Полициската акција што во понеделникот се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија доби нова димензија откако министерот за здравство Сашо Клековски откри дека во центарот на случајот не се класични лекови, туку нелегални суплементи што се продавале, меѓу другото, за подобрување на потенција и „поддршка на машкоста“.
Првичните информации во текот на денот говореа за голема операција против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи. Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека се спроведува акција насочена кон група осомничена за криумчарење стоки и коруптивни кривични дела, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Вечерта, во гостување во „Топ тема“ на Телма, Клековски ја прецизираше природата на препаратите што се предмет на интерес на истрагата.
Според него, не станува збор за лекови во класична смисла, туку за додатоци и производи што се пласирале со ветувања за различни здравствени ефекти, меѓу кои и подобрување на машката сексуална функција.
Клековски рече дека станува збор за комбинации од различни тревки кои се продавале како средства за „поддршка на машкоста“ или за подобрување на функцијата на одредени органи, иако не биле регистрирани во земјава за таква намена. Тој оцени дека ваквите производи не носат само финансиски, туку можат да предизвикаат и здравствени последици.
Министерот ја поврза операцијата со пошироките активности за спречување на шверцот и нелегалната трговија со лекови, суплементи и други препарати, нагласувајќи дека станува збор за пазар кој, според неговата оценка, подолго време бил толериран.
Акцијата започна во утринските часови на 21 септември. Официјалната потврда од МВР беше дека Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал постапува под раководство на обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Претреси се вршеа на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Според информации објавени од повеќе медиуми, биле приведени најмалку шест лица, но надлежните институции во првичната официјална информација не соопштија конечен број на осомничени и приведени.
Медиумите објавија и дека при дел од претресите бил пронајден магацин со различни медицински препарати и суплементи, како и опрема за екстракција на масло. Деталната листа на запленетите производи и нивниот состав допрва треба да биде утврдена и официјално соопштена од институциите.
Нелегалната трговија со препарати што се рекламираат за подобрување на потенцијата не е нов феномен во Македонија.
Во годишниот извештај на Царинската управа за 2023 година е евидентиран случај во кој била спречена нелегална трговија со околу четири тони таблети и гел за орална употреба за потенција. Во заплената имало десетици илјади пакувања производи, а нивната вредност била проценета на 41,7 милиони денари. Царинската управа тогаш ги означила производите како ризични по здравјето на граѓаните.
Тој случај не е поврзан со сегашната истрага, но покажува дека пазарот со нерегулирани препарати за потенција со години е предмет на царински и полициски контроли.
Најновата операција сега треба да покаже од каде потекнувале производите што биле предмет на истрагата, како биле внесувани и пласирани на пазарот и колкав бил обемот на нелегалната продажба.
По завршувањето на истражните дејствија се очекуваат подетални информации од МВР и Обвинителството за запленетите производи, осомничените лица и конкретните кривични дела што ќе им бидат ставени на товар.

