Шпанија може да остане надвор од Евровизија и во 2027 година. Претседателот на јавниот сервис RTVE, Хозе Пабло Лопез, најави дека ќе побара од Управниот одбор да продолжи бојкотот поради учеството на Израел, оценувајќи дека промените што ги направила Европската радиодифузна унија не се доволни. Конечната одлука се очекува до средината на октомври.
Лопез, на сослушување пред парламентарна комисија, рече дека за него е „длабоко болно“ што израелскиот јавен сервис КАН и натаму има право да учествува на натпреварот додека трае хуманитарната криза во Газа. Тој најави дека пред Управниот одбор на RTVE ќе предложи Шпанија да не се враќа на Евровизија следната година.
Тоа засега е предлог, а не конечна одлука. И минатата година иницијативата за повлекување дојде од Лопез, по што Управниот одбор на RTVE ја одобри со 10 гласа „за“, четири „против“ и еден воздржан.
Шпанија беше една од петте земји што ја бојкотираа Евровизија во Виена во 2026 година поради учеството на Израел. Заедно со неа не настапија Ирска, Холандија, Исланд и Словенија. Одлуката на Мадрид имаше дополнителна тежина бидејќи Шпанија е дел од таканаречената „Голема петорка“, најголемите финансиски придонесувачи во Европската радиодифузна унија кои директно се пласираат во финалето.
По минатогодишниот спор, ЕБУ воведе повеќе промени со образложение дека треба да ја заштити политичката неутралност на натпреварот. Меѓу нив се построги правила за политичко влијание, а од 2027 година земја зафатена со вооружен конфликт може да биде прогласена за неподобна да биде домаќин и доколку победи. Сепак, тие измени не го спречуваат израелскиот јавен сервис да учествува.
Токму тоа останува главната причина за позицијата на RTVE. Лопез оцени дека дел од барањата на шпанскиот јавен сервис биле прифатени, но дека основното прашање поради кое Шпанија се повлече не е променето.
Ирска веќе официјално соопшти дека нема да настапи на Евровизија 2027 поради продолжувањето на израелското учество, додека и холандскиот AVROTROS најави продолжување на бојкотот, оценувајќи дека натпреварот не успеал да ја врати потребната неутралност.
Евровизија 2027 ќе се одржи во Бургас, откако Бугарија победи на годинашното издание во Виена. Полуфиналињата се закажани за 11 и 13 мај, а големото финале за 15 мај.

