метафора на овој објект. Се прашував после гордиве резултати дали процесот во Македонија беше настанување на граѓани од народ, или во Северна Македонија граѓаните почнаа да се „онародуваат“. Неважна ми е точката во времето, без оглед за кој процес се работи, но од аспект на интелектуалата – процесот е едонасочен и фиксен: Таа се „онародува“ и уште и – го пропагира тоа.
Граѓаните го презираат тоа онародување на интелектуалците еднакво како што народот презира сѐ што има интелект. Моите сомнежи се дека тој проблем генерира еден колективен психолошки механизам кој спирално се поддржува сам себе додека не прејде во владеење со масите, пандан на дел од колективно-психолошките корени на фашизмот образложени од Фром во „Бегство од слободата“, но во наши и апдејтирани услови. Не може да се тврди дека дошол крајот на таа спирала, но тоа е сепак – спирала на случувања кои ја креираат самата неа сосе колективната смисла што ја носи, па може во проекција да се согледа дека точката каде што „онародените“ ги нарекуваат граѓаните „оДнародени“ е почетокот на правецот што го зазема денешниот демагошки популизам комбиниран со клиентелизам, како прекурсор на некој нов вид на фашизам. Спиралата почнува многу бенигно.
Во академските кругови има извесна борба за репутација на објективност, меѓу другите работи. Репутацијата за било што, и така е некој вид светлечка реклама, ветување однапред, билет за продажба, курсна листа, па и валута… Но, специфично за објективноста, овде сигурно (а сигурно и на други места) се има претворено во сопствената спротивност. Не велам дека луѓето се автоматски необјективни, особено при доста високо образование кога разбираат што значи проценка, вреднување, рецензија… Туку ужасно многу се трудат да се прикажат како објективни. Притоа, понекогаш и ќе потрефат да бидат објективни. Но, во најголем дел од тој труд, самите се сомневаат дали прикажале доволно објективност, па покажуваат некој вид „преобјективност” да не случајно некои туѓи очи ги видат како пристрасни. Тоа е моментот кога во умот им се отвара портал кон некоја извитоперена димензија и прават работи спротивни токму на објективноста. (Се сеќавате на она „Вистински интелектуалец е против власта“?) Што, понатаму го поставува прашањето дали навистина првенствениот интерес воопшто бил за објективност или за некој далеку попрозаичен личен интерес. И што станува со репутацијата што се темелела на објективноста.
Со годините, веќе не наоѓам доволно место за презир на оваа тенденција, бидејќи од толкавата распространетост исклучив дека е „ствар” само на академскиот кадар. Или дека образованите, специјално, се помалку или, пак, повеќе отпорни на овие финеси. Но, не е ни толку „слатко” како аналогната приказна на тинејџерското криење на вљубеноста кога љубената/љубениот е присутен. „Ко се бије, тај се воли” беше познато пред 40-тина години за оваа ситуација (некако се изгуби тоа). Така што, дека ова преправање, до повреда на самата вредност, знае да зафркне работи – не верувам дека сум единствената што го видела тоа. А дека може да се претвори во толкава аномалија што нормалното се смета за некој нестварен свет, сигурно сме многумина што го гледаме тоа. Замислете драстично, на пример, свет во кој се подразбира дека вљубените дословно си кршат коски меѓу себе, а нивното меѓусебно помагање би бил казнив грев – ете, толкава аномалија се испилува овде. И секаде.
Кога некој ќе си го присвои поимот за „народ“ и ќе си ги проектира своите желби преку него, истиот работи на некаков плагијат на Мусолиниевите начела.
Освен во разни борби меѓу ингеренциите, авторитетот и правните обврски помеѓу разни страни од работното секојдневие, оваа појава на „преобјективност” го грабнала и значењето на поимот за граѓанство. Тој е малку покомплексен поим отколку поимот за „народ”, кој фашистичките идеолози, цел век веќе, максимално го излитија и сепак функционира. Од формирањето на државава, па до крајот на 11-годишниот режим на ДПМНЕ, многу се користеше таа финта – желбите на „народот”. Денес, благодарение на претерувањата со манипулациите на тој термин во режимот на ВМРО (МВРО) ДПМНЕ остана дел од граѓанството што знаеме дека кога некој ќе си го присвои поимот за „народ“ и ќе си ги проектира своите желби преку него, истиот работи на некаков плагијат на Мусолиниевите начела.
