Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема бегство од заедницата дури и кога би ги имале сите пари на овој свет

Во времето на осумдесеттите, беше престиж да се купат “најки”, “левиски” од конзерва, и затоа социјализмот мораше да пропадне затоа што во себе немаше некој компетитивност, а луѓето сакаат конкуренција, сакаат да бидат убави, негувани и “шарени”. И немам сомнеж дека сивилото на социјализмот нужно мораше да пропадне

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Пред некоја ден се фатив себе во една прилично несвесна и нарцистичка пракса на Фејсбук. Имено, во некоја меланхолична летаргија предизвикана од жешкото време и влажниот воздух (на Малта), објавив слика-селфи од кафулето во кое испивам кафе и пишувам текстови за Frontline.mk. Па, контемплирајќи, почнав дијалог со себе.

Ние сите сме многу чувствителни кога „државни авторитети” ќе ни ги побараат нашите лични податоци, ама кога се работи за Фејсбук или Инстаграм, доброволно и без присила се соблекуваме до гаќи за тоа каде сме, што јадеме, каде пливаме, на кои дестинации патуваме…, сакаме да изгледаме единствено, автентично и грациозно.

Тука влегуваме во една дисциплина на мислење што ја имаше Аристотел: “човекот е општествено битие, и нема надвор од заедницата. За ние да побегнеме од општеството треба да сме или богови или sверови”. Прашањето кое почнав да го развивам е следно: каков е тој “тригер” или опсесија на човекот што толку многу се навлече на мрежи и апликации? Да бидам искрен, кога мене би ме анкетирале на улица, прва спонтана реакција би ми била: а, зошто тоа го правите или за кого работите што ви се потребни моите лични податоци?

Е, сега, низ историјата постојат примери од типот на Заратруста или американскиот натуралист и трансценденталист, Хенри Торо, ама по ѓаволите, и тие после извесно време се вратија во заедницата. Сакам да кажам дека ние луѓето не можеме без општеството; исто така важен е текстот на Маркс кој се нарекува “Фрагмент за машината”: човечката соработка и ко-креација на општеството кое заедно работи на нешто кое денес го нарекуваме “general intellect”. Секогаш кога одиме на Google, секој наш “general intellect”, секоја наша желба во некоја смисла – на пример додека гугламе – произведува капитал за таа фирма. Секогаш кога сме во автомобил и користиме навигациски систем, ние всушност работиме за Google.

Eве што мислам дека се случува: капитализмот преку технологијата успеа да пенетрира во нашата “либидална eкономија”. Лиотар, француски филозоф, вака ја дефинира “либидалната економија”: од една страна имаме политичка економија (плата, експлоатација, класи и сл.), а либидалнатa eкономија претставува економија која е врзана за психоанализа, човечко либидо, поточно врзана е на “машина од желби” (ние луѓето сме машини од желби).

Или со други зборови: либидалната економија може да создаде профит од нашите желби, од нашето несвесно. Да не заборавиме дека Марк Зукеберг ја отвори Фејсбук платформата за нешто “да преврти”. А, пак, апликацијата “Тиндер” е нешто многу појасно и поотворено зошто луѓето на оваа апликација се поврзуваат со целиот свет. И се’ ова ја менува нашата свест, така што кај луѓето се изразува и онаа спонтана, а сепак нарцистичка нишка за самокомодификација.

Ние луѓето, што би рекол сјајниот Марициус Лазаратус, се претвораме во – self-entreprenur, самопретприемачи. Денес секој станува самопретприемач: сам мора да купиш компјутер, сам мораш да ги платиш трошоците, сам работиш од дома… Таквиот самопретприемач го имаме на секој чекор: во нашите меѓучовечки односи, во љубовта, или се што работиме е една врста на саморекламирање.

Додека си ја капам главата со овие мисли на прекрасниот остров Малта, околу мене минат Афроамериканци, Непалци, Филипинци, Кинези, Италијанци, Французи, Британци… И сите околу мене конзумираат во Медитеранот од желби. Сите околу мене трошат и посакуваат. На дваесетина метри од мене, гледам паркирани супер луксузни јахти, јавни простори кои се беспрекорно чисти, луѓе кои цело време се sверат во своите мобилни телефони со редовно прикачени слушалки во ушите. Како презерватив наденат на себе за да ги штити од околниот свет; повнатрешнети, осамени и силно стерилизирани во својот свет.

“Себичноста е добра”, велеше онаа Реганова Америка од осумдесеттите, ама ете, нешто во мене се опира, нешто во мене се буни. И оваа култура полека се всадува и на нашите деца за која немам одговор дали е добра или лоша. Не сум против технологијата, напротив, и самиот користам паметен телефон и компјутер, секојдневно пишувам и објавувам. Единствено кое ме плаши се тие “баблс” кои создаваат страшна фрагментација помеѓу луѓето. Нашиот свет, барем додека јас растев беше преполн со односи меѓу луѓето, немавме страв од физичка манифестација на себе преку другите луѓе.

Денешниот свет е создаден од пиксели, нули и единици; денешниот свет е алгоритам на Фејсбук, Инстаграм и корпоративна индустрија од видео игри; и оваа промена е огромна за нашата човечка свест за разлика од пред 100 години, во времето на индустријалецот Хенри Форд кој произведуваше конкретни работи, денешниот свет произведува нематеријални работи во кои се вратат премногу пари.

Хенри Форд произведуваше милиони автомобили во една боја, а денес производите се интелектуални, што значи производите денес не се конкретни и се неопипливи.

Или можеби сите сме дел од тој нематеријален капитализам, оној Cloud Capital, а потоа ќе се чудиме кога Филипинци или Непалци ќе ги земат нашите работни места затоа што повеќе нема или многу малку има занаетчии и хаузмајстори.

Во времето на осумдесеттите, беше престиж да се купат “најки”, “левиски” од конзерва, и затоа социјализмот мораше да пропадне затоа што во себе немаше некој компетитивност, а луѓето сакаат конкуренција, сакаат да бидат убави, негувани и “шарени”. И немам сомнеж дека сивилото на социјализмот нужно мораше да пропадне, ми се чини. Немањето демократија, човекови права, слобода на говор, тоа беше навистина страшно.

Од друга страна, ми се чини, во нашата свест беше врежано дека капитализмот оди заедно со демократијата, човековите права и слободниот пазар. Денес, пак, галеничето на тој турбо капитализам персонифициран во Доналд Трамп, ако дојде на власт, самиот ќе се залага за протерување на мигранти и укинување на демократијата. Земја која извезува демократија и човекови права, има шанса да изгласа еден манијак, капиталист, што ќе воведе чистки низ цела Америка. А, пак, од друга страна исто така е јасно дека вие не може да одите на избори доколку немате позади вас капитал, а тоа е јасно и кај нас, не само во таа турбо капиталистичка Америка, а и тој капитал утре планира да го застапуваш…

На крај, а со тоа и завршувам: ќе видиме колку ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе добри или лоши политики за кои ќе ги натера “трбухом за крухом” надвор од земјата, а тој дефицит од работна сила ќе го пополнува со кого?

Во Хрватска, Црна Гора и Србија тој вакуум веќе се случува: дупката од работна сила ја пополнуваат луѓе од Непал, Филипини, Јужна Америка… (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира