(ВИДЕО) Пат над морето, тунел под брановите, кинеско чудо собори 10 рекорди

Кинеско чудо што ги поврзува Шенжен и Џунгшан се протега 24 километри над и под морето, спојувајќи мостови, вештачки острови и подводен тунел во една автопатска целина. Комплексот беше отворен за сообраќај во јуни 2024 година, а при неговата изградба, според проектните податоци, биле поставени десет светски рекорди.

Трасата го пресекува естуарот на Бисерната Река во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Наместо возачите да го обиколуваат заливот речиси два часа, новиот премин го скратува патувањето меѓу двата големи индустриски центра на помалку од 30 минути.

Осумте сообраќајни ленти најпрво минуваат преку морската површина, а потоа патот се спушта под брановите и продолжува низ подводен тунел долг околу 6,8 километри. Преминот меѓу мостот и тунелот е изведен преку вештачки острови, со што е овозможено непречено движење на бродовите и воздушниот сообраќај во близина на аеродромот во Шенжен.

Меѓу инженерските достигнувања се вбројуваат една од најдолгите целосно морски висечки мостовски конструкции, огромните подводни бетонски сегменти и исклучително широкиот потопен тунел. Главниот распон на мостот изнесува 1.666 метри, додека коловозот на одредени места се издига повеќе од 90 метри над морето.

Подводниот дел бил составуван од масивни челични и бетонски сегменти, кои најпрво биле изградени на копно, а потоа пренесени, потопени и споени на морското дно. Секое минимално отстапување можело да ја наруши водонепропустливоста и стабилноста на целата конструкција.

Изградбата започна во 2017 година и траеше седум години. Проектот чинеше повеќе милијарди долари и беше замислен како една од главните сообраќајни артерии во економската зона околу Хонгконг, Макао, Шенжен и другите градови во делтата на Бисерната Река.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?