Јакимовски доби пресврт од Врховниот суд само 57 дена откако започна да ја издржува едногодишната затворска казна. Највисокиот суд ги укинал пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелацискиот суд и го вратил предметот на повторно одлучување.
Стевчо Јакимовски доброволно се јави на издржување на казната на 15 јули. Тој беше осуден за бесправно градење на административниот објект во кој била сместена Општина Карпош, во периодот кога ја извршувал функцијата градоначалник.
Првостепениот суд во април 2025 година го прогласи Јакимовски за виновен за бесправно градење и злоупотреба на службената положба, изрекувајќи му единствена казна од три години и шест месеци затвор.
Апелацискиот суд ја потврди едногодишната затворска казна за бесправното градење, додека делот од постапката што се однесува на злоупотребата на службената положба го врати на повторно судење. Врз основа на правосилниот дел од пресудата, Јакимовски беше испратен во затвор.
Во казната му беше пресметан и периодот од речиси пет месеци што го помина во куќен притвор во 2019 година. Дел од издржувањето на затворската казна, од 5 до 26 август, го помина на болничко лекување поради здравствени проблеми.
Одлуката на Врховниот суд не претставува ослободителна пресуда. Со укинувањето на одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд, предметот се враќа во судска постапка, во која доказите и кривичната одговорност повторно ќе се разгледуваат.

