Гостувањето на Марк Карни беше најголемото изненадување во говорот за Состојбата на Европската Унија за 2026 година (Стразбур, 16/09). Канадскиот премиер го привлече вниманието во Давос минатиот јануари, а сега се појави и на пленарната седница на Европскиот парламент за да отвори ново поглавје во односите меѓу ЕУ и Канада.
*Андор Ласло
Според Урсула фон дер Лајен, Канада би можела да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија, додека Карни зборуваше за Алијанса за иднината. Продолжение на оваа иницијатива се очекува за помалку од два месеца, на Самитот Канада-ЕУ во Монтреал на 29 и 30 октомври. Судејќи според реакциите од САД, вклучително и заканите на Трамп со нови царини, очигледно е дека се појавува поделба во рамките на Г7.
Канада и ЕУ почнаа да се зближуваат по Големата финансиска криза. Пред една деценија двете страни го постигнаа Сеопфатниот економски и трговски договор – ЦЕТА. Договорот сè уште не е ратификуван од сите земји членки на ЕУ, но и во ваква форма придонесе за значително зголемување на трговијата меѓу ЕУ и Канада – за околу 70 проценти. Подлабоката соработка носи економски придобивки во области како одбранбената индустрија, суровините и науката, но сè повеќе изгледа и како сојуз насочен кон стабилизирање на мултилатерализмот. За разлика од Фон дер Лајен, Карни во својот говор во Стразбур експлицитно се повика и на меѓународното право.
Придружното членство не постои во сегашното право на ЕУ, но концептот се појавува во различни експертски расправи и документи најмалку од референдумот за Брегзит. Досега Европската комисија не го вклучила како дел од политиката за проширување, но во иднина би можело да добие поголемо значење, во зависност од реакциите на сегашната иницијатива. Можно е Канада никогаш да не стане придружна членка, но други земји да го добијат тој статус. Денешното зближување меѓу ЕУ и Канада може да се спореди со повоената Европска заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), доколку јагленот и челикот се заменат со ресурсите и секторите што би биле опфатени со планираниот сојуз за размена.
Главните теми во говорот на Фон дер Лајен за состојбата на Унијата укажуваат на поместување од геополитика кон геоекономија. Говорот го одржа облечена во бело и во него имаше помалку воинствена реторика, а повеќе намери за диверзификација на економските односи и обезбедување пристап до критични ресурси. Очигледно е дека Комисијата е загрижена поради растечкиот трговски дефицит на ЕУ со Кина и работи на ребалансирање на тие односи. Подеднакво важно би било и намалувањето на зависноста од Соединетите Американски Држави, особено во дигиталните услуги, одбраната и енергетиката, но и преку зајакнување на меѓународната улога на еврото.
Кога станува збор за економската политика, размислувањето на Комисијата и натаму е во голема мера под влијание на крупниот бизнис, што го прави овој пристап прилично контроверзен. Во изминатите две години Фон дер Лајен спроведува тесно фокусирана агенда за конкурентност, а и во овој говор покажа мошне ограничена подготвеност за корекција на тој пристап. Таа ја спомена претстојната десетгодишнина од Европскиот столб на социјални права (ЕССП), но веднаш потоа покажа дека или не ја разбира неговата суштина или не ѝ посветува доволно внимание – го поврза со инвестирање во сите региони, што всушност не е тема на ЕССП. Кризата со трошоците за живот, која според Евробарометар е на врвот на листата грижи на граѓаните, како и прашањата поврзани со трудот, практично беа игнорирани.
Говорот за состојбата на Унијата не е само можност да се претстават приоритетите на ЕУ и да се воспостави врска со европратениците и пошироката јавност, туку и да се најават помали иницијативи во широк спектар политики. Вообичаено, говорот нуди нешто за секоја политичка група во Европскиот парламент што ја поддржува претседателката на Комисијата и привлекува внимание кон политики што можеби веќе се во подготовка, како Законот за домување, или кон иницијативи што допрва треба да бидат стартувани, како заштитата на децата од штетните последици на дигиталните технологии. Сепак, може да се постави прашањето дали Комисијата навистина мора на секоја летна актуелна тема – миграција, клима, вода и други – да одговара со нова иницијатива. Најавите за „Европски совет за безбедност“ и „Конгрес на Европа“ покажуваат дека Фон дер Лајен станува многу позаинтересирана за пошироката институционална архитектура на континентот отколку за конкретните економски и социјални политики.
Во споредба со нејзините двајца претходници, Барозо и Јункер, стилот на излагање на Урсула фон дер Лајен во говорите за состојбата на Унијата повеќе наликува на читање бајки на деца. Таа сака да вметнува мали приказни за избрани поединечни херои, наместо да ги објаснува пошироките трендови и контекстот. Говорот за состојбата на Унијата, секако, не е место за презентирање детален работен план, но би требало да биде можност Комисијата да покаже дека разбира зошто Европејците се соочуваат со конкретни проблеми. Миграцијата не постои едноставно поради криумчарите на луѓе. Крајно десничарските евроскептични партии не напредуваат само поради руските дезинформации. Бриселската бирократија не е основната причина за проблемите на ЕУ со економскиот раст. Потпирањето на вакви клишеа претставува потценување на интелигенцијата на публиката. Разобличувањето на ваквите поедноставувања останува задача за прогресивните сили.
*Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS)