Очигледно, манипулациите со „народ“ не лежат така фаши-фино кога ќе се рече „граѓани”, најпрво затоа што постои индивидуална еднина – граѓанин, а второ, генерира нелагодност да се прецизира друга карактеристика, етничноста, на пример, расата, па дури и видот на попреченост, итн. Сѐ што со задоволство „народот“ го дискриминира. Се гледа дека има нешто тврдо објективно во поимот „граѓанин“, како на пример – „секој граѓанин си го знае својот интерес”. И, не се претвора тоа така лесно во „граѓаните го знаат својот интерес”. Сепак, бескрајните обиди да се добие какво-такво „онародување” – како на пример со некаква „морална емоција“ како гордости и достоинства или стариот добар механизам на -„не НЀ бидува” на вакво милје со специјален однос кон интелектот – фаќа корен. „Не нѐ бидува” е основа на „онародувачкиот“ механизам, бидејќи кога индивидуа ќе рече „за нас” нешто негативно – дека не нѐ бидува, на пример, таа воглавно се исклучува од останатите „нас” што „не нѐ бидува”. „Онародувањето” се случува комплементарно во однос на една индивидуа – на сите останати освен неа од нејзиниот аспект. Во процесот ‘еден наспрема многу’, една индивидуа „тежи” 0 грама, имено, протофашистичкиот популизам филигрански се грижи да не остави тежина по индивидуи, туку индивидуите да ги искористи како „онародувачки“ нодови во мрежата. Односно, бидејќи има конечен број на индивидуи што ќе пропагираат свесно или несвесно „не нѐ бидува”, а конечен број од нив пак си е (жива) мера 0, комплементарниот учинок на она „не нѐ бидува” е масовен (како бесконечноста што е инверзија на нулата), па си ја врши својата масовна работа на „онародување” на граѓаните.
Или, во стил на Даниел Денет за зомбификацијата во не-свест, овде во однос на „не нѐ бидува” – механизмот, би одело вака:
– Штом ја дозволиш макар теоретската можност дека може да има граѓани што „не ги бидува”, тогаш веднаш би морал самиот да се откажеш од сопствениот „папски авторитет” дека тебе баш те бидува.
Никој не може да ја преживее таа дисонанца, но за жал самолекувањето често останува на нелогичен, бесмислен отпор за докажување на сопственото бидување, баш потврдувајќи ја штетната премиса за небидување на другите. Лекот за себе, но и за општеството е – севкупно отфрлање на премисата „не нѐ бидува”. Но колку треба интелект или самоопсервација за да се примени тоа…? „Позитивните“ повици за достоинства, гордости и слично, се само маскирана варијанта на „не нѐ бидува“: „Не сме горди/достоинствени“. Зачинето со „сега“ за да има „повторно“. Истиот алгоритам.
Образованиот, во уверување дека е објективен, станува така „преобјективен” и преминува во свет со обратен ред, каде што како доказ за објективност се смета апсолутното преминување на страната која воопшто и не може да конкурира како избор при критериумите заради кои се потегнала објективност. Слично како со сопственото покажување на објективноста се случува и со други „пофални“ вредности и нивните прикази: со гордоста, достоинството, храброста, итн. Мислам дека е вишок да се каже дека тој свет е спротивен на граѓанскиот овоземен интерес за објективност (а и останатите „пофални“ вредности). Заради желбата за нивно покажување без нивната суштина – спротивен е и на разликувањето меѓу доброто и лошото, на фер и нефер, а со тоа и на сигурноста на индивидуалното материјално живеење. Во тој свет е нарушен еден нормален колективен ред, нарушена е толку општа вредност, која и на испразнувачот на вредноста која сака да ја покажува – би му послужила како правило. Но, се решава да не го карактеризира стариот добар ред како добар и да спори за колективната „пофална“ вредност врзувајќи ја апсолутно, фиксно, за конкретни имиња, структури, организации.
„Онародувањето“ е алатка за материјална жетва и моќ на пропагаторите.
Има свесни за „онародувањето” кои се самите пропагатори „онародувачи” и го прават тоа од претерано себични пориви. Кај оние кои несвесно се „онародуваат” посилна е желбата да се изгледа „пофално“ (на пример – објективно, реално, достоинствено, патриотски, храбро, гордо, борбено, снаодливо, …). „Онародувањето“ е алатка за материјална жетва и моќ на пропагаторите. Така, секој „онароден” граѓанин се отстранува себеси токму од таа корист што му следува според колективниот воспоставен, нормален ред. Од неговата „пофална” божемна птичја перспектива кон другите, неговото самоотстранување не оди со „токму”, туку со „дури”, како да е тоа некаков труд, жртва. Што е до коска гадно, оти специјалната привилегија мора да е поголема од редовната. А од кого се зема – е јасно.
