Замислете сега во една држава критична маса која ем не разбира дека стандарди како оние на ЕУ се големо подобрување на услугите од државата, ем сите тие луѓе се истопоруваат како одлучувачи за државата – сите гласаат против влез на ЕУ стандардите.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Нострадамус не е по ништо друго популарен освен по збирката песни која редовно отпосле ја дешифрираме како предвидувања (во смисла на точни, како што сугерира самиот збор: „пред“ + „види“). Така, не е ништо ново да се каже дека моќта за предвидување е храна за гладот на човештвото во постигнувањето сигурност за својата иднина. Бидејќи сака да живее. Човекот сака да е жив и да живее. Но, за жал, за иднината не може да биде 100% сигурна, па оттаму и се поговорките од вид дека само будалите се 100% сигурни, а исто така со тоа е поврзан и феноменот на Данинг-Кругер. Се разбира, никој не се смета за глупав ако во сегашноста си знае 100% за сегашни состојби, на пример, својата адреса на живеење или информациите што ги прима од сетилата. Но, за иднината може да се предвидува нешто, евентуално, заради повторувањето на нештото во нашето искуство. На пример, за утре, 100%-но си знаеме дека „сонцето ќе изгрее“ (па макар и зад облаци), ама, секако, малку нѐ јаде црвче кога ќе го помислиме тоа, разбирајќи си ја космичката маленкост – дека тие 100% „знаење“ се всушност 99.99999…%. Затоа што тоа е за утре.
Така, науката го прави човекот помалку од 100% будала заради зголемување на моќта на предвидување: Некоја појава се проучува преку повторувањата, додека не се стигне до парче заклучок, доста подалеку од 50-50 (фрлање паричка). Со принципите што науката ги применува, а тоа се во основа логичките закони од стандардната логика, но и статистичките правилни интерпретирања, се постигнува подобрување на животот на човекот, затоа што се постигнува подобрување на сигурноста барем за делови од иднината. Затоа науката е тешка, особено екстрактите – математичките методи и филозофијата: Дословно газиме по трња до ѕвездите (Per aspera ad astra) со цел „патиштата Господови“ да станат наши т.е. што помалку чудни. Притоа, многумина вака „измачувани“ особено во училишните и студентските денови, многу добро сфаќаат дека нема никогаш да се случи 100%-но точно предвидување, па макар ја имале и целата наука на дланка. Секое тврдење исклучиво за во идно време е веројатносно, но тоа не е такво разочарување за да се кренат раце од наука, напротив.
Од друга страна, пак, колку е некој поблиску до 100% будалеста непросветленост, „чудата“ преовладуваат во неговиот живот, дури и ги поканува. Јасно е и зошто: Да се биде сведок на чудо е всушност крај на „тортурата“ за потрага по вистината. Тоа е рецептот за инстант чувство на сигурност, но е само чувство. Тоа е утеха и прекин на дејствата за влијание врз сопствената иднина. Тоа е момент кога целата своја судбина (иднина) му ја предава на „битие“ специјално измислено за постигнување на тој раат. За возврат, ќе ги трпи патем и неизбежно намножените „лоши чуда“ како „волја“ на тоа битие. Но, кој друг ако не математичар, ќе расипе работа на раатот: Лајбниц е особено познат по Принципот за доволна причина, односно дека сѐ си има свое „ако“. Дека чудата не се возможни. Дека ден за ден нижеме причини и последици и се обидуваме, не само да предвидуваме, туку и да предодредуваме. Да влијаеме на иднината, да си „местиме“ да ни биде подобро, најмалку на индивидуално ниво, но цивилизирано, без да се оштетува друг, а со стремеж (многу важен за цивилизираноста), на што повеќемина да им е подобро. Па сега, несериозното сфаќање на врската меѓу причините и последиците, како и кршењето на Законот за неконтрадикција (А и не-А не може истовремено) преку мешање на методите на демократијата (инаку – хегемонија на А, море еј!), не е ништо друго освен незрелост за вклучување во човечката цивилизација.
Македонија има веќе одамна изразено желба да биде дел од напредната цивилизација како стратешка определба, но дали таа определба е сѐ уште вистинита? Па секој би се посомневал кога би ги видел парадите на кич-резон, манипулации и анти-ЕУ подбуцнувања од шеф, (не помалку!), на битна партија (ВМРО-ДПМНЕ) којашто, пак, уште и уверува дека била про-европска.
