Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонската „Игра на тронови“

Колку и да се интересни за јавноста интерпартиските и меѓупартиските заплети и странични вмешувања, тие во суштина се интерни борби за тронот, односно за поголемо влијание во клучните партии, а преку нив и на државата и во општеството. Ги имало, ги има и ќе ги има. Погрешните кадровски проценки на лидерите имаат специфична тежина, но истата не е ниту приближна на погрешните проценки за стратешки процеси и политички одлуки кои не засегаат сите и чии последици ги живееме и денес.

Тони ПОПОВСКИ

Тронот е метафора на суверено владеење. Тронот без тој што седи на него се сведува на објект, најчесто во облик на церемонијална и впечатливо декорирана столица на која својата задница ја поставува суверенот, верскиот поглавар или слични раководни фигури.

Деновиве кај нас се вжештува играта за тронот во ВМРО ДПМНЕ. Во неа учествуваат трите претседатели на партијата од кои двајца јавно признаваат дека направиле грешки во сопствените проценки и тоа на релација Георгиевски – Груевски, и потоа Груевски – Мицкоски.  На грешки во проценка не се имуни ниту претседателите на СДСМ имајќи го предвид „квалитетот“ на релациите Црвенковски – Бучковски во минатото,  Црвенковски – Заев и Заев – Шеќеринска од неодамна, како и Ковачевски – Шеќеринска и Ковачевски – Заев, иако последново не е од таква магнитуда како претходните примери, барем засега. 

Сепак, колку и да се интересни за јавноста овие интерпартиски и меѓупартиски заплети и странични вмешувања, тие во суштина се интерни борби за тронот, односно за поголемо влијание во клучните партии, а преку нив и на државата и во општеството. Тие интриги и внатрешни борби се присутни и во партии во држави членки на ЕУ како и во САД, па оттаму не треба да се возбудуваме премногу. Ги имало, ги има и ќе ги има. Погрешните кадровски проценки на лидерите имаат специфична тежина, но истата не е ниту приближна на погрешните проценки за стратешки процеси и политички одлуки кои не засегаат сите и чии последици ги живееме и денес.

Да тргнеме по ред. Македонија се воспостави како суверена и независна држава поради храброста на Петар Гошев да му каже „НЕ“ на Милошевиќ, и габаритот на Глигоров и Кљусев, односно тактичката – политичка виртуозност на Глигоров и недвосмислената евроатлантска ориентација на Кљусев. Бидејќи Гошев рано отпадна во внатрепартиските игри, на тронот во тој момент имавме  барем двајца политичари кои беа подготвени за споделување на власта и покрај различните политички провиниенции. Тоа беше одлична проценка. Впрочем првата Влада беше широка и инклузивна што подоцна се покажа како пресуден позитивен момент за успешно спроведување на референдумот и при носењето на првиот Устав. Овие двајца политичари имаа стратешки капацитет за проценка каде треба да се движиме но направија погрешна проценка ослонувајќи се на помладите, несомнено харизматични Црвенковски и Георгиевски. И тука започна циклусот на погрешни проценки и одлуки, кој за жал трае до денес.

Првата стратешка грешка беше пропуштениот момент за внатре-македонско помирување. Црвенковски започна да владее ослонувајќи се првенствено на наследениот државен апарат од социјализмот, односно на апаратот на македонската Комунистичка партија, и поттикот да се зачуваат привилегиите. Од своја страна, Георгиевски успешно мобилизираше членство  пледирајќи на целосен континуитет со историското „ВМРО“ на Гоце Делчев но и на контраверзната за етничките Македонци –  доктрина и политики на Тодор Александров и Ванчо Михајлов, како и со политиките за дерегулација, помалку „држава“ вклучувајќи и даночење, и слободен пазар, а кои беа популарни меѓу малите стопанственици и земјоделците. Овој, пред се идеолошко – политички конфликт остана да тлее придонесувајќи за континуирана поларизација на двете најголеми партии во македонскиот камп и следствено поларизација во општеството.  Причина беше неподготвеноста на Црвенковски за доследно и широко спроведен процес на лустрација на фер и демократски начин, и избегнувањето да се водат економски политики кои може најдиректно да ја засегнат социјалистичката елита.  Ослонет на дел од апаратот на социјалистичката држава, истовремено Црвенковски се соочуваше со крупен отпор од тие структури. Од друга страна, Георгиевски не беше подготвен за прогласување на дисконтинуитет од двајцата последни лидери на историското ВМРО што за резултат имаше создавање на впечаток во пошироката јавност за поизразена бугарофилија. Црвенковски и Георгиевски едноставно кажано, не беа подготвени за компромис и манифестирање на заедништво и кохезија.  Напротив, беа повеќе од подготвени за конфронтација. Од тој момент, со нашата политичка сцена владее неговото височество „рејтингот“ односно политичката популарност. Исклучоци има и може да се бараат во моменти на загуба на рејтинг поради компромиси од стратешки карактер. Пример се трите договори, Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија. По однос на Охридскиот договор, загубата на рејтингот беше пропорционално распределена. По однос на другите два договора, сметката во (не)популарност ја плати и ја плаќа СДСМ.

