Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Да се живее под тортура на Мицкоски

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Крајно време е Христијан Мицкоски да престане да врши тортура врз македонскиот народ и врз сите граѓани на Македонија со инаетот да ги изгласа уставните измени и земјата да продолжи понатаму кон ЕУ.

Не се странците тие кои му вршат тортура, туку тој е единствениот што им прави тортура на своите (со)граѓани и им стои на патот да станат европјани не само географски, туку политички и пред сè и над сè, економски.

За овој негов диктаторски однос кон сопствениот народ Христијан Мицкоски нема подршка од мнозинството граѓани како што секојдневно тврди.

Во сите анкети на кои се повикува како аргумент против внесувањето на Бугарите во Уставот, нема таква бројка од „над 80 проценти од граѓаните“ и тој тоа го знае. Со истите лажни податоци од сè на сè три анкети годинава, тој бара и итни предвремени избори иако и за ова нема подршка од граѓаните.

Она на што се повикува Мицкоски се податоците одистражувањето на Институтот за демократија и Конрад Аденауер од март годинава според кое 89 проценти одПРИВРЗАНИЦИТЕ НА ВМРО ДПМНЕ се против, што е и став на раководството на оваа опозицикска партија.

Највисок процент на граѓани кои биле против промена на Уставот и вметнување н Бугарите во Преамбулата биле 65 % и тоа во март оваа година.

Но, испитувањето на јавното мислење од мај спроведено од Институтот за политички истражувања за потребите на емисијата „детектор“ на Сител ТВ, вели дека процентот на граѓани кои не се согласуваат со тоа се намалил од 65 на 56 проценти.

Според ИРИ, пак, само 50 посто од испитаниците се против францускиот предлог, додека соодносот на оние за и против внес на Бугарите во Уставот е 40 спрема 50 проценти.

Оттаму, сите аргументи на кои почива мачната пропаганда на Мицкоски и неговата партија се лажни. И веројатно соочени со стравот дека бројот на граѓаните кои се против внес на Бугарите се намалува, а со тоа и поддршка кон нив, со сите сили се обидуваат да го задржат вниманието на јавноста со негово безмилосно тормозење со фиксацијата „бугарски диктат“ и предвремени избори. 

Најновата „инвентивност“ во ПР стратегијата на оваа партија е будалаштината дека „светот се сплотил во завера против Мицкоски“.

А всушност од ден на ден, година и половоина тој нè држи во заложништво сите во државата како да сме потпишале нотарски изјави ние граѓаните, а не неговите пратеници.

А тие кутрите пратеници, не сфаќаат дека откако ќе му „одработат“ за негова лична кариера, ќе ги фрли политички на „Дризла“. Ќе остане само сеќавањето на нив како на беспоговорни послушници кон „лидерот“.

Затоа неговите нови избраници ќе мораат да ја носат одговорноста на неизвесноста што им ја подготвува партискиот шеф, без разлика дали ќе победат или не на следните избори. При тоа не е чудо идната генерација народни избраници да мора да го излиже она што сегашните ќе го поплукаат.

Мицкоски на некој начин ги „тормози“ и претставниците на САД и на ЕУ кои се обидуваат пријателски да помогнат на европскиот пат на Македонија, ставајќи ги во позиција да се мешаат во внатрешните работи на една суверена земја.

Но, ако еднаш им го завртиш грбот на овие пријатели, како што тоа го прави Мицкоски, биди сигурен дека тие сите ќе ти го завртат кога најмногу ќе ти требаат.

Затоа подобро да му го завртат нему грбот сега, одошто тоа да и го сторат на Македонија подоцна.

Треба да знаете
Moже да ве интересира