Замислете сега во една држава критична маса која ем не разбира дека стандарди како оние на ЕУ се големо подобрување на услугите од државата, ем сите тие луѓе се истопоруваат како одлучувачи за државата – сите гласаат против влез на ЕУ стандардите. А воедно тоа е држава што изразила желба да се приклучи на цивилизацијата. Ова е можна слика на Македонија, доколку се остават ретроградните да зафатат голем удел во гласањето, но не важи за Албанија, на пример, бидејќи и со површен преглед се издвојуваат повеќе индикатори дека логичките столбови таму не се од стиропор. На пример, паѓа в очи огромниот процент на нерелигиозни во Албанија, што може да укажува на помала подложност за уважување „чуда“. Односно, Законот за доволна причина, Законот за неконтрадикција итн., таму се земаат за посериозна работа отколку што е тука случај. Да, Македонија има веќе одамна изразено желба да биде дел од напредната цивилизација како стратешка определба, но дали таа определба е сѐ уште вистинита? Па секој би се посомневал кога би ги видел парадите на кич-резон, манипулации и анти-ЕУ подбуцнувања од шеф, (не помалку!), на битна партија (ВМРО-ДПМНЕ) којашто, пак, уште и уверува дека била про-европска. Односно, на збор е, а суштествено – не е. О’Брајан, којшто не е било кој, не се стеснуваше да го каже тоа со стилска фигура, но јавно.
Сликата им е јасна за 1 секунда, и на О’Браен, и на Блинкен, и на Агелер, и на Коп, и на сите европски и американски претставници, та не се од вчера: ЕУ не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ оти просторот за матење вода се намалува и мораат да тераат со друга агенда, додека пуштаат летки дека биле „проевропски“ колку да можат уште да играат.
Колку беше срамен тој фестивал од нонсенс контрадикторности, манипулации со патос, црвени харинги и сламени човечиња од шефот на ВМРО-ДПМНЕ на прес: „…предизвиците со коишто се соочи македонскиот народ и Македонија на тој пат кон ЕУ, предизвици коишто ниту еден народ во Европа ги немаше…“ Никој ли немал почитување договори во својата Преговарачка Рамка, па милион пати е раскажано како Хрватска и Словенија имаа сериозни проблеми! Но, за да манипулира мора да го ослаби тој аргумент до тотално игнорирање, а врз оваа неточност повикува емоции за нефер специјален третман кон Македонија. Секако дека намерата е конзуматорот на ова да се почувствува лошо. Очигледно, смета дека (му) е од корист предизвикување на негативна емоција кон ЕУ. Потоа, за предизвиците, „…Ниту една држава која што претходно беше дел од поранешниот Варшавски блок ги немаше, како што тоа го имаше македонскиот народ.“ Ајде малку и црвени харинги на одвлекување внимание, во име на компарација со нешто што нема врска со Македонија. Ниеден аргумент што би важел за земјите од бившиот Варшавски блок не важи, ниту може да важи за Македонија. Ако мисли да направи градација, тогаш плус покажува големо незнаење или игнорирање на интересите на големите сили, што само по себе е работа на сопствена (и наша!) штета. Тие спаѓаат во услови во „ако“-то, а ваму сакаш ем да „редиш“ иднина, ем да ги игнорираш!
Потоа, уште, манипулацијата со патосот ја повторува и дополнително засилува, „…да биде уценувана, да биде шиканирана…“. Ова е веќе срамно, дури и за анализа. Од вакви работи претставниците на ЕУ и САД сигурно заклучуваат дека невозможно е да бараш да бидеш дел од ЕУ, ако мисиш дека ЕУ е уценувач и шиканирач, не? Еден САД или ЕУ претставник сигурно за секунда ќе се запраша – дали од ВМРО-ДПМНЕ не се информирани дека ветото со кое Бугарија ги бараше сите работи од „Објаснувачкиот меморандум“ всушност се укина со изгласувањето на Рамката од бугарското Собрание уште во јуни 2022 и тоа, по усвојувањето на македонските услови за прифатливост на истата? Дека Рамката не ги содржи небулозите што ги споменува шефот на ВМРО-ДПМНЕ како услови? Дека токму идентитетот, културата, традицијата и обичаите воопшто не се предмет за „полагање“ во ЕУ? (Всушност, полагање е вистинскиот збор, „преговори“ е еуфемизам). Ако не се неинформирани, тогаш, следнава реченица на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, како инаку да се сфати, освен како стратегиска манипулација за внатрешно собирање гласови врз основа на вето што токму ВМРО-ДПМНЕ го наметнува врз Македонија, инсинуирајќи дека трае ветото од Бугарија: „… да ѝ биде ставано вето за причини кои што немаат никаква врска со Копенхагешките критериуми, туку исклучиво поради себични причини, атак и удар врз нејзиниот идентитет, култура, традиција, обичаи.“ Е, па, денес признавањето на бугарското малечко малцинство е Копенхагеншки критериум за кој „проевропско“ ВМРО-ДПМНЕ не гласаше и така ѝ наметнува вето на Македонија кон ЕУ!