Тоа важи и за оние академски анти-интелекти (сами против својата бранша, ако прашува некој од каде извира расколот), со преправандусот за нивната „граѓанштина”. За да ги побијат граѓанските нормалности, правејќи се „најграѓани“, не само што не дискутираат граѓански (вклучувајќи и – далеку од објективно), туку пештерски ја апсолутизираат граѓанската нормалност како партиска/владина. Затоа и не се изненадувам што самите си влегле дури и во мизерно минорни партии-сателити на нај – „народната” партија ВМРО-ДПМНЕ или фаќаат ронки од лепаците со нејзините општински власти. „Најнародна”, со смислата на „народот” што оригиналниот фашо-идеолог филозофски ја обмислил без најмала ѕирка и проѕирка. Толку се бесни што дури и не доаѓа на ред прашањето зошто еден нормален граѓанин како објективна единка што би требало да го разбира сопствениот интерес заедно со колективниот, препознава многу од социјалдемократските начела како нормални, фер и природни, до таа мера, што самите популисти ги користат истите наративи за сопствена промоција. Колку реклами на ВМРО-ДПМНЕ се од токму од социјалдемократска природа? Многу, но без основа, ниту јадро, ниту поим. Или, анти-интелектите сметаат дека граѓанинот треба да се „разбуди“ од социјалните и демократските бајки и да се „бори“, да се турка безобразно за ронка плус кај оние кои се спротиставуваат на соц-демократскиот систем. Односно, постојано за „мала“ морална цена, го промовираат клиентелистичкиот, нерамномерниот, туркачкиот, всушност пештерскиот анти-систем, кајшто граѓанинот се очекува да биде додворувачка кукла на конци, на некој Дуче.
За разлика од клиентелистичката демагошко-популистичка партија и организација ВМРО-ДПМНЕ, кај СДСМ конечно се покажа дека играњето на клиентелизам е уништувачки за граѓанството (и со тоа самоуништувачки за неа како организација), поточно социјалдемократското јадро на граѓанскост во партијата стана многу помало од неа. „Народот“ не може да се одвои од клиентелистичката шема и да замисли дека не е граѓанинот тој кој ја симпатизира СДСМ како партија, туку СДСМ на темелите на социјалдемократското јадро е креирана така што таа го симпатизира и поддржува граѓанството, односно граѓанските начела. Популистичките партии не се способни за организација на таков вид напор, освен за таков пропаганден изглед, како што граѓански-ориентираните организации (еве и партија) не се способни за популистички и клиентелистички финти, на кои губат од сржта.
„Великодушните“ демагози – популисти изјавија сега (и пред 3 години, проверив, познато ми беше!) – ќе простеле на тие што гласале, внимавајте, гласале (има ли пограѓанска работа), против нив! Може ли да добијам ливче некогаш со кое се гласа ПРОТИВ на избори? За другарка прашувам.
Прекинувачот на демагошко-популистичкиот механизам кој генерира протофашистичка психологија е како клуч фрлен во бесконечноста на парадоксот – во самоопсервацијата меѓу „малата“ морална цена и изгледот на моралност/„пофалност“(објективноста, достоинството, патриотизмот, храброста, гордоста, борбеноста, снаодливоста, …) Парадоксов од двете страни се тегне како мастика од едниот до другиот крај на космосот, а не вклучува во ниеден момент од споменатите вредности! Од страната на „малата“ морална цена вредностите се продадени за нешто тотално прозаично, а од другата страна се лажирани.
Во чекална, на каса, пред вратата на автобусот, кај граѓанинот се случува една супер-јасна емоција, кога сите очи му наметнуваат да изгледа (да, да изгледа) поснаодлив од снаодливиот, поборбен од борбениот, пограблив, потуркачки, … Оти токму таквата „правдоносна” емоција генерирана од ништовност – од приказ пред туѓите очи, во општествениот живот, само во покрупни размери, ја размножуваат популистичко-демагошките партии како ВМРО-ДПМНЕ и сличните во светот. Би требало повеќемина „во чекалната“ да останат на пружањето укажување на туркачот – што е сосема друго ниво. Но, замислете амбиент на многу туркачи: Се нервирате што тоа е лошо за воопшто добивање на ресурсот за кој чекате и сте зачудени од количината на туркачи. И сигурни сте дека тоа е прашање на нега на карактерот и дека најдобро е кога нема да се појави ниеден себичен, алчен туркач… Да владее почит, демократичност, социјалност, да биде нормално на фер начин да се споделуваат ресурсите… Проверете дали се смешкате тука, така ќе знаете дали ве нападнал вирусот на „онародување“.
