Иницијатива: Без телефони на часовите во битолските училишта

телефони

Мобилните телефони да се исклучуваат или да бидат ставени на тивок режим и да се оставаат на однапред определено место за време на наставата во сите основни и средни училишта во Битола. Ова е иницијативата на градоначалникот Тони Коњановски, која треба да се разгледа на следната седница на Советот на Општина Битола.

Во иницијативата се наведува дека неконтролираното користење на мобилните телефони може да влијае врз вниманието и концентрацијата на учениците.

„Честото проверување пораки, социјални мрежи, видеа и игри, докажано е дека го одвлекува вниманието од наставата и може да го наруши текот на часот“,  се наведува во образложението на иницијативата поднесена до советниците од страна на градоначалникот Тони Коњановски.

Според предлогот, секое училиште самостојно ќе го утврдува начинот и местото на кое ќе се оставаат телефоните, врз основа на претходно утврдени правила во училишниот кодекс.

Користењето на телефонот би било дозволено само во одредени ситуации – за ученици на кои им е неопходен поради здравствени или други оправдани причини, во итни и неодложни ситуации, како и кога наставникот ќе дозволи користење за образовни цели.

Од гимназијата „Јосип Броз Тито“ велат дека кај нив оваа практика веќе се применува неколку години.

„Кај нас ова веќе се спроведува со одлука на Наставничкиот совет и со поддршка од Советот на родители. Сите ученици и наставници задолжително ги оставаат своите мобилни телефони во кутии со прегради, кои ги набавивме специјално за таа намена. Но, кога мерката е поддржана од Општина Битола и од Советот, таа ќе може уште поквалитетно да се спроведува. Сметам дека е добро да се каже што ќе следува доколку не се почитува ова правило. Ако има права, има и обврски, но и реперкусии за сите што нема да го почитуваат ова правило“, вели Лидија Спасева, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Во иницијативата како очекувани резултати се наведуваат подобра концентрација на часовите, помалку нарушувања на наставата и подобра комуникација меѓу учениците и наставниот кадар.

„Училиштето е место каде што учениците можат непречено да учат, да се дружат и да развиваат здрави навики. Ограничувањето на користењето мобилни телефони за време на наставата гарантира подобра и поефикасна училишна средина“, се наведува во иницијативата.

Правилата треба да важат еднакво за сите ученици и да се применуваат на фер и ненасилен начин.

Иницијативата е дел од дневниот ред на 16-та седница на Советот на Општина Битола, која е закажана за петок, 18 септември, а претходно е разгледана и на комисиската расправа на Комисијата за јавни дејности.

Е. М.

*Преземено од Локал Актив пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?