Еден САД или ЕУ претставник сигурно за секунда ќе се запраша – дали од ВМРО-ДПМНЕ не се информирани дека ветото со кое Бугарија ги бараше сите работи од „Објаснувачкиот меморандум“ всушност се укина со изгласувањето на Рамката од бугарското Собрание уште во јуни 2022 и тоа, по усвојувањето на македонските услови за прифатливост на истата? Дека Рамката не ги содржи небулозите што ги споменува шефот на ВМРО-ДПМНЕ како услови? Дека токму идентитетот, културата, традицијата и обичаите воопшто не се предмет за „полагање“ во ЕУ?
Извинете, ама ЕУ и САД сигурно не купуваат ваков нонсенс кичерај. Уште и се дотепа пред сите со „И поради хегемонистичкиот пристап за жал на одредени наши соседи и би рекол недоволната волја во рамките на самата ЕУ сепак се наоѓаме сѐ уште во ходникот, а не можеме да преговараме бидејќи видовме кога има јасно изразена волја во самата ЕУ како се решаваат проблемите на последниот декемвриски самит.“ Што бараш на сиот глас, тогаш, да членуваш кај „хегемони“ и кај тој тип на решавачи на проблеми „како на последниот декемвриски самит“?! И што нѐ влечкаш во лоша ситуација заедно со твоите 300000 измамени – и нас милион и пол со по две очи, кои согледуваме дека влез во ЕУ е добро за сите? Како оваа анти-ЕУ настроеност на ВМРО-ДПМНЕ е „проевропска“? А и таа анти-ЕУ настроеност е презентирана како „труење на бунарот“ (Бугарија во ЕУ), само и единствено тоа да служи како алатка за освојување на тотално друг интерес – контрола на Буџетот, големото чекмеџе! Сликата им е јасна за 1 секунда, и на О’Браен, и на Блинкен, и на Агелер, и на Коп, и на сите европски и американски претставници, та не се од вчера: ЕУ не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ оти просторот за матење вода се намалува и мораат да тераат со друга агенда, додека пуштаат летки дека биле „проевропски“ колку да можат уште да играат. Еве што се гледа јасно:
Прво: ВМРО-ДПМНЕ со чамоглавоста („не попуштале“) во основа ветува национална „јачина“, но не го формулира тоа на позитивен начин, туку со „не“ и „нема“, бидејќи тоа побудува силна емоција, јасно – негативна. Ако формулира било што на позитивен начин – ВМРО-ДПМНЕ нема ништо в рака: Аргументот дека јазикот, историјата, обичаите, традицијата итн. се оспорени – пропадна со самиот текст на Рамката. Македонскиот јазик и идентитет ги оспорува само бугарското ВМРО и слични, и тоа онака, под јорган. Но никој друг не ги оспорува, напротив, го гледаме на преведувачките табли во ЕУ и е успешно промовиран во многу земји.
Второ: Освен побудување негативни емоции, ВМРО-ДПМНЕ пати од надуена, но ужасно празна „самодоверба“ дека сите останати пијат нафта. Имено, за продолжување на преговорите со ЕУ на начинот број 1 – да се гласа тривијалното вметнување на малцинствата во Преамбулата – дословно зависи и од други партии поради 2/3-скиот услов. Тоа не им се допаѓа и затоа промовираат начин број 2, кој во пракса е невозможен – да се смени Рамката и потоа да се убедат сите земји сосе Бугарија одново да ја усвојуваат таа нова Рамка. Ваква глупост нема да чуете во ниедна друга земја, особено затоа што и за некаква нова Рамка и морската работа од 100 години за вакво нешто (брзина што ја „вети“ шефот на ВМРО-ДПМНЕ лично), пак на крај останува зависноста од другите за 2/3. Но, ѓаволскиот план зад оваа глупарија е дека тоа треба да остане за некоја следна гарнитура во Законодавниот дом. Личи познато? Шема – Синохидро. Не, фала. Куририте со штапските лекции да не сме се враќале во минатото за фино убаво да си ја заборавиме, на пример, оваа шема, па златното им ДПМНЕ да ни ја повтори на наш грб – навистина мислат дека им истекува памет од главата, а дека ние другите сме шупелки. Па ваква конструкција веднаш покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не сака продолжување на преговорите – едноставно не ѝ паѓа на памет да биде зависна од ниеден друг фактор. И тоа го јавува исто така преку куририте (како Керим, еве да се прекрстиме!) – им пречи и присуството и набљудувањето на факторите од цивилизацијата! Ова е толку, стравотно глупаво и за самата партија – се сведоа на старовремско матење вода и со тоа – неминовен пад, оти со вакви нонсенси никој не ги есапи ни за сериозни, ни со капацитет за договарање. Настрана што еден по еден и претходно се имаат дебело обрукано, како кај Борисов и Петков. Како ќе молат таму и за што.
Трето: Врз основа на нивниот катастрофален „алтернативен начин“ 2, креираат паралелно, две пропаганди: Едната е лажна дилема дека се бира меѓу начин 1 и начин 2, кога начинот 1 е изводлив, јасен, добар за сите, одобрен од сите. А другата пропаганда се состои во нивните пресмешни апели за демократија небаре за решението на проблем треба да се уважи и неточното „решение“ па да си направиме убав коктел од двете за да добиеме убава „голема слика“ во име на демократијата. Но, коктел од едно исправно дејствие според начинот 1 и глупавите 26 дејствија од начинот 2, само прави 27 глупави дејствија и 100 години до влез во ЕУ.
Четврто: Празното чукање в гради е воедно и обвинување дека никој друг не може да ги обезбеди работите за нацијата, оние што тајно тлеат под нивното „не“ како мачка во вреќа. Толку празна слама е нафрлена во име на „националниот идентитет“ само за да се напаѓаат сите останати дека се „предавници“ (Strawman fallacy): Нивниот „начин 2“ за продолжеток кон ЕУ е облека за сламеното човече, приказ дека (ќе) се „освојува“ некое мистично својство од сферата на „националните интереси“ како што се изразуваат. Никој не знае што точно е тоа. Ако мислат на невметнување на малцинствата во Уставот, тогаш тие сами на себе си ја применуваат својата пропаганда – па македонскиот идентитет не е таква вејка па да се дувне од некакво вметнување на малцинства во Уставот! Тотален нонсенс ако малцинства го уриваат македонскиот идентитет! Но, за жал, ВМРО-ДПМНЕ претерано редовно го крши Законот за неконтрадикција… И ништо не им е. Но, за наша среќа, по таа некохерентност и се проценувани. Ако, пак, мислат на зајакнување на македонскиот идентитет заради зајакнување на разни сфери од општеството за постигнување на сонуваната мериторност, но без помош од ЕУ, тоа е кршење на Законот за доволна причина, со нонсенсот на ставање на последицата како услов (Affirming the consequent): Имено, после Уставните промени следуваат полагањата на испитите од ЕУ со кои македонскиот идентитет се зајакнува како што се зајакнува сигурноста по соодветните области со примена на ЕУ стандардите (а први на ред за полагање се судство и правда). Навистина ли после ВМРО-МВРО некој мисли дека имаат капацитет за мерит и правда.
Сета каша-попара од опструкционизам, измама, подели-па-владеј, промовирање погрешен правец итн. е со цел на правење конфузија. Така стигнуваме до тоа, дали можеме како народ да си ја (пред)одредиме иднината, јасно, без празните дрдорења на партиите „ние ќе победиме“ и слични самореферентни манипулации со емоциите. Не се работи за избор овде – „избирањето“ меѓу директна патека и 26 планини/ мориња, има мирис на конфузија уште побетер тип на „решавање“ со фрлање паричка. Тоа е како фрлање коцка со обложување на „седумка“! Ние сме далеку подобри од сето тоа. Нашата определеност, како народ, за дословно – полагање од страна на нашите власти и институции триесет и кусур предмети за цивилизирани стандарди според кои треба и сакаме да живееме би требало да е сегашно 100%-но наше знаење, со јасност како кога вљубен човек знае дека е вљубен, како мајка што не бира дали ќе му биде добро или не на своето дете. Тоа знаење е уште посилно од 100%-ната сигурност за сопствената адреса, на пример. Значи, не е гласањето на избори баш „избор“ или „волја“, туку бистра намера од сегашноста – за иднината. Треба, секој што може – да гласа, за да се намали уделот на корумпирани одлучувачи на нашата иднина во вкупниот број на одлучувачи. А и немојте да кажете дека не ви е задоволство да ги видите властите и институциите како се потат полагајќи над триесет предмети на ЕУ заради вас!