А како да направиме да не се генерираат нови и нови туркачи, за кои просто не постоите ако попрво не посакуваат да ве истепаат (ако сте пред нив)? Ако замислувате врата пред која десетмина се туркаат, а петмина чекаат мирно да им дојде редот, тогаш тоа веќе не е врата, туркачите ја претвараат во ѕид. И тоа, ѕид за меѓусебно тепање. Не врата, не добивање услуга, туку жестока емоција за станување туркач, т.е. приклучување кон групата туркачи, дури и професори, академици – во демагошко-популистички партии и нивни сателити. Многумина тоа го прават за инстантна добивка, но некои и за да не бидат „подолу”, и тоа е ем природен, ем диригиран механизам, како и што е трендот на ова технолошко време – искористи ја природата (во случајов – човековата) за машината да работи. Од оние што се свесни за механизмот за „онародување“, има пропагатори кои намерно го провоцираат, дури и кога не се свесни за неговото дејствување врз нив самите во однос на друга вредност или ресурс.
Пример се двата слогани со „пофалните” вредности – гордоста и достоинството. Никој не може овие ниту да ги даде, ниту да ги вгради, а од ништо, тие и не можат да се извлечат повеќе од тоа што е фиксно во колективот. Не можат такви вредности да бидат„повторно“, тоа е глупост, освен ако не е муабетот за изглед, јасно. Тие се свесни за насоките со кои конзуматорот на таа пропаганда добива „пофален” приказ на вредност, без тој да ја почувствува конкретната вредност – гордост или достоинство. Но, не верувам дека се свесни за своето пренапрегање во „преобјективност” со што ја изгубиле објективноста и станале пристрасни кон спротивната од граѓанската (објективна) страна, па така завршиле кај протофашистичката, популистичко-демагошката страна на, на пример, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и другите сателити. Како да ве љубат така што ќе ви ги скршат коските. Кој им верува на нивните паралелни извитоперени светови е како да верува дека од суровоста на природата – ќе избега внатре во Сабанета. И дека таму конечно ќе биде згрижен.
И после цела деценија режим истава оваа акробација за правење „народ” од „граѓани” преку филигрански изведен демагошки популизам им функционира, веројатно заради заборавање на ДПМНЕ-овскиот режим до утрешната 7-годишнина, 27 април 2017 година. Тој е нов протофашистички механизам за остварување на „народ” што служи на некој Дуче, и истата форма на коренот е проширена низ целиот свет. Да се изразам во второ лице: Заради пештерското својство – суетата, (со која, и академските анти-интелекти, и рамноземјашите се преполни), вниманието кон изгледот на вредноста на која сте се фокусирале – ве анулира, оти ви ја анулира вредноста кога работите површно за нејзиниот изглед, а воедно зајакнува некоја „глава”- Дуче, надвор од вашата контрола (кој ви ја ветува инверзијата на таа анулација, специјално за вас). Но, обратно, ако чесно си ја „терате” вредноста според вашите компетенции, тогаш ја зајакнувате вредноста, го зајакнувате општеството и државата. Тоа може и да биде прилично едноставно како за возрасни луѓе: Ако „пофалното“ мислење за вас го откачите како нешто што тотално не е ваша работа и уште и разбирате дека, што е фер – е добро и посакувано, тогаш Дучињата ќе се костуросаат чекајќи ве да им паднете во раце во Сабанета, во „љубената земја на сонцето“. Но, ах! „Великодушните“ демагози – популисти изјавија сега (и пред 3 години, проверив, познато ми беше!) – ќе простеле на тие што гласале, внимавајте, гласале (има ли пограѓанска работа), против нив! Може ли да добијам ливче некогаш со кое се гласа ПРОТИВ на избори? За другарка прашувам.
*
На насловната фотографија е прикажан еден од најбруталните затвори во светот Сабанета во Венецуела.