Со терминот „развластување“, ВМРО ДПМНЕ се обидува да го опфати и СДСМ иако повеќе се работи за понуден модел (од страна на вторите) за „совластување“, т.н широка коалиција на метафорички „развластениот„ со ново “овластениот“, а кој во моментов и подолго време е вистински „развластениот“ на национално ниво. Од оваа игра на зборови има сериозен ризик да ни се заврти во главата.
Тони ПОПОВСКИ
Зад нас е една динамична, а според температурите летна седмица, во контраст со претходниот веќе подолг период на поларни политички температури, поларизирано сивило и политички ставови кои се разликуваат како што се разликува денот од ноќта. Интересно е што двете најголеми партии од македонскиот блок после средбата на лидерите, која за волја на вистината има потенцијал да биде „историска“, објавија дека „силно светнал ден“.
СДСМ оваа летна зора и триумф на светлината ја објаснува со јавното прифаќање на ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени и покрај реторичките отфрлања на таа можност, практично до вчера или завчера.
ВМРО ДПМНЕ, новото изгрејсонце на слободата го објаснува како признание на „силите на темнината“ дека немаат двотретинско мнозинство во заедничкиот дом и дека партијата успеала со брилијантна тактика и упорност на врховниот водач, барем дел од нив да „развластат“. Последново првенствено се однесува на ДУИ кои необично бргу го прифатија испоставениот услов да заминат од владата, и наредниве месеци да ги поминат во некоја заветрина, подалеку од жегата и политичкото сонце во македонскиот камп, каде се очекуваат изгоретини, а ако се претера со еуфорија, и по некој топлотен удар.
Со терминот „развластување“, ВМРО ДПМНЕ се обидува да го опфати и СДСМ иако повеќе се работи за понуден модел (од страна на вторите) за „совластување“, т.н широка коалиција на метафорички „развластениот„ со ново “овластениот“, а кој во моментов и подолго време е вистински „развластениот“ на национално ниво. Од оваа игра на зборови има сериозен ризик да ни се заврти во главата. Истовремено, за поедноставено разбирање на суштината на нештата, на просторот и времето, пожелно е да се потсетиме дека токму ние ги имаме овластено сите нив да се грижат за нас, покрај за нивната и за нашата благосостојба и напредок.
Поради ова драматично разденување, многумина неутрални а особено подзаспани набљудувачи започнаа да се жалат на симптоми на вртоглавица, кои од ден во ден се поизразени и поредовни. На дел од нив, можеби и поради затопленото време и политичките испарувања, им се причинува дека нашиот подзастанат караван конечно започна да се движи, на друг дел им се причинува дека сеуште е вкопан во место, а на трет дел дека се движи но наназад, иако и за правциве, напред – назад, лево – десно, запад – исток има сеопшта конфузија и страсна дебата.
Дури и нараторот на овие редови не е имун на ова неочекувано затоплување. После нежно забришување на потта од наросеното чело, и подзачистување на диоптријата на очилата, барем во моментов го согледувам следното. Караванот сепак тргна кон Европа, но преостанува да се навикнеме на бучавата кој истиот ја создава. Не дека караванот не создаваше бучава додека беше во „лер“, но треба да се навикнеме на овој нов тип на бучава, бучава во движење. Особено ако е точен впечатокот и ако добро слушнавме (покрај бучавата) дека имаме поширок консензус на „караванџиите“ за движење во насока кон Европа.
Притоа, не треба да заборавиме, особено ние, како патници во караванов, дека покрај бучава во движење има и сценарија во движење.
Како и секој караван така и нашиов, особено имајќи предвид дека дел од него се сопатници од соседна Албанија, може попатно и наредниве месеци, до првиот нареден висински камп, да подзастане, или интернационалниот караван да стане национален, каде едното „национално“ продолжува да се движи, а другото „национално“ застанува или се префрла во рикверц.
И уште неколку редови за бучавата, во придружба на караванов.
Општа дефиниција за бучава е дека се работи за звук или звуци, а особено гласни звуци кои се или непријатни или предизвикуват вознемирување. Второто може да предизвика и клинички манифестации. Во медицината е докажано дека прекумерната бучава сериозно му штети на здравјето на луѓето и ги попречува нивните секојдневни активности, на работа, дома и за време на слободното време. Може да го наруши спиењето, да предизвика кардиоваскуларни и психофизиолошки ефекти, да ги намали перформансите и да предизвика реакции на нервоза и промени во социјалното однесување.
За создавањето на бучава не е нужно однапред да го осудиме секој звук. Звуците се користат за комуникација, предупредување, навигација, и како форма на забава. Бучавата од друга страна е непосакуван или непријатен звук. Луѓето различно ги перцепираат звуците и бучавата. Вообичаено кога сме изложени на бучава велиме дека ни пречи, дека не можеме да слушаме низ целата таа врева, поради тоа гласно, конфузно или бесмислено викање или негодување.
Имаме Закон за бучава. Немаме Закон за политичка бучава. Не треба ниту да имаме ако сме навистина демократска држава. Ако сме навистина демократска држава сосема е доволно да имаме културни и смирени политичари кои звукот го користат за комуникација и за меѓусебно подобро разбирање. Во оваа смисла, нема да вреди ако караванов и ние како дел од него пристигнеме во Брисел, а мнозинството од нас или оглувеле поради политичка бучава, или манифестираат други сериозни клинички пореметувања.