Втората стратешка грешка е поврзана со начинот на кој се спроведе приватизацијата. Притоа од Црвенковски беше применет метод на „менаџерски откуп“ наспроти метод на трансформација со „ваучери за сите“ за кого се залагаше Петар Гошев – последниот лидер на СКМ односно СКМ – Партија за демократска преобразба. Секако, првиот метод обезбеди многу поефикасна приватизација, но најдиректно придонесе за продлабочени нееднаквости во општеството. Впрочем, тоа беше момент на прво и многу крупно, масовно разочарување во транзицијата и објективноста и солидарноста на државата со сопствените граѓани. Негова манифестација беа низа девијации, растурени фирми, стечајни работници, долготрајни и мачни судски процеси. Со тек на време, и најмногу поради системот кој продолжува да генерира нееднаквости заедно со потфрлања во борбата против корупцијата и компромитираното судство, разочарувањето во државата и нејзините институции во моментов достигна степен на  генерирање на масовна поддршка за радикални популистички агенди.  ВМРО ДПМНЕ од своја страна не се спротивстави порешително на овој модел на приватизација бидејќи најдиректно им го полнеше базенот со избирачи, и ја чекаше и дочека својата можност да развие нова економска елита во моментот кога прв пат се создаде владата на Георгиевски.

Третата стратешка грешка беше неподготвеноста да се жртвува рејтинг за брзо зачленување во НАТО, а потоа и во ЕУ. Спорот за името со Грција се развлече најмногу поради неподготвеноста на нашите водства за непопуларен компромис, за да потоа направиме полош компромис. Овој компромис моравме да го направиме многу порано и тоа во втората половина на деведесетите, и на тој начин да влеземе не само во НАТО туку и во ЕУ, и тоа ако не порано, барем заедно со Бугарија и Романија. Овој компромис ќе не направеше и поотпорни на прелевањето на кризата на Косово. Поврзано со последново, и притоа имајќи предвид дека не беше тешко да се антиципира конфликтот на Косово и поврзаните ризици, „Едно општество за сите“ моравме да изградиме во деведесетите, а не да даваме отпор, на пример, за високо образование за Албанците или вистинска децентрализација. Тоа да го сторевме, претпоставка е дека немаше да дојде до силна мобилизација на Албанците кај нас и ќе се превенираше конфликт кој практично ги замрзна нашите евроатлантски интеграции. Опседнатоста со рејтинг и популарност, па и по цена на одлагање на реализација на националниот интерес го одбележа поголемиот дел од долгиот мандат на Груевски, а истата симптоматологија е карактеристична и за неговиот наследник на тронот, Мицкоски.

И четвртата, но не последна стратешка грешка, е создавањето на гломазни политички партии, две во македонскиот камп и една во албанскиот камп. Нашиве партии се меѓу најмасовните по членство во држави кои се или пледираат дека се либерални демократии. Од една страна, на партиите им се потребни избирачи и водствата нескриено им ветуваат привилегии на избирачите, а од друга страна, членовите и симпатизерите прават огромен внатрешен притисок врз водствата да си го исполнат ветеното. На ова не се имуни ниту помалите партии кои најчесто орбитрираат околу поголемите и не ретко коњуктурно ги менуваат орбитите. Последица е хроничниот клиентелизам и кронизам, односно создавање на капитализам на „другарчиња“. Нема поголем бизнис кај нас, а да не е испилен во партиско гнездо. Долгата рака на „партиската“ држава ја чувствуваат и малите и средни претпријатија. Сеуште се владее без целосно функционални механизми за рамнотежа и контрола. Последица е транзицијата на претежно репрезентативната демократија во партиско „едноумие“ и осцилирање помеѓу демократија со недостатоци и хибриден режим. Нашата корупција е генеричка и затоа потфрламе во борбата со неа. Затоа не воспоставуваме ефикасни механизми на непосредна партиципативна демократија и контрола, или ги воспоставуваме како демократски декор. Нема невини за оваа состојба, ниту меѓу политичките лидери ниту меѓу нас како нивни избирачи.

Нема да слушнете од партиите дека ги признаваат овие стратешки грешки, или ако слушнете,  се работи за „игра на обвинувања“, односно се обвинува политичкиот противник или претходник. Притоа се избегнува да се признае сопствената погрешна проценка.  Ние и во моментов не учиме од овие грешки. Пред да научиме нешто, мора да признаеме дека сме направиле лоша проценка. Оваа колумна бидејќи форматот не дозволува одење во длабочина, е само површен обид за анализа на нашите политички грешки, дел од нив стратешки.  Без подлабока анализа нема да можеме да го преведеме ова искуство во прецизни лекции, ниту пак ќе можеме научените лекции да ги примениме во пракса, а со цел да не се повторуваат грешките.

Зачлени се на нашиот е